Во Киев падна дрон со порака „Среќна Нова Година”

На дрон што синоќа го погодил Киев, наводно пишувало „Среќна Нова Година“, објави Киев пост, пренесувајќи фотографии од началникот на киевската полиција.

Бројни експлозии се слушнаа во Киев и други места ширум Украина, а сирените за воздушни напади плачеа низ целата земја во првите неколку часа по полноќ на Нова година. Парчиња од проектили уништени од украинските системи за противвоздушна одбрана оштетија автомобил во центарот на главниот град, но нема повредени или жртви, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Градската воена управа на Киев соопшти дека се уништени 23 „воздушни објекти“ лансирани од Русија. Нападите уследија неколку минути по новогодишната порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во која тој и посака победа на својата земја во војната која трае веќе 11 месеци.

 (МИА)

Браќата Наскови ќе полнат 103 и 100 години – ги посети штипскиот градоначалник

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на првиот ден од Новата година ги посети најстарите жители во селото Караорман. Браќатата Симо и Ристо Наскови, годинава ќе наполнат 103 и 100 години.

Новата година ја поминале во домашна атмосфера, заедно со нивните синови и внуци. Симо годинава полни 103 години. Неговиот син Круме Насков вели дека до пред една година активно се занимавал со земјоделство, кога паднал во градината.

-До 102 години активно работеше во бавчата и оваа година имаше негови производи, што ги имаше посадено. Сакал да посади некое семе во оранжериите, но паднал и залегна. Една година како лежи во кревет. Нозете не му се добри, инаку здравствено е добар, вели Насков.

Ристо Насков во февруари ќе наполни 100 години. На сите им посакува здравје и среќа.

-Да бидеме живи и здрави сите! Македонија да ни биде жива и здрава и да биде држава, а ние Македонци, вели Насков.

Неговиот син Димче вели дека здравјето добро го служи, досега нема посетено лекар и се уште работи во својата градина, произведува патлиџани, пипер и разни земјоделски производи.

-Работи во оранжерии, продава пиперки и патлиџани. Ракија си пие по една чашка, приквечер и сабајле. Телевизија гледа многу, следи вести, со мозокот е здрав, работи со телефон, се слуша со ќерките, знае сам да ѕвони, знае се, вели Димче Насков.

Двајцата браќа Наскови од Општина Штип добија пригодни подароци.

-Да сте живи и здрави, добро здравје да ве служи во 2023 година, па следната Нова Година пак да се видиме, им порача градоначалникот Јорданов на двајцата најстари жители во Штип.

Со возило ги прегазил двајцата другари – загина 21-годишно момче од скопско Кадино

Момче прегази двајца другари. Едниот почина во штипската Клиничка болница, а вториот се бори за живот.

Според информациите на СВР Штип, утрово околу 5:20 часот било пријавено дека на магистрален пат Штип – Кочани, на место викано „Брилијант“, патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т. од Скопје, удрило во 21-годишниот А.Ѓ. од село Кадино, скопско и во А.П. од село Трубарево, скопско, кои претходно патувале во истото возило.

Двајцата се здобиле со повреди и биле пренесени во Клиничка болница во Штип, каде што во 7:15 часот А.Ѓ. починал, а кај А.П. биле констатирани телесни повреди.

Увид извршила екипа од СВР Штип.

Груевски за 2023 година: На сите кои не можеа да ме смислат и да ме издржат минатата, само да им кажам, дека оваа ќе им биде дури полоша!

Поранешниот премиер Никола Груевски ја честиташе новата 2023 година.

– Среќна нова 2023 година!

Ви посакувам здравјето да Ве служи, љубовта да ве води, мир и спокојството да ве опкружат и среќата да ве следи во секој миг и на секое место!

Агонијата и безперспективноста во Македонија нека се трансформира во нов почеток кон повторен национален и индивидуален триумф!

Бог нека е со Вас и со Македонија!

П.С. На сите луѓе кои не можеа да ме смислат и да ме издржат минатата, само да им кажам, дека оваа ќе им биде дури полоша – напиша Груевски на Фејсбук.

Стампедо на дочекот во Сиднеј: Полицијата од сите страни се обидува да ги смири граѓаните (ВИДЕО)

Австралија влезе во новата година, но прославата тргна наопаку во Сиднеј.

Стотици луѓе беа заглавени обидувајќи се да се пробијат низ оградите, во делот со билети за подобар поглед на новогодишниот огномет.

На видеата се прикажани застрашувачки снимки од луѓе фатени во толпата како се движат со децата.

На снимката се гледа како луѓето врескаат на карпите на улицата Аргил додека голема група ја пробива барикадата, а беспомошната полиција и обезбедувањето ја следат ситуацијата.

Родителите дури биле принудени да држат мали деца над главите од страв да не бидат прегазени во хаосот.

Фото: принтскрин дејлимеил

Драма на новогодишната ноќ во Белград, потона цел сплав (Фото)

За време на новогодишната ноќ на сплавот „Фристајлер“ во Белград дошло до несреќа кога сплавот наеднаш почнал да тоне.

Забавата се претвори во панично бегство од сплавот во моментот кога водата почна да навлегува во внатрешноста на објектот.

– Се беше убаво додека наеднаш не се искрививме. Не сфативме веднаш што се случува, но кога ни се намокриа стапалата, настана вистински хаос. Пиштење, врескање и панично трчање кон излезот – приказната за српските медиуми на девојката која ја дочека Новата година на овој сплав.

Спред информациите, кога сплавот почнал да тоне, гостите панично истрчале надвор,пренесуваат српските медиуми.

„Сите сакаат да ја приграбат Македонија, епа не може“ – 11 години од смртта на претседателот Киро Глигоров (Видео)

Денеска се навршуваат 11 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров.

По повод годишнината од смртта на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во состав Марија Георгиевска, Љатифе Шиковска и Тони Јаревски, ќе положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.

Беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“.

По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.

-Сите сакаат да ја приграбат Македонија. Е, па, не може. Ќе се бориме до последен човек, ама нема да може. Ова е изјава на првиот македонски претседател Киро Глигоров, дадена не толку одамна, на 17-ти април 2010 година, нешто помалку од две години пред неговата смрт во 2012-та година.

Машко бебе, прво во Новата Година во Скопје

Точно во 00:01 часот, се роди првото бебе во новата 2023 година на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Бебето е машко, тежи 3 720 грама и е долго 51 сантиметар, информираат од Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.Мајка на бебето е 22-годишната Стојанка Панајотова од село Соколарци, Кочани и тоа е нејзино прво дете.Клиниката на новороденчето му посака добро здравје и среќно детство.