Шаленберг: Или уставни измени или изолација – Мицкоски: Датум за следни избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати дипломатска но остра порака на тројца министри од ЕУ, доколку на средбата со него тие зборуваат само на темата уставни измени без да стават акцент на корупцијата и криминалот.

,,Ако некој доаѓа овде да разговара само на тема уставни измени тогаш навистина ќе бидам разочаран и навреден како граѓанин на Македонија, бидејќи на сите анкети граѓаните во Македонија, уставните измени не ги ставаат ниту во првите десет приоритети – рече Мицкоски вчера во Занаетчиската комора пред попладневната средба со министрите на Австрија, Чешка и Словачка.

,,Ако навистина го почитувате овој народ и граѓаните и ако сакате европска иднина и перспектива на Македонија тогаш малку повеќе треба да посветиме внимание на криминалот и корупцијата, на реформите…”, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

,,Имаа неколку решенија коишто ги понудив изминатава година, а тие ги одбија. Сега на маса е само една работа да седнеме и да се договориме за терминот за следните парламентарни избори. Се останато се рибарски приказни и фантазија на власта”, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува дека „конечно ќе се свестат луѓето во владата и конечно заеднички ќе излеземе со еден состанок со кој што ќе ја дефинираме датата за следните избори“.

Инаку денеска во посета на нашата земја се министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка Александер Шаленберг Јан Липавски и Мирослав Влачовски, кои попладнево треба да се сретнат со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и со раководството на партијата.

Предходно министерот за надворешни работи на Австрија им се закани на македонците.

На зедничката прес-конференција со министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, предупреди дека Македонија ќе биде изолирана доколку не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди кон европскиот пат.

„Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Земјата чека 18 години да дојде до овој момент. Сега вам ви останува да го искористите овој момент. Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата“, порача Шаленберг. 

Во име на тројцата министри на три членки на ЕУ кои допатуваа денеска во земјата уште додаде дека тоа „не се случува секој ден“:

„Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на с.Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии“ рече Шаленберг.