„Ако ова е твоја земја, НЕ МОЖЕ ЕВРОПРАТЕНИЦИ ДА ИЗВИКУВААТ „МАКЕДОНИЈА Е БУГАРСКА“, А ТЕБЕ МУВА ДА НЕ ТЕ ЛАЗИ !“

Драго мое непознато другарче,

Ниту една професија во светот не почнува ниту се состои и завршува со привилегии, па ни политиката. Напротив, политиката треба да биде 99,99% обврски, а само 0,01% привилегии! За жал, за тебе, и за оние околу тебе политиката е дури 200%, ако не и повеќе, само привилегии.
Не може во твојата земја, се разбира, ако ова е и твоја земја, да ти се шетаат разно разни евро – пратеници и на цел глас да викаат дека ова е ,,Бугарска Македонија”, а тебе мува да не те лази! Ако не си знаел, а знаеш, ситуацијата налага за вакви работи да се викне амбасадорот на земјата на дотичната особа и да му се достави демарш. Да му се каже дека оваа земја, барем за вас дипломатите и вашите подржувачи се вика Северна Македонија, а ние обичните смртници си ја викаме онака како што си ја викале нашите дедовци, прадедовци, чукундедовци… Македонија!
Добро знаеш дека ова не е прв екцес на дотичниот евро – пратеник и дека тој постојано ја омаловажува оваа земја, која по се изгледа не е твоја, и изјавува дека е втора бугарска држава на Балканот.

Дека неговата Бугарија од соништата се протега од Охрид до Черното Море и од Дунав до Белото море. Јас му се чудам на паметот како не му текнало да изјави и тоа во европскиот парламент дека неговата земја се протега од Северен до Јужен Пол, а ако има и од Источен до Западен Пол! Да бевме сериозна држава, каква што за жал не сме (не поради народот, туку поради вас политичарите) овој недоквакани евро – пратеник ќе беше прогласен за ПЕРСОНА НОН ГРАТА! Но да беше сериозна држава, а не е и неговата матична држава, ако не ние, таа ќе го осудеше неговото однесување, ако не кога гази врз Македонија, барем кога во Европскиот парламент рекламира поздрав ала Хитлер! Кој знае, историјата се менува, можеби денес така се поздравуваат потомците на администраторите од 1941 година.

Драго мое непознато другарче,

Не сум знаел дека ти кој си си готов да ја осудиш повеќе од пола Македонија за говор на омраза, затоа што за нас Бугарија не е тајна земјата, не смееш барем да го осудиш оваа дивеење низ нашата земја на евро – пратеникот.

Што треба тој да направи за да кажеш нешто во одбрана на твојата земја, ако оваа Македонија, па макар и Северна е твоја земја?

За жал, јас сум сигурен дека ако еден ден овој евро – пратеник и неговите следбеници земат пиштоли в раце и на секој оној што нема да каже дека ова е Бугарска Македонија ќе му пукаат во чело! А ти и твоите пајташи ќе свикате прес конференција и ќе се пофалите дека Македонија е на добар пат да расчисти со сите оние што ги сопираат евро – интегративните процеси на земјава, а потоа експресно ќе влезе во ЕУ! Само за жал, јас сум повеќе од сигурен дека во ЕУ никој не планира да влезе ни Македонија, ниту Северна Македонија, туку некаква си Бугарска Македонија! Не знам дали тоа го пишува во францускиот предлог, но и ако не го пишува ќе се напише нов, со таква содржина. И за жал ќе нема кој да се буни против тоа, бидејќи во меѓувреме со твоја логистика ратоборниот евро – пратеник ќе ја ослободи оваа држава од сите оние што не знаат дека ова е Бугарска Македонија.

Па макар за таа мисија да се потрошат милиони и милиони куршуми. Тука и насекаде низ светот каде што има луѓе кои и по цена на животот не се плашат дека оваа земја се вика Македонија или како што ти и таквите како тебе дури и дома кога ви се спуштени ролетните и заклучени вратите ја викате Северна Македонија!

ПИШУВА: Миле Ѓоргијоски за Think.mk