Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 81 седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.
ДКСК до Владата ќе достави и иницијатива за утврдување одговорност на овие лица, а до УЈП за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користење на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 21 и 22 година.
Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.
ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев, појасни дека во 2021 година биле анализирани постапките и активностите при спроведување и користење на средства при доделување на ваучери од Агенцијата за млади и спорт и централната комисија, како и за пропустите и непочитувањето на Законот од страна на дел од федерациите и спортските клубови при конкурирањето, нивното користење на средствата и отчетност.
Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари.
Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер системот постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало, изјави Георгиев.
Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 21 и 22 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.
-Не гледаме дека сите препораки кои го дадовме се правилно применети, така што јасно е дека овој систем не дава соодветни резултати. Се надевам дека овие податоци ќе бидат доволна основа за законски измени кои ќе изградат праведен систем, порача Ивановска.
ДКСК, исто така, изразува загриженост и тоа што со законските измени од јануари минатата година, членовите на централната Комисија се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.
Шар Планина влезе во елитното друштво на Динаридите – националниот парк стана дел од мрежа со 105 заштитени подрачја
Националниот парк Шар Планина и официјално стана полноправна членка на Мрежата Паркови на Динаридите, платформа што обединува 105 заштитени планински региони од осум држави. Членството беше потврдено на VII Меѓународна конференција на Парковите на Динаридите – „Глобални и европски перспективи на заштитените подрачја во регионот“, која се одржа во Подгорица.
Претставниците на НП Шар Планина потенцираат дека членството претставува значајно признание и поттик за понатамошен развој на заштитеното подрачје.
„Особено го истакнувам тоа што со колегите од соседните држави разменивме искуства, што говоревме за добрите и лошите моменти во управувањето со заштитените подрачја“, изјави Милорад Андријески од управата на паркот.
На конференцијата, на која присуствуваа повеќе од 110 учесници од земјите од Динарскиот лак, како и од Италија, Белгија, Франција, Шпанија и Чешка, беше прифатено и зачленувањето на Паркот на природа Драгишница и Комарница од Црна Гора.
Управувачите на заштитените зони ја нагласија потребата од посилен регионален пристап во обновата на природата, подобрување на управувањето со мрежата Натура 2000, редовно оценување на ефикасноста на заштитата и интензивна меѓусебна соработка.
Во рамки на тридневната програма беа одржани четири панел-сесии, две работилници, како и седници на Управниот одбор и Собранието на Мрежата на Парковите на Динаридите.
Мицкоски: На овој Конгрес не добив само реизбор, победи идејата, од поглавје на кризи, отвораме поглавје на зрелост
На XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше повторно избран за претседател, но како што истакна, овој реизбор значи многу повеќе од лична победа. „Не добив само реизбор, туку победи идејата. Вечерва затвораме едно поглавје на кризи, напади и неправди и отвораме поглавје на зрелост“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека партијата денес донесе документи кои ќе ја обноват вербата во политиката и ќе покажат дека со јасна стратегија и план резултатите се достижни. „Создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, а оваа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека товарот што го носи не е лесен, но го прифаќа со мир, затоа што зад него стои народот. „Македонија премногу долго се гледаше низ очите на другите. Време е да чекориме со свои амбиции и да ја градиме иднината што ја заслужуваме“, додаде тој.
Вечерниот конгрес беше означен како историски исчекор за партијата, која, според Мицкоски, се подготвува да излезе од кругот на страв, поделби и ниски амбиции и да започне нова ера на зрелост.
Мицкоски: Довербата во институциите и дигитализацијата ја носат иднината на Македонија
На XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржува во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, нагласи дека стабилноста и развојот на Македонија се возможни само со доверба во институциите кои функционираат на основа на владеење на правото и дигитализација.
Мицкоски истакна дека интеграцијата на дигитални процеси, автоматизацијата и енергетската транзиција се стратешки приоритети за државата. Според него, зелената економија не е идеолошки проект, туку државна потреба, а инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти ќе ја намалат зависноста и ќе создадат нова економска динамика.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, која се гради преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. „Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија“, истакна Мицкоски.
Во својот говор тој посочи и дека вештачката интелигенција е новото гравитациско поле на глобалната моќ. Земјите што инвестираат во AI обезбедуваат економска, безбедносна, институционална и технолошка предност, додека оние што ја игнорираат остануваат зависни од туѓи технологии и интереси. Мицкоски нагласи дека Македонија мора да стане активен учесник во новата интелигентна економија, наместо пасивен консумент на туѓа технологија.