Ковачевски и Зеленски се фрлија ВО ПРЕГРАТКА (Фото)

Ова е прва средба на македонскиот премиер со украинскиот претседател. Македонија ќе ја поддржува Украина сѐ додека е потребно

Македонија на самитот на Европската политичка заедница во Кишињев ја претставува премиерот Димитар Ковачевски. Тој таму веднаш по пристигнувањето имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. На средбата беше и албанскиот премиер Еди Рама. Ова е прва средба на Ковачевски со Зеленски.

Ковачевски на Фејсбук напиша: „Задоволство ми е што имав прилика да се сретнам со нашиот пријател, претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На нашата средба на која бевме заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, му ја пренесов лично поддршката која ја даваме за одбраната на храбриот украински народ, од неоправдана брутална воена агресија која Русија ја врши врз Украина.

Претседателот Зеленски се заблагодари за поддршката која за нив доаѓа во клучни моменти и за тоа што сме покрај Украина од првиот ден без калкулации. Северна Македонија останува на вистинската страна на историјата, сѐ додека тоа му е потребно на украинскиот народ“.

Тој претходно, исто така на Фејсбук, објави:

„Топло добредојде од претседателката на Молдавија, Маја Санду, на вториот Самит на Европската политичка заедница кој нѐ собира сите на исто место во вистински момент. Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но, исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со нив, доколку сакаме да имаме успех“, напиша Ковачевски.

Тој е придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.