Груби доби нова позиција – ќе го надгледувал проектот за Коридорот 8

Откако „се облече како Коридорот 8“ и го затвори автопатот Тетово – Гостивар за двочасовната прослава за поставување табла, вицепремиерот и министер Груби доби уште една улога во владата – координатор на активностите поврзани со Коридорот 8. Ќе ги следи работите и ќе ги координира сите активности за изградбата на патните правци Скопје – Блаце, Кичево – Букојчани, железницата Кичево – Лин и заедничките гранични контроли со Албанија и Косово.

Премиерот уверува, проектите се во надлежност и одговорност на Министерот Бочварски, Јавното претпријатие за државни патишта, и Железници. А поради обемноста на проектот имало потреба од мислења и работи од други институции кои не биле во надлежност на Транспорт, туку на Владата.

-Тука спаѓа обезбедување на мислења од страна на Управа за имотно-правни работи, обезбедување на мислења и ефикасна работа на Министерството за земјоделие во трансформација на земјиште, ефикасност и брзо сработување во делот на работите на Министерството за финансии. Во делот на експропријацијата, Јавното Правобранителство, општините, и низа на други институции, вели премиерот Ковачевски.

Уште не почнати да се градат, Коридорите веќе ги тресат скандали. По контроверзниот договор за надзор, вреден 22 милиони евра, според кој хонорарите ќе достигнат и до 300.000 евра постапки отворија и Јавно обвинителство, но и Антикорупциската комисија.

Инаку, пред два дена речиси цела влада присуствуваше на помпезна церемонија на која се откри табла за почеток на изградба на Коридорот 8. Затворен беше автопатот Тетово – Гостивар во двата правци, а ангажирана беше компанијата Арбериа Дизајн. Договор за организацијата нема на Јавни набавки, а премиерот рече дека поради службените патувања во Србија, Словенија и Италија не бил вклучен и не знаел колку пари чинеше церемонијата.