Со минута молк и венец пред Влада се збогуваа од нивниот соборец Благојче (Фото)

Со едноминутно молчење, членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза пред Владата денеска се збогуваа со починатиот Благојче Илиевски, кој не го дочека лекот Трикафта…

Бура на социјалните мрежи и повици за одговорност денеска од страна на јавноста.

Протест пред Влада за лек за пациентите со цистична фиброза

Смртта на 45-годишниот Благојче „ги разбуди“ надлежните. Иако ниту премиерот Димитар Ковачевски, ниту Министерот за здравство Беким Сали не кажаа дека се чувствуваат одговорни за загубениот живот на првиот пациент со цистична фиброза, ден откако тој почина, се знае и од каде ќе се најдат пари и кој првично ќе ги набави терапиите за оние што се на кислородна поддршка. За седум пациенти, Фондот за здравствено осигурување со ребаланс оддели 2,2 милиони евра за Клиниката за детски болести, која, како што посочија надлежните, со интервентна постапка, ќе го набави лекот. Првпат пациентите се сретнаа и со првиот човек на Владата, Ковачевски, кој, како што кажаа од Асоцијацијата за цистична фиброза, им ветил и програма за набавка на „Трикафта“ за наредните три години.

Премиерот Ковачевски пред да се сретне со пациентите, изјави дека вината за тоа што Благојче не го дочека лекот е во бирократија поради која Македонија патела 30 години. Кажа оти лично се заложил за итните набавки, а одговорност побара и од Министерот Сали, па го праша…

Сали, пак, на фејсбук посочи дека преку трагедија се прави евтин трик за политички поени, а на прашањето одговори со контра прашање.

Дали некој, кој и покрај барањето на МЗ, не одобрил средства за лек на пациенти, смета дека може да си го продолжи мандатот? Би можеле да прашуваме и дали премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа. Инаку пациентите со цистична фиброза, нивни блиски и родители на деца со ова заболување, додека во Битола траеше погребот на Благојче, пред Владата, со цвеќе, очи полни солзи и едноминутно молчење за последен пат се збогуваат од својот соборец.