Не си ги зголемивме сами платите – Уставен суд ни ги зголеми

Она што се зборуваше на Економскиот совет е платите на функционерите да се намалат. Но исто треба да биде јасно дека платите на функционерите не сезголемија самите, туку тоа го стори Уставниот суд“, рече министерката за труд и социјална работа Јована Тренчевска во емисијата „24 анализа“.

„Одлуките на Уставен суд мора да се почитуваат. Досега зедовме една зголемена плата. Ќе најдеме решение за оваа ситуација и тоа ќе биде решение за сите работници, вклучително и функционерите, и тоа ќе биде системско решение“, рече таа.

Професорот Лазар Јовески коментира дека е неетички работниците да добијат зголемување на платите до 2028 година додека функционерите веќе имаат зголемена плата.

– Револтот кај сите вработени е голем, а другите вработени се чувствуваат понижено, вели тој, додавајќи дека еден професор има плата од 30 илјади денари, која сукцесивно се зголемува минимално.

„Ние како Влада сме расположени да разговараме и да преговараме со работниците за платите“, рече на ова Тренчевска.

Според професорот Јовески, овој проблем кој предизвика револт во јавноста, треба да се реши со закон со „европско знаменце“. Тој го посочува примерот со Шведска каде соодносот меѓу најниската и највисоката плата е 1 спрема 5 (што кај нас би значело дека никој во државната служба не би требало да зема плата повисока од 100-на илјади денари).