Connect with us

Uncategorized

Дрско ли е да се зборува за радоста додека светот пропаѓа? Не, доколку пристапуваме со страв и трепет, и доколку ја разбираме радоста поинаку одошто радосно чувство

Published

on

Искуството на Христијаните целосно ќе се промени, доколку се откажеме од некои пракси или насоки на мислата, кои го привилегираат зилотското Христијанство, коешто го одбегнува „ништавилото“ на земниот живот, или, пак, од друга страна, сентименталното и неумерено Христијанство, коешто во суштина е мошне површно. Оти, Библијата ни го насочува вниманието кон една зачудувачка радост.

Неумесно ли е да се говори за радоста? Или е дрско, додека светот пропаѓа? Не, доколку пристапуваме со страв и трепет, и доколку ја разбираме радоста поинаку одошто радосно чувство. Ако почувствуваме дека радоста, наместо да нè затвора во нашата самодоволност, таа нè отвора кон другиот и дека на некаков таинствен начин содржи Спасителна закрила, кон која копнееме пред сè, и како што ќе видите, можеби секогаш ќе копнееме.

Радоста не е среќата, таа ја надминува неа. За животот, посебно за да го разбереме животот, таа е особено важна. Некои философи, меѓу кои Бергсон и Спиноза, сметале дека радоста е силата зад длабокиот стремеж за живот. Во „Духовната енергија“ Бергсон вели:

,,Радоста секогаш означува успешен живот, таа освојува терен и победува, секоја голема радост има акцент на торжество“.

Спиноза пак, во четвртиот дел на својата „Етика“, вели дека радоста е судбината на оној кој чини добро и прифаќајќи ги „нештата во нивната суштина“, признавајќи дека „сè се случува според Божјата природа и се извршува според вечните закони и правила на природата…“ Да си радосен значи да опстоиш во сржта на стремежот за живот, во пазувите на бескрајната севкупност.

Радоста е императив кој произлегува од реалноста, кој сме должни да го бараме. Меѓутоа вистинската радост е нешто друго и многу повеќе од радоста која вообичаено ја чувствуваме. Литературата и останатите форми на уметноста се нејзин израз. Какво и да е сижето на творбата, често отсликувајќи очај, ужас и тага, каква и да е материјата на делото: зборови, звуци, линии, обеми, движења, се чини дека радоста ги трансцедентира. Формата е неспорно исполнета со радоста, таа нè обзема во моментот кога ќе ѝ обрнеме внимание. Таа го надминува обичното аристотеловско задоволство на добра имитација, кое го објаснува успехот на нешто кое самото по себе не е доблесно – како одраниот вол на Рембрант или лудоста на Кралот Лир; таа е своевиден контрапункт на делото, а истовремено се наоѓа во самата срж на делото, речиси како цел на уметноста е да создава една често парадоксална радост, секогаш независна и sui generis. Помислете на радоста предизвикани од „Девојчето и смртта“ на Шуберт, од „Одраниот вол“ на Рембрант, или за смислата на фабулата на „Крал Лир“ од Шекспир. Во оној миг, во кој делото во нас предизвикува сочуство, зачуденост, огорченост или длабока тага, големата радост нè изненадува. Без сомнеж, треба да ја наречеме естетска радост, но тоа не е онаа вообичаена радост на еден естет, наслада која не ја засега целосната личност или го исклучува спознавањето на реалноста. Можеби интуицијата за убавото, спротивставувајќи се на несреќата во животот, ни помага да отидеме отаде самата несреќа.

Литературата е во состојба да ни ја открие таа специфична радост и да ни помогне да доспееме до неа. Во „Бура“ на Шекспир, ликовите се наоѓаат на замислен и речиси пуст остров, омаѓосани од Просперо. Накрај Просперо го открива узурпаторот кој му го украл кнежеството, и ќерка му се венчава за кралскиот син; тие, што сме ги сметале за мртви се живи, а пак, оние кои страдале, сметајќи дека загинале, излегуваат здрави и живи. Вака резимирано, би можеле да речеме дека станува збор за мошне лесен расплет. Но гледачите забележуваат дека не станува збор за вообичаен „хепиенд“. Еден од хероите, ја коментира несреќата што ја доживеал, повикувајќи ги да го примат, со зборовите:

„О, радувајте се, но не со вообичаената радост“.

Изблик на радост, немерлива радост, како сè да се случува под знакот на омаѓосувањето – барем според познатите зборови на Миранда, омаѓосана од „сјајот на новиот свет“ – доколку зад магијата на Просперо гледаме привид на делувањето на боговите кои му „прават пат“ кон расплетот. Гледачите, слично на ликовите, одат „отаде вообичаената радост“, го преминуваат прагот и се појавуваат во свет, каде владее божественото. Тука, можеби, се наоѓа делумно скриената смисла на чинот на пиесата. Ако протагонистите можат да видат низ морската бура, (која е всушност илузија), реален духовен и психолошки смут, не се ли должи тоа и на смислата на латинскиот збор врз кој лежи основата на зборот бура – tempestus – она што доаѓа со времето. Посебна радост се раѓа кај нив, од она провидение, кое ги собира во добар час на добро место, за да се открие натприродното и тие да се израдуваат, гледајќи како се осуштествува навидум невозможното. Тука, можеби, се крие тајната причина поради која Просперо на крај се откажува од Магијата, а Шекспир од својата уметност. Писателот сфаќа дека сè може да се направи во уметноста, каде што ништо не му се спротивставува, дека низ магијата на фантазијата може да ги разреши сите проблеми во една драмска ситуација, предизвикувајќи кај своите „херои“ изблик на радост и чувство на егзалтација од навлегувањето во нов свет. Но, тој истовремено спознава, дека во реалноста, пројавата на чудото и придружната неизмерна радост е дар, и дека неговата уметност доаѓа до своите граници. Величината на „Бура“ и нејзиното значење во театарот доаѓаат од таа проѕорливост. Тоа е драмско дело во кое авторот признава дека театарот дејствува со магија и дека се служи со поезија, за да му ја покаже на светот можноста да се возрадува, присуството во човечкото постоење на нешто друго, всушност потчинувајќи се на сили, помоќни од него.

Тоа нешто друго, станува уште појасно во една од големите поеми на англискиот романтизам – „Славејот“ од Колриџ. Слушајќи ја навечер песната на славејот, Колриџ влегува во едност со природата, општејќи со сите природни реалности. Поетот застанува во славниот миг, во кој славеите замолкнуваат, кога месечината се крие зад облак, и кога повторно почнуваат да пеат во хор, кога месечината, појавувајќи се повторно, „ги буди небото и земјата“ создавајќи во видливиот свет „чувство на едност“. Тој гледа во природата „нешто повеќе од природа“, ни раскажува како го успокојува своето расплакано дете кое штотуку се разбудило ноќта. Излегува со него од дома, детето ја гледа месечината и одеднаш, престанува да плаче „смеејќи се молчаливо“. Зошто се смее, а не покажува интерес кон новиот објект кој му го привлекува вниманието? Колриџ, во таа, на прв поглед чудна реакција во смеата од омаѓосаноста, чувствува знак за скриена врска меѓу сите природни елементи, која раѓа длабока и необјаснива радост. Ненадејното продолжување на песната на славеите и смеата на дете кое сè уште не проговорило, ја имаат во себе таа инстинктивна врска во длабочините на битието, во или отаде разумот, исцртувајќи цела теорија за животот или за надумната природа. И Колриџ веднаш се задлабочува во чудното чувствување на она што ни се затскрива, гледајќи ги во очите на детето оние на славеите, кои блеснуваат на месечевата светлина, мечтаејќи за мигот, во кој детето, веќе пораснато, ќе ја слуша песната на славеите, која ги „соединува радоста и ноќта“. Ноќта – спротивноста на вообичаениот дневен живот, долгиот миг по повлекувањето на дневната светлина, кога светот повторно станува видлив.

Поезијата, барем за мене како поет, е посоодветна да ни ја вдахне онаа радост од вознесението до натприродното. А еврејската поезија, над сè Псалмите, оди уште подалеку, повикувајќи ја неверојатната и тешко доловилива радост, којашто ја вкусува целото творение. Авторот на Псалм 44 Го прославува Бог за Неговото дело на Земјата, бидејќи со дожд ги пои нејзините бразди , ливадите и ги покрива со стада, а „ридовите ги опашува со радост“. Можеби оваа радост се наоѓа не толку меѓу ридовите, колку во човекот кој ги набљудува. А пак, што да кажеме тогаш за Псалм 95, кој ги повикува сите народи да ја воздадат кон Јахве сета слава и моќ, пред да се насочи кон земјата:

 „Да се веселат Небесата и да торжествува Земјата; да шуми морето и она што го исполнува, нека се радува полето и сè што е во него и да ликуваат сите дрвја… (Пс. 95:11-12)

Созданието, кон крајот на стиховите, добива покана да се присоедини кон „новата песна“ на Божјиот народ, со кој поемата започнува. Како луѓе на разумот, навикнати во Европа на антропоморфна поезија на карактери, ние, без сомнение, тоа го читаме како одреден израз, кој ѝ ги придодава на природата емоциите почувствувани од поетот во нивната суштина, за да им даде карактер, да ги вообрази – во нив да види ликови – да ги сподели и да ги направи преполни со радост. Но, што ако поетот навистина ги слуша дрвјата како ликуваат – или барем гледа нешто повеќе во нив, од вегетативниот живот? Како проѕира во она што ние го нарекуваме материјален свет, присуство или форма на радост, како одговор на добрината на Бог? Во Псалм 97 поетот, исто така, сака да ја чуе восфалата на Бога, воспеан со звуците на гусли, со звуци на труби и рог, но тоа не му е доволно и го ограничува. Тогаш:

„Нека шуми морето и сè она што го исполнува, вселената и сите што живеат во неа, да ракоплескаат реките и заедно со горите да се радуваат“. (Пс. 97: 7-8)

Тој ја повикува природата да се присоедини кон луѓето во делото на прославување на Бог, да се обединат усилбите, за да може целата Земја да се оживотвори во своето воодушевување, за да заврши со ликувањето на бессловесните – на планините и дрвјата. Тоа е многу занимливо. Човек би рекол дека Евреите или нивните поети насекаде низ создадениот свет проѕреле некаква огромна радост, поради која нè обврзуваат да ја читаме нивната поезија, поинаку од начинот на кој ја читаме нашата: по навика, ние ниту за миг не допуштаме дека дрвјата можат во  нас да предизвикаат друга визија за реалноста, каде што целото создание – а не само луѓето – е опиено од радост. Ако се замислиме, таа поезија за нас е еден нов и чуден јазик, помеѓу буквалното и симболичното. „Ударот на молња“ има буквална смисла кога гром ќе удри во дрво, и симболичен, кога сме вљубени. И сепак, кога авторот на Псалм 113 возвестува, дека при излегувањето од Египет „горите се разиграа како овни, а ритчињата како јагниња“, тој не ги гледа буквално, туку не е во состојба да ја задржи радоста, која тие ја изразуваат низ една едноставна метафора: пред делото на Бог, Кој го спасува Израил, и тие реалности без дух, доживуваат неизмерна радост.

Визијата ја достигнува својата кулминација во Псалм 148, кој не ја споменува радоста, но ја покажува – од првиот до последниот стих, повикувајќи го целото создание да се присоедини кон луѓето во возвишувањето: сонцето, месечината, морските ѕверови, бурните ветришта, планините и ридовите, кедрите, дивите ѕверови, добитокот, влечугите, птиците, дури огнот и градот, снегот и маглата. Сè се исполнува со живот во окото на поетот, кој, исто како детето на Колриџ, гледа поинаку, гледа подобро и кој го слуша – ниту буквално, ниту симболично – немерливото величање.

Во Стариот Завет, созданието се радува заедно со луѓето и покрај катастрофите, ропствата и заканите за целосно уништување на Израил и покрај изблиците на страв и очај; радоста таму е постојана и застрашува со својата величина. Искажана е насекаде во Псалмите. „Ќе се радувам и ќе торжествувам за Тебе“, збогатена од Псалм 16: „Затоа се возрадува моето срце и се развесели мојот јазик“, „Веселете се во Господа и радувајте се“, упатува Псалм 32. Авторот на Псалм 43 директно се обраќа кон „Богот на радоста“. Религијата на Стариот Завет, и покрај популарната претстава за неа како за крвава религија, над која бдее некаков Бог на гневот, и покрај ништавилото на гревопаднатиот свет, се покажува како религија на радоста. И таа радост – радоста во Бога, можеби не е обичната радост, која ја чувствуваме кон други суштества или при радосни поводи.

Таа се враќа во Новиот Завет, каде што основата на радоста се смртта и Воскресението на Месијата. Христијанската радост, којашто блика од секоја страна на Евангелието, од Делата на Апостолите и од Откровението, може да нè изненади ако во умот имаме слика на „религија на страдањето“, на умртвувањето, на отсекување од задоволството, на настојчивиот акцент врз гревот и ништавилото на гревопаднатиот свет – слика која често самите Христијани ја пропагирале. Доволно е да погледнеме во Новиот Завет, за да откриеме, на пример, како Дева Марија, узнавајќи дека ќе биде мајка на Христос, одушевено вели:

„И духот ми се зарадува во Бога, Спасителот мој“ (Лука 1:47).

Природно е за една млада бремена жена да биде среќна; и сепак „радоста во Бога“ ја возвестува целата радост, која ќе се распространи меѓу Евреите и меѓу другите народи. И таа егзалтација многу бргу се претвора во „радост отаде обичната радост“. Мудреците кои доаѓаат во Палестина, за да го видат лицето на „царот Јудејски , кој ќе се роди“, следејќи ја ѕвездата, се радуваат кога таа застанува, со „мошне голема радост“ (Мат.2:10) Подоцна, Св. Апостол Петар во своето Прво послание се обраќа вака: „Без да сте го виделе Христа, но верувајќи во Него сега, радувајте се со неискажлива и преславна радост“ (1. Петр. 1:8)

Мошне голема, неискажлива и преславна, една радост, која очигледно ја надминува вообичаената радост, и нè повикува да се запрашаме од што се состои таа. Воодушевува тоа што христијанската радост е должност. Човек би очекувал таа да е среќен плод на верата, љубовта и послушанието, некаква добродетел, но во духот на Св. Апостол Павле, Христијанинот е должен да се радува, познавајќи ја таа неискажлива радост. Откако го посеал своето Послание до Филипјаните со зборовите „радост“ и „се радувам“, тој така ги воведува за прв пат:

„Радувајте се во Господа“ (3:1),

пред да каже сосем настојчиво:

„Радувајте се секогаш во Господа и пак ќе кажам, радувајте се“ (4:4).

 Секогаш: понирањето во Библијата понекогаш ме потресува. Како да се радуваме секогаш? И од каде Св. Апостол Павле наоѓа надеж, та на другите да им го поставува тоа наизглед недостижно барање? Бидејќи тој не се обраќа само кон Филипјаните – истите зборови им ги кажува и на Солунјаните: „секогаш радувајте се“ (1. Сол.5:16) На почетокот мислев дека Св. Апостол Павле се потпира на искуството на Јудејците од Стариот Завет, бидејќи често пати асоцира на тоа, цитирајќи стихови од два псалми: „Радувајте се праведни во Господа и славете го споменот на Неговата светиња (96:12) и „Веселете се во Господа и радувајте се праведни, торжествувајте сите праведни по срце (31:11). Св. Апостол Павле согледува дека радоста во Бога секогаш била барање и смета, ми се чини, дека една таква радост е најдобриот пат, за да останеме во скриена врска со Бога и со сопствената вера. Тој се повикува и на друг неочекуван настан од еврејската Библија – оној во кој целиот народ паѓа во тага и солзи по торжественото читање на Законот, а Ездра им вели:

„Не тажете, зашто радоста пред Бога е поткрепа за вас“ (Неемија. 8:10)

Далеку од тоа да биде просто пријатна емоција, радоста, надумната радост, закрилува и укрепува, таа е еден од царските патишта кон активното и постојаното познание на Бога. Лице на „тврдината“ што би требало да биде радоста, лице на благоразумието, дисциплината, строгоста, сигурно ќе нè замисли. Но, штом Св. Апостол Павле подвлекува секогаш да се радуваме – визија која е целосно противречна на она што ние го сметаме за возможно – тој, без сомнение, се повикува на сопственото искуство, кое го учи дека не може да си радосен по команда, дека барањето на радоста истовремено се претвора во барање на Бога, дека тоа го преместува центарот на личноста кон најсуштественото, кон она што ни ја открива целата длабочина на Евангелието – неисцрпната радост на „Благата вест“.

Продолжува

Избор и превод на текст: Петко Костовски за Бигорски.орг.мк

Uncategorized

Пронајдени тела на девет мексикански студенти, на сите им биле отсечени рацете

Published

on

Телата на девет лица кои исчезнале минатиот месец во јужниот дел на Мексико, биле пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пренесува Дејли Меил.

Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата помеѓу мексиканските држави Пуебла и Оаксака, околу 280 километри од Мексико Сити. Се смета дека ова е уште едно брутално убиство поврзано со наркокартелите.

Мексиканската влада започна неофицијална војна против наркокартелите во 2006 година, во која до денес загинаа повеќе од 300,000 луѓе, а околу 60,000 лица се исчезнати.

Continue Reading

Uncategorized

ФФМ со одговор на Силекс: И самите не верувате во вашето соопштение!

Published

on

Соопштението од ФФМ ви го пренесуваме во целост:

Во однос на последно објавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.

Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија, а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници.

Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици.

Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари.

Се разбира, преку ТВ Сител даваме можност во „Куќа на фудбалот“ да добијат потврда и докази на овие тврдења, но само доколку јавно во своите информативни изданија ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвено да ги објави.

Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога надворешениот притисок и закани можеше да влијае на раководните тела на фудбалот поминаа.

Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служи како ваше алиби за резултататите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ја обвините Судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби, повеќе нема да има.

Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во своите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки кои не веруваме дека и се познати на сопствениците на ФК Силекс.

Долг е списокот на натпревари на кои директно беа оштетени клубовите – противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.

Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.

Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите кои ги промовираме и повторно ќе го вратите Вашиот клуб патот на успехот.

Одборот на судии заедно со стручните соработници го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од страна на искусни контролори кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот Судиски одбор.

Во изминатите две одиграни кола во Првата и Втората МФЛ и одиграните натпревари од ¼ финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но исто така јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.

На последно одиграните четвртфинални Куп натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута направена е погрешна проценката од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.

Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видео снимка, тврдењето дека „играчот со бр.8 на гостинската екипа е удрен со лакт од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакт на противнички играч.

Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута играчот со бр.75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8 за што правовремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не е презентирано на јавноста.

Воедно, ФК Силекс во информирањето до јавноста презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на одсудени натпревари на главниот судија, кој во најмала рака е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека истиот суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина како Федерација не би не радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.

Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот помеѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими во 78. минута е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.

Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и Втората МФЛ, како и КУП натпреварите се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што секој натпревар го има и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.

Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои патем до сега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смее да фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе остане посветена на зачувување на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и нејзините претставници.

Continue Reading

Uncategorized

Грција утре парализирана од генерален штрајк

Published

on

Атина– Двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, утре во Грција ќе биде одбележана со генерален штрајк што буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а закажани се над 340 протести во земјата и странство, јави дописничката на МИА од Атина.

Железничката несреќа се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз, кои се движеа на истата шина во различни правци, по сударот следеше и експлозија, а животот го загубија 57 лица, од кои поголемиот број беа студенти.

Иако поминаа две години од една од поголемите трагедии во Грција, несреќата во изминатиот период одново е актуелна во земјата и поради тоа што две години подоцна остануваат многу неодговорени прашања, но и поради тоа што во медиумите континуирано се објавуваат нови информации и аудио и видео документи.

Во рамките на генералниот штрајк закажани се вкупно 345 протести, од кои 243 се на различни локации во Грција, а 102 се низ целиот свет, додека пак според најавите и судејќи според демонстрациите што се одржаа минатиот месец, се очекува утрешните протести да бидат особено масовни.

Исто како и за време на масовниот протестот одржан на крајот на јануари, така и сега главниот слоган е „Немам кислород“ по објавениот аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кои се слушаат повиците за помош, меѓу кои и женски глас што вели „Немам кислород“, а главното барање е правда за жртвите.

Генералниот штрајк е закажан од најголемите грчки синдикати на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), како и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а 24-часовниот штрајк го поддржуваат низа здруженија, федерации итн.

Во штрајкот ќе учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, голем дел од угостителските објекти нема да отворат, а ноќните клубови и клубовите со жива музика, односно популарните бузуки, во кои настапуваат познати грчки пејачи, утре ќе останат затворени во спомен на жртвите.

Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата од раните утрински часови, железничкиот сообраќај ќе биде целосно во прекин, а 24-часовен штрајк најавија и контролорите на летање, со што откажани се сите летови од и кон Грција со исклучок на: летови кои со шефови на држави, премиери; летови на грчките воздухопловни сили кои учествуваат во оперативни мисии и закажани вежби; летови од медицински или хуманитарна причини; летови на авиони за потрага и спасување.

Јавниот превоз во Атина, односно автобусите, тролејбусите, трамваите ќе учествуваат во штрајкот и нема да сообраќаат, а единствено метрото ќе работи од 9 до 17 часот со цел да им овозможи на граѓаните да стигнат на протестот во центарот на градот.

Грчката метропола ќе биде и без такси превоз, со оглед на тоа што такси возачите организирани од нивниот синдикат учествуваат во штрајкот, меѓутоа започнаа иницијатива „такси на солидарноста“ – нешто што првпат се спроведува во Грција, односно на четири различни локации ќе има таксисти волонтери, кои бесплатно ќе ги пренесуваат граѓаните до плоштадот Синтагма каде што ќе се одржи протестот.

Во Атина собирот е закажан за 11 часот по локално време, а ќе се преземат зголемени безбедносни мерки, според грчките медиуми, со ангажирани над 5.000 полицајци.

Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис во чија надлежност е и полицијата во интервју за радиото „Параполитика“ вчера рече дека „се прават големи подготовки за полицијата да ја постигне својата централна цел, а тоа е демонстрациите да завршат мирно и пред сè безбедно за граѓаните кои ќе учествуваат“.

Непосредно пред утрешната годишнина, грчката Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот, претпладнево ќе го презентира извештајот од истрагата на експертите за причините за железничката несреќа и експлозијата што следеше по судирот на патничкиот и товарниот воз.

На вчерашната владина седница грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки се осврна на втората годишнина од железничката несреќа кај Темпи, посочувајќи дека „мнозинството Грци сакаат вистината да блесне, правдата да биде задоволена и никогаш повеќе да не доживееме слична трагедија“, истакна дека „националната драма треба да го обединува општеството под заедничко барање за вистина и правда“, а за протестите нагласи дека се уставно загарантирано право на граѓаните, но и дека државата треба да ги заштити демонстрантите, а „одредени ќе протестираат против Владата“.

Следната седмица, односно во вторник и среда во Парламентот ќе се одржи расправа за формирање предистражна комисија за несреќата, а Мицотакис посочи дека тогаш партиите ќе можат да ги претстават своите ставови, но и дека ако опозицијата сака, ќе може да достави предлог за гласање недоверба на Владата.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк