„Свински“ ребра од растително потекло и вегански коски кои се јадат!?

По плескавиците од растително потекло и цела низа производи кои личат на вистинско месо, наскоро ќе пристигнат „свински“ ребра од растително потекло, кои ќе имаат и коски што може да се јадат, погодни за веганската исхрана, пишува „Гардијан“.

„Свинските“ ребра од растително потекло со изненадување – вегански коски за јадење, наскоро ќе дебитираат на трпезите, најавија од компанијата  „Џуси Марблс“(„Juicy Marbles“).

Идејата за јадливи коски, настанала кога еден производител на веганска храна сакал ребрата да имаат коски за компостирање, но потоа сфатил дека може истите да се јадат. Првите парчиња од овие ребра ќе бидат достапни од крајот на август во Велика Британија, ЕУ и САД.

Цената допрва треба да се одреди, а компанијата ќе собира повратни информации од клиентите од првите серии на овој производ, за дополнително да го приспособи рецептот, името и пакувањето пред целосното лансирање. Цената ќе биде повисока од цената на обичните ребра, кои генерално се евтин месен производ.

Производителите на таканареченото растително месо продолжуваат да создаваат нови работи, но некои големи компании во овој сектор забележаа пад на продажбата, бидејќи кризата со трошоците за живот ги тера клиентите кон поевтино конвенционално месо.

Намалувањето на традиционалната потрошувачка на месо во богатите земји, каде луѓето јадат повеќе црвено месо, отколку што е здраво, е од витално значење за решавање на климатската криза.

Емисиите на стакленички гасови од земјоделството најмногу доаѓаат од сточарството, особено од говедата. Околу 15 проценти од сите глобални емисии се произведени од земјоделството.

Од друга страна, растечките растителни видови создаваат многу помалку стакленички гасови. Намалувањето на потрошувачката на месо и млечни производи, исто така, го намалува загадувањето и користењето земјиште и вода, а научниците велат дека тоа би можело да биде најефективниот начин за луѓето да го намалат нивното штетно влијание врз планетата.

„За некои, коските направени од растенија можеби се идеолошка провокација, но не треба да ги сфаќаме овие работи премногу сериозно. Тоа е забавно. Коските те тераат да јадеш со раце и да делиш (храна) со сите на трпезата“, вели Владимир Мицковиќ, ко-основач на компанијата „Џуси марблез“, чие седиште е во Словенија.

Инаку, компанијата започнала со продажба на стек од растителна основа и посно месо во 2022 година. Коските, кои имаат исто количество протеини како говедско месо, мора да се испечат или да се пржат за да се направи крцкава закуска, откако ќе се јаде месото од растително потекло.

„Почнавме од фактот дека не сакавме коските да бидат отпад. Се надевам дека ќе можеме да ги направиме и коските вкусни, за да се користат и за правење супа. Најважно е да се види како реагираат луѓето“, изјави Мицковиќ.

Според истражувањата, производството на месо и млечни производи користи 83 отсто од земјоделското земјиште во светот и е одговорно за 60 отсто од земјоделските емисии на стакленички гасови.

Во извештајот за 2022 година на Бостонската консалтинг група се наведува дека таканареченото растително месо е најефективната инвестиција кога станува збор за работа за забавување на климатските промени.