Connect with us

Македонија

„Македонци има во 500 села во Егејска Македонија – дејствуваат како лек на остриот грчки национализам“

Published

on

Павле Воскопулос Филипов (ПВ) од партијата на Македонците во Грција „Виножито”, познат застапувач на правата на Македонците во Грција, во интервју за Институтот за комуникациски студии (ИКС), вели дека за националните прашања во Грција решава „длабоката држава“ и оти, ако има позитивна клима во општеството, тогаш дека останатото во доменот на правата ќе зависи од самото македонско малцинство.

ИКС: Кое име претпочитате да го употребуваме за време на овој разговор: Македонија, или „с“.Македонија?
ПВ: Нема никаков проблем кога станува збор за државноста, кога станува збор за држава значи Македонија е држава. А во Грција е само регион. Не е проблем, бидејќи ние се разбираме. На други средби на рамниште на политичари се употребуваат официјалните имиња на државите.

ИКС: Дали со Преспанскиот договор се смени нешто на подобро за македонското малцинство во Северна Грција?
ПВ: Преспанскиот договор е важен за билатералните односи меѓу Републиката и Грција и за патот на македонската држава кон европските структури. За македонското население тука, за малцинството, сè зависи од однесувањето на државата во која живееме, и секако од апетитите и свеста на припадниците на македонското малцинство. Преспанскиот договор е позитивен за односите меѓу двете држави, но не е поврзан и не може да биде поврзан со свеста и начинот за тоа што го бара македонското малцинство во Грција.

ИКС: Во Македонија силно одекна веста за регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик.
ПВ: Ова сега беше некој вид испит, дури и на јазично ниво како ќе реагира грчката држава кога после Преспанскиот договор, јавно го призна македонскиот јазик. Одлуката е позитивна инспирација за посвесните Македонци, дури и на рамниште на интернет, што ќе биде и како ќе биде натаму.

ИКС: Во Статутот на невладината организација Центар за македонски јазик имате наброено повеќе цели, меѓу другото и изучување на македонски јазик, потоа барање да се воведе изучувањето на македонскиот јазик во наставата на основните и средните училишта во Грција итн. Можете ли да ги исполните овие амбициозни цели со оглед на проблемите, со кои се соочуваше македонската заедница во Грција во минатото?
ПВ: Ако има желба во иднина и следните чекори да се изучува на посериозно ниво македонскиот јазик, ќе има напредок. Тоа зависи од односот кон македонскиот јазик од припадниците на малцинството: дали свеста е на тоа високо ниво за да бара и сака од една страна, и од друга страна, дали грчката држава и националната политика, кога станува збор за почитување на малцинските права, конкретно за барање за малцинските јазици, ќе направи реформи за да може во основните училишта да се изучува македонскиот јазик. Немаме индикации дека се прават реформи во грчката политика во насока на почитување на јазиците на малцинствата. Има дискриминација, јазикот не се почитува, ниту е во образовниот систем. Македонци, од тие средини, од тие македонски села, од тие македонски семејства, кај кои македонската свест е на повисоко ниво, во локалните средини ќе сакаат да го изучуваат македонскиот јазик. Но, ќе се види тоа во иднина.

ИКС: Ќе има интерес кај помладите генерации да го изучуваат македонскиот јазик?
ПВ: Зависи од нивото на македонската свест во секоја средина. Самите се освестивме, што е добро и за македонштината. Ама има и некои македонски фамилии, кои се целосно асимилирани, кои не ги интересира тоа.

ИКС: Кога велите асимилирани, колку тоа се случило под притисок, а колку самите семејства нашле свој интерес да ја прифатат политиката на Грција?
ПВ: Знаеме што и колку беше мачно во минатите децении. Позната е во Грција и граѓанската војна и после граѓанската војна, и како трпеле и како се поделиле македонски фамилии, и колку беше тешко дури и јавно да се изјаснуваш дека си Македонец или јавно да зборуваш македонски јазик, и да зборуваш за малцински права и слично. Сега можеме малку послободно да зборуваме и послободно да мислиме.

ИКС: При регистрацијата на невладината Центар за македонски јазик, првпат во судската документација на грчката држава е впишан зборот македонски јазик. Што значи тоа за Македонците овде?
ПВ: Тоа е навистина првпат висок грчки орган како што е грчкото судство да реши позитивно за едно толку важно прашање. Но, тоа е на локално ниво. Има реакции од националистички организации и движења и ќе се знае во следниот период дали ќе стојат на таа одлука. Тоа ќе се види. Затоа што во Грција за малцинските прашања нема независно судство. Решаваат „длабоката грчка држава” и нејзините органи. Во овој случај и за јазикот што за првпат грчки суд јасно и чисто призна македонски јазик, ќе се решава по поднесените приговори. Со чисто и јасно спомнат македонски јазик е првпат суд да реши позитивно. Ќе видиме во следниот период, бидејќи веќе има реакции и приговори до судот за регистрацијата.

ИКС: Кој поднел приговор против решението на судот?
ПВ: Почнале да реагираат ултранационалистички движења, како што е Macedonian, движења од Австралија, од Канада, една мала партија, чиј лидер е ултранационалист, потоа Златна зора која е веќе незаконска партија, но сепак планираат да демонстрираат. Но, не е исто како што беше пред 10, 20 или 30 години кога таква судска одлука беше неможна. Во јануари и февруари 2023 година ќе се решава по поплаките што ги поднесоа адвокатите на овие движења и на овие ултранационалистички организации. Тогаш ќе видиме дали навистина грчкото судство отвара нова страница.

ИКС: Колку брои македонското малцинство во Грција и каде е распространето?
ПВ: Само на културно и на јазично ниво можеме да зборуваме дека станува збор за околу 500 села, кои се сите во северна Грција. Има и мешани села, од Лерин до Драмско, па појужно, ги знам регионите, а ние имаме членови и овде и таму и долу. Не можеме да определиме бројка, бидејќи нема пописи, дури ни на јазично ниво.

ИКС: На веста за регистрацијата на невладината организација Центар за македонски јазик поранешниот премиер Зоран Заев им се заблагодари на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и на сегашниот Мицотакис, а „Виножито” не ја спомна. Дали тоа ве разочара?
ПВ: Правата на едно национално малцинство не зависат од соседната држава. Ние сме граѓани во Грција. И да не постоеше македонска независна држава, треба самата Грција да ги почитува своите граѓани, и правата на малцинството во својата територија. На културно, на јазично рамниште ние сме ист народ, и вие што живеете во Републиката и ние што живееме во Грција, Македонците што се во Бугарија, Македонците во Албанија, сè е тоа со истата македонска национална свест и на ниво на јазик и култура, но со различни дијалекти. Но, има една разлика: ние сме граѓани во Грција, вие сте граѓани во независна македонска држава, Македонците во Бугарија се граѓани во Бугарија, итн. Ние, Македонците дејствуваме како лек на грчкиот остар национализам, што со децении се спроведува во нашите региони.

Македонија

Ќе ве расплаче! Објавена “Кажу да време лечи све” – гласот на нашиот ангел изваден со посебна технологија (ВИДЕО)

Published

on

„Кажу да време, време лечи све, ал шта ми врeди вечност без тебе”… се стиховите од рефренот на последната отпеана песна, која се чинеше никогаш нема да го здогледа светлото на денот.

Имено, со помош на новата АИ технологија е изваден вокалот и пијаното за од демо да се направи студиска снимка, која денес доживеа свое издание.

Песната е оставена како аманет на еден од ретките вистински пријатели кој што Тоше ги имаше во неговиот живот- нашиот познат радио водител, диџеј и продуцент Кирил Зарлинов попознат како Ерик Фокс, кој одлучи оваа демо снимка комплетно аранжмански да ја заврши и да ја даде како подарок од Тоше за сите негови обожаватели по повод неговиот роденден, се со цел неговиот лик и дело никогаш да не бидат заборавени.

Автор на музиката и текстот е Зоран Ѓорѓевиќ, а аражманот и продукцијата се на Кирил Зарлинов (диџеј Ерик Фокс).

Миксот и мастерингот се на нашиот познат микс инженер, кој долги години живее и работи во САД Костадин Камчев – „Студио Моцарт“ од Њу Џерси, кој има три номинации на музичките ГРЕМИ награди за најдобар микс инженер.

https://youtu.be/mpizP1g2dBo

Continue Reading

Македонија

Денеска ќе наполнеше 43 години: На денешен ден е роден Тоше Проески

Published

on

Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески.

Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Ангел си ти (Life)“.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“ со што дефинитивно прерасна во најголема регионална музичка ѕвезда на некогашните ЈУ простори.

Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.

Неговото издание „Божилак“ е компилација од преработки на 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година.

Речиси секоја негова песна беше хит како што се: „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера за своја промоција во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион ( Арената Филип Втори) во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава.

Постхумно државата Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Владата на Република Македонија во негова чест во неговото родно Крушево изгради мавзолеј – Спомен куќата на Тоше, каде низ музејска поставка од восочни фигури со неговиот лик во природна големина, лични предмети, музички инструменти, фотографии, видеа, сувенири… е прикажан целиот негов живот и музичкиот опус во кусата, но пребогата кариера

Continue Reading

Македонија

НОЌТА ПРЕД ВОДИЦИ Е НАЈМОЌНАТА НОЌ ВО ГОДИНАТА

Published

on

Големиот христијански празник – Водици, се слави на 19 јануари, со традиционално фрлање за Светиот крст.

На овој ден се слави споменот на Христовото крштевање на реката Јордан и Божјиот изглед во форма на гулаб и глас: „Ова е мојот Син и Него послушнете го“.

На Богојавление, 19 јануари, завршуваат некрстените денови. На овој ден се осветува вода во сите цркви и храмови. Тоа е свечен обред на кој, скоро редовно, присуствуваат многу луѓе, кои носат осветена вода во своите домови, бидејќи оваа Света вода – Богојавленска, се чува во секој дом во текот на целата година како големо светилиште, и се користи само при голема потреба (болест, вознемирување од зли духови).

Богојавление е еден од најголемите христијански празници и соодветно на тоа, се развиле многу народни обичаи поврзани со самиот ден, како и ноќта пред Богојавление.

1. Отворање на небото

Ова е најпознатиот обичај поврзан со Богојавленската ноќ. Имено, се верува дека еден ден пред Богојавление, точно на полноќ, се отвораат небесата. По тој повод, треба да се погледне во небото и да се замислат желби за кои се верува дека сигурно ќе се остварат.

2. Огледала под перницата

Вообичаено е невенчаните девојки да ставаат огледала под перниците ноќта пред Богојавление, бидејќи се верува дека така ќе го сонуваат младичот со кој ќе стапат во брак.

3. Вода од извор

Во некои делови, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата, така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“. Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот на семејството да пие малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив.

4. Предвидување на времето

Обичај е некаде постарите жени да ги земаат предвид временските услови на Богојавление и со тоа да предвидат каква ќе биде годината. Ако, на пример, има мраз и снег на тој ден, се верува дека годината ќе биде плодна, а ведро време најавува сува година.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк