Претседателот на Србија рече дека ќе бара решение и ќе разговара и со Русите и со Американците и додаде дека сега е јасно зошто инсистирал да се изгради нафтовод до Унгарија.
За неколку дена Соединетите Американски Држави ќе воведат целосни санкции против компанијата Нафтена индустрија на Србија (НИС) поради руската сопственост, најави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ во телевизиско интервју.
– Се разбира, ова ни отвора проблеми со нашите руски пријатели за сè, од политички, до сè друго. Која е целта? Можеби треба да им наметнеме санкции ? И сега што? По 3 години да излезам да кажам, еве воведуваме санкции против Русите? Страшна ситуација. Не е реално. Во секој случај, не знаеме до кога ќе ни остават рок. Не може од денеска, па сега убијте се Срби. Треба да видиме што ќе пишува, кој ќе биде рокот и да видиме што мислат со тоа. Па да видиме дали руската сопственост може да се сведе само под 50%, па да преговараме со Русите, не знам, но тие имаат 56 отсто или нешто, за да го купиме тој дел. Или не смееме воопшто или не знам што сакаат да кажат – рече Вучиќ.
Имаме разговор и за гасниот аранжман, додаде Вучиќ, би требало да разговараме со Русите за гасниот аранжман.
– Значи, се договоривме за оваа зима и добро функционира. Штом видов дека Бугарите зборуваат нешто за тоа, разбрав во кој правец се оди. Значи, сега ќе видиме. Треба да го почекаме завршниот чин, да ја видиме содржината на санкцијата, да разговараме со Американците. Мора да ни остават одреден рок. Дали тој рок е 10 дена, 15 дена, месец, 2, 3 или 6? немам поим. Тие мора да ни остават одреден рок, но, никој од нас не може да си игра – изјави Вучиќ.
Ова е геополитичка одлука, додаде тој.
– Сега гледате зошто ни требаше и зошто инсистирав да се изгради нафтовод до Унгарија. Ќе најдеме решение. Момци, ќе најдеме решение. Мора да разговараме и со Американците и со Русите што да правиме – изјави Вучиќ.
Што и да правиме, тешко е и нема добри решенија, додаде српскиот претседател.
– Таа одлука е пресметана да нè принуди да воведеме санкции за Русите. А јас тоа не можам да го кажам. И не ми се верува дека тие сега проценуваат дека ќе ги победат Русите, со тоа што во геополитичките разговори ќе имаат мала мала компанија од Србија – вели Вучиќ.