Connect with us

Религија

Денес ги славиме Светите Козма и Дамјан Азиски: За да ве следи здравје во текот на следната година, задолжително направете го ова

Published

on

Според христијанските традиции, Дамјан и Козма биле запаметени по бесплатното лекувањето.

Денес, православните верници ја слават славата посветена на браќата Козма и Дамјан, светци кои народот ги смета за заштитници на медицинската професија, поради што се нарекуваат Свети лекари.

Многу здравствени установи ги слават овие светци и лекари како заштитници на својата професија, иако Светите лекари не се запишуваат во календарот со црвена боја и постот не е задолжителен.

Според легендата, светците помогнале и лекувале без да побараат ништо за возврат „заради придобивка и збогатување, но заради Бога“.

Тие не ги разликувале нивните пациенти според националноста и религијата. Единствено што барале за возврат од своите пациенти било да не го кажуваат залудно името Христос, дури и ако не сакаат да го прифатат христијанството.

Според народното верување, денес е добар ден за молитва за исцелување. Исто така, постои верба дека е добро да се работи напорна физичка работа денес и дека не треба да ја напуштате куќата непотребно. 

Бидејќи Козма и Дамјан ги лекувале болните цел живот, постои верба дека треба да се каже молитва за заздравување на овој ден.

Оваа молитва треба да се прочита 40 дена по ред и ќе бидете здрави колку што верувате дека може да ви помогне.

Молитвата гласи:

Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме. Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт. Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат: иако според мноштвото на нашите гревови и не сме достојни за вашето милосрдие, сепак, вие, верни и вистински подражатели на Божјото човекољубие, направете, да принесеме плодови достојни за покајание, и во вечниот покој да достигнеме, фалејќи и благословувајќи Прекрасниот во Своите светии Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и вашето топло застапништво, сега и секога, и во вечни векови. Амин.

Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк