Овде го наоѓам својот мир. Каде и да одам, знам дека по се’, тука ќе завршам (Видео)

Нашиот легендарен никогаш непрепболен Тоше Проески со посебна жар зборуваше за неговиот манастир – манастирската црква во крушевското село Селце, која го носи името „Свето Преображение Господово“. 

Денеска се одбележува овој голем празник, а Македонците, иако Тоше не е повеќе меѓу нас, се сеќаваат на него, неговата вера и добрина, и љубовта кон овој свет храм. 

Сите граѓани на Крушево помагаа во градбата на манастирскиот комплекс, а голема улога во неговата обнова имаше трагично загинатиот, нашиот, Тоше Проески кој донираше многу средства за негово возобновување и не се срамеше да каже дека и тој помагаше во физичката работа при градбата.

– Овде ми е мирот, и после се знам дека еден ден ќе завршам тука, велеше Тоше. 

Tose Proeski   Manastir Sveto Preobrazdenie

Свето Преображение“ беше омилено место на Тоше. „Живееше со желбата манастирот да го види готов, со иконостас и фрескоживопис и со алфалтиран пат“, ни раскажа неговата сестра Дора. Во него влегуваше со огромна побожност, ги бакнуваше ѕидовите, знаеше и по еден час да лежи во олтарот, да се моли, вели. Во една пригода и самиот Тоше изјави: „Најголем проблем е непроодниот пат. Пределот е тешко достапен, со обичен автомобил тешко се стигнува, особено ако има дождови.

Има уште многу да се работи внатре. Фреските, иконостасот, конаците за спиење… Горе нема ни вода, ни струја. Се работи на агрегати. Мајсторите мешаат на раце, не може машина да се пушти. Ама, татко ми е во право. Повторно, само со верба во Бога, ќе се заврши и тој проект… Од моментот кога татко ми стапна на тоа место и кога го постави првиот камен со свои раце, но и со моја помош, се случи пресвртница. Почнаа моите успеси, популарноста, финансиската стабилност и јас верувам дека е тоа Божјиот одговор на нашата верба во него. Вербата и среќата прават чуда…“

Речиси идентични размислувања слушнавме и од Дора, која покрај безмерната тага по Тоше, најде време да ги сподели сеќавањата и пред екипата на „Утрински весник“. Во семејниот дом, каде што во приземјето, далеку од јавноста, во една од собите тагуваат родителите Доминика и Никола. Премалени од болка, деновите ги минуваат во солзи и молитви за душата на своето чедо. Силно е чувството дека овде е епицентарот на големиот непребол, кој како концентрични кругови од Крушево ја зафати цела Македонија и се распространи низ Балканот.

Неговите родители, како вистински христијани, го почитуваат крушевскиот обичај за 40-дневно ненапуштање на домот, освен за одење на гробишта. Со намерниците комуницираат зетот Славе и ќерката Дора Ристески. Во горниот дел од куќата, во оној на Тоше, каде што се’ е во знакот на прерано загинатиот миленик. Негови лични предмети, синтисајзерот… Онака како што било кога дента пред несреќата последен пат престојувал во домот. Само атмосферата ни одблиску не е иста. И тоа што покрај многуте фотографии на Тоше горат свеќи. Тагата буквално тежи, но во неа нема трагичен фатализам. Напротив, има едно огромно сведоштво за верата во живиот Бог, една посебна духовност, каква што во животот може да се сретне еднаш, два пати.
„Не ја загубив верата во Бога. Напротив, таа сега е зголемена. Како Господ да го спаси од нешто пострашно што ќе му се случеше. Се молам и верувам дека ова е само физичка разделба“, ни објаснува Дора.