Пациент со цистична фиброза моли за терапија: Ние имаме право на лек

Млад пациент со цистична фиброза, хоспитализиран на Клиниката за пулмологија, ги моли надлежните да ја набават потребната терапија… 

Молкот од институциите причина за 31-годишниот Игор Пехчевски од Берово борбата за терапија за болните од цистична фиброза да ја води на социјалните мрежи. Со фотографија од болнички кревет и транспарент „Имаме право на лек“ в раце, ги моли надлежните што побрзо да го набават лекот трикафта.

За Игор, но и за останатите околу 130 пациенти со цистична фиброза лекот „трикафта“ буквално живот значи бидејќи не ги ублажува само симптомите, туку го лекува самиот причинител на болеста и го продолжува животниот век на пациентите.

Редовни прегледи, медикаменти, инхалации – секојдневието на Игор не е нималку налик неговите врсници. Поради неговата состојба принуден е неколку пати годишно по десетина дена да се хоспитализира на Клиниката за пулмологија, каде што е и во моментов.

Од Министерството за здравство нема одговор на прашањата од Канал 5 дали и кога се планира набавката на оваа терапија. Инаку во светски рамки лекот трикафта успешно се користи веќе три години, а достапен е и во некои од земјите од соседството како Србија, Бугарија и Грција. Асоцијацијата за цистична фиброза настојува на брза набавка но и бесплатно лекување на пациентите бидејќи без поддршка од Фондот, 30-дневен третман за едно лице чини 18.000 евра.