ТАЖНО – САМО 20 ДУШИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ФЕРУС МУСТАФОВ

Дваесетина лица, од кои неколку члена на семејството и три новинарки од дигитални медиуми, дојдоа на денешната комеморација на легендарниот музичар Ферус Мустафов, кој почина на 22 мај на 72 години после кусо боледување.

Мустафов, еден од најпознатите македонски музичари во светот, беше погребан завчера во Скопје. Мустафов ги собираше аплаузите на сцените низ цел свет, но денеска, на комеморацијата во негова чест, за последен пат му аплаудираа само 20-тина луѓе. Без ниту една камера, ниту фоторепортер – пишува СДК.мк

Комеморацијата ја организираше Здружението на естрадни уметници, кои терминот и локацијата, 25 мај, 11 часот, во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), ги објавија на 22 мај во вечерните часови. Социјалните мрежи и медиумите на денот на неговата смрт, цел ден беа преплавени со пораки од колегите од цела музичка естрада, од соработници од сите жанрови,  за последен поздрав, со објавување на негови песни, се потсетуваа колку бил харизматичен и хуман, но на комеморацијата дојдоа едвај два-тројца музичари.

„Многу ми е жал што денеска нема колеги, можеби дека е во работно време. Човекот заслужува. Јас не сум човек кој зборува зад грб, да останеме позитивни“, рече музичарот, композитор и педагог  Сашо Ливрински.