Македонија
БИГОРСКИ со став: Нема полошо општествено уредување од она кое под маската на демократијата го крие вистинското лице на тоталитаризмот
Во Собрание ќе влезе Законот за родова еднаквост министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини.
Тренчевска во гостување на ТВ Сител вечерва појасни дека законот е работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтерсирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.
Од Бигорски манастир се јавија со коментар на Законот, прочитајте во прилог:
Човековите права отсекогаш се сметаат за фундаментално важни аспекти кои треба да ги почитува, промовира, заштитува и унапредува секоја одговорна државна власт, но и секој човек. Ваквата колосалност на темата, пак, честопати е испреплетена со најразлични политички идеологии, како и со најразлични лични поимања, што некогаш доведува до недоразбирања и конфликти.
Овој текст се однесува на предизвиците пред кои е исправена С. Македонија во врска со Законот за родова еднаквост поднесен до Собранието од страна на Владата. Предизвиците, пак, се резултат на сомнежите на огромното тивко морално мнозинство наши сограѓани, кои сметаат дека овој акт е во спротивност со националниот морал, како и со традициите на граѓаните независно од нивната етничка или религиска припадност. Имајќи го предвид споменатото, нашата цел е сосема благородна и таа се отелотворува во нашето настојување да влијаеме и низ конструктивен дијалог, што е одлика на достоинството, но и законски загарантирано право, да се овозможи да продолжат да опстануваат во ист обем и капацитет традиционалните форми на најважните општествени прашања, како што се образованието, бракот сфатен исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, како и целосната рамноправност на двата пола, односно на мажите и на жените.
Реагираме поради стравовите дека и во нашата земја, а по примерот на некои други држави, со примената на иста и слична методологија ќе им се обезбеди правен легитимитет, односно нахално ќе се воведе сексуалното на сметка на верското образование, што според нашите убедувања и начинот на живот, ќе донесе сигурни и сериозни импликации врз човековиот и општествениот бит, веќе докажано досега преку најразлични примери. Воедно, ние не мислиме да наметнуваме, да говориме за правилно и неправилно, за вистина и грешно, бидејќи за нас вистината е Христос и ние низ призмата на Христос ги набљудуваме човекот и светот, Него им Го сведочиме на светот преку личниот опит. Истовремено, стравуваме дека во духот на најцрните денови на комунистичкиот тоталитаризам, ќе се влијае во дестимулирање на религиозноста, а ќе се промовира т.н. идеја за „родовата флуидност“ која има намера да се скрие под различни зборовни конструкции, а сè повлијателниот агресивен феминизам упорно ќе продолжи да ја понижува клучната општествена улога на жената.
Она што со право длабоко нé загрижува е и нахалноста во пристапот кон овие теми на приврзаниците, како и недоволното вклучување на опонентите, кое требало да го запазува својот континуитет, за да се земе предвид уверувањето и на тие што поинаку размислуваат. Водењето на коректен и конструктивен дијалог е слика на секое зрело демократско општество. Во оваа смисла, оваа реалност дополнително ескалира кога се оди чекор понатаму преку свесно провоцирање и омаловажување на големото морално мнозинство кое трпеливо работи, се грижи за своето семејство, си ја почитува верата и кое си ја сака Татковината. Секоја неумерена реакција предизвикува агресија, а таа бо никој случај не му користи на овој општествен простор кој сите заедно го делиме.
Се поставува прашањето, како да се постапи на овој облик на загрозување на туѓата слобода? Да се премолчи како многу пати во минатото, или да се одговори достоинствено и разумно со надеж дека сепак, можеби како исклучок нема да се произведе поголем конфликт, туку, како за промена – дебата во која треба да се разбере и другата страна.
Нема полошо општествено уредување од она кое под маската на демократијата го крие вистинското лице на тоталитаризмот, односно анархизмот и нихилизмот. Современите концепции и стандарди за образование и родовата флуидност, но и традиционалните форми на претходнонаведените концепции од друга страна, пак, не само кај нас, туку насекаде во светот на еден највидлив начин ја претставуваат оваа сурова реалност.
Меѓутоа, каде нé води сето тоа?
Основата на човековите права се одразува во почитувањето на правото и слободата на другиот, односно во фактот дека слободите и правата на една група на граѓани (треба да) се ограничени со слободите и правата на друга група на граѓани (едно право не смее да го суспендира правото на другиот). Со актуелниот предлог закон, како и со неколку други закони во минатото, овој принцип не беше почитуван, односно не се почитуваа уверувањата и стремежите на граѓаните со изразена религиска свест и со конзервативен, односно традиционален општествен светоглед. Имајќи го во предвид споменатото, апелираме да се прекине оваа пракса на кршење на човековите права и слободи, односно да се применат методи на почитување на општествениот, политичкиот, економскиот и културниот развој на нашето општество.
Црквата не пишува државни закони, туку воспитува добри и лојални граѓани кои ги почитуваат добрите закони. Сите знаеме дека кој било Закон не се носи за да влијае од аспект на сила, за да присилува, туку тој е насочен кон подобрување на животот и на меѓусебните односи. Тоа значи дека правата на тие граѓани-верници ги вклучуваат и одговорностите кои произлегуваат од превземените дејствија. Секој од нас, без оглед на тоа дали е атеист или теист, дали е припадник на оваа или онаа верска заедница, дали е член на една или друга политичка партија, дали е функционер или не, има должност да се однесува како зрел граѓанин чијшто став, претходно добро преиспитан и очистен од страсти, е вреден да се чуе и земе предвид. Црквата не е институција – таа е народот собран околу својот Христос, што е всушност и етимолошкото значење на зборот εκκλησία – собрание на верни. Во тој контекст, членовите на Црквата, во секуларно организираната држава, рамноправно со сите нејзини жители го пренесуваат својот став кој треба да се почитува, бидејќи е став и на огромното тивко морално мнозинство! Црквата никој не може да ја спречи да говори со љубов, да биде смирено гласна во едно општество, сепак таа е повикана да се грижи за спасението на секој човек. Навистина, таа некогаш си дозволува да „го подели имотот и да го отпушти чедото во туѓата земја“, но и да го пречека со прегратка во неговото враќање оттаму.
На самиот крај, во духот на љубовта, би сакале да повикаме не само кон земање предвид на мислењето на огромното мнозинство во смисла на измените во Законот, туку и кон перманентен личен развој, кон самокритичност, кон градење на подобро општество за сите преку конструктивен и засилен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Црквата пребродила и излегла како победник и од пострашни зла и знаеме дека ќе го надмине, заедно со народот и овој предизвик. Тоа е така, бидејќи нејзината проповед не е против човекот кој од различни причини и под различни околности се довел во ситуација да греши, туку против злото и гревот. Таа не ги осудува различностите, туку прегрнува и љуби.
You may like
-
Уште полесно до работа во Германија: Можат да заминат стручните, но и нивните семејства
-
БУГАРСКА ПЕЈАЧКА ДО ПРОВОКАТОРИТЕ – Две години живеам во Скопје, не сум чула лош или навредлив збор затоа што сум Бугарка !
-
„Новиот изум на власта „Како легално да украдеш пари од бизнисот“ преку новиот – Закон за солидарност“!?
-
Внесувањето на Бугарите во Уставот е во согласност со Крушевската република и АСНОМ (Видео)
-
Започна комисиската расправа за УСТАВНИ ИЗМЕНИ ! ЌЕ ИМА ЛИ НОВО ПРЕДАВСТВО?
-
Хрватски ПРАТЕНИК: ОВАА ОЛУЈА НЕ Е ПРИРОДНА, нешто кое дува до 180км на час не е нормално за овој регион ! (ВИДЕО)
Македонија
Обвинени директор и управител: Комунален отпад ја загрозувал животната средина во Скопје
По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.
Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.
Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.
Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.
Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.
Македонија
Изборот за вршител на функцијата државен јавен обвинител одложен
Советот на јавни обвинители денеска не успеа да избере вршител на должноста државен јавен обвинител, откако пропадна итната седница поради отсуство на еден од членовите. Од Советот уверуваат дека станувало збор за оправдано отсуство.
„Седницата на Советот на јавните обвинители, закажана за 18 декември 2025 година во 11 часот, по предлог на член на Советот, а поради оправдано отсуство на еден од членовите, се одложува за 22 декември 2025 година, понеделник, со почеток во 11 часот“, соопштија од Советот.
Изборот на в.д. државен обвинител требаше да се реализира по итна постапка, откако досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски завчера поднесе неотповиклива оставка во Собранието. Оставката дојде токму на денот кога пратениците требаше да го разгледуваат предлогот за негово разрешување, поднесен од Владата.
По заминувањето на Коцевски, Собранието е обврзано во најкраток можен рок да распише оглас за избор на нов државен обвинител. До тогаш, функцијата ја врши вршител на должност, кој се избира од редот на републичките јавни обвинители, а го именува Советот на јавни обвинители.
Македонија
Ревизијата откри: СДСМ и ДУИ скрија 2 милиони евра во Лотарија на Македонија
Скандалот во Лотарија на Македонија, за што ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека милиони евра на граѓаните завршиле во рацете на кадри на ДУИ, додека СДСМ молчело и ги прикривало злоупотребите.
Според извештајот на Државниот завод за ревизија, додека институцијата беше под контрола на лица од СДСМ и ДУИ, се случиле сериозни финансиски неправилности, вклучувајќи злоупотреба на два милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека одговорните лица – Перпарим Бајрами и Артан Груби – ги фалсификувале и прикривале парите на граѓаните, додека владејачката партија ѝ давала „зелен сигнал“ на ова.
„Јавноста заслужува да знае каде завршиле овие пари и зошто првичниот криминал помина неказнето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата истакнува дека ова е само врвот на ледената санка, со оглед на долгогодишните злоупотреби во Лотарија и другите државни институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ и ДУИ систематски ги уништувале претпријатијата, празнеле буџети и го ограбувале народот, а со заминувањето на обвинителот Љупчо Коцевски, сега е време за одговорност и казнување на сторителите.
ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна проверка на сите трансакции и на јасен одговор кон граѓаните за тоа како и каде завршиле парите од Лотарија.
Трендинг
-
Црна Хроника5 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника5 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника2 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника5 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република3 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Македонија7 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника3 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Црна Хроника6 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница















