Connect with us

Македонија

Ѓорѓиевски ги повика Костадинов и Јакимовски проблемите, ако постојат да ги решат на маса, а не на социјалните мрежи

Published

on

Ниту градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, ниту градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски не го известиле претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски дека сакаат да ја напуштат заедницата. Во изјава за МКД.мк Ѓорѓиевски ги повика своите колеги да дојдат, да ги кажат проблемите, а ако тие навистина постојат, заеднички да најдат решение, бидејќи одлуката да го напуштат ЗЕЛС, вели не е добра за никого, а најмногу ќе биде на штета на граѓаните.

„Искрен да бидам, за ваквата нивна одлука дознав од медиумите. Не сум бил известен ниту јас, ниту пак до ЗЕЛС има стасано било каков допис од двајцата градоначалници. Сметам дека обвинувањата на колегата Костадинов се несериозни, бидејќи до сега не сме дозволувале политиката, а особено дневната политика да се меша во работата на ЗЕЛС и секогаш сме пристапувале да се водиме од интересите на граѓаните. Жал ми е што од страна на двајцата мои колеги досега не сме биле известени за некаков проблем со било кој од централната власт за да можеме да делуваме и да помогнеме во процесот, ако имало реален проблем. И понатаму вратите на ЗЕЛС им се отворени за да седнеме и да најдеме решение за проблемите, ако навистина ги има“, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека една општина може да истапи од ЗЕЛС со одлука на совет, е не единствено по волја на градоначалникот.

„Ако на одреден градоначалник не му се допаѓа еден министер, не значи дека треба да се компромитира ЗЕЛС, а тоа во моментов го прават двајцата градоначалници. Верувам дека ќе надвладее разумот кај двајцата колеги, бидејќи ЗЕЛС не е само членство, туку има и обврски, а и услуги кои ги дава во корист на општините и граѓаните. Мојот став е дека не треба заради сневна политика некој да ги доведе граѓаните во заложништво“, појаснува Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС утрово телефонски разговарал со градоначалникот на општина Карпош, Јакимовски кој не дал конкретен одговор во кој дел ЗЕЛС не постапило соодветно заштитувајќи ја општината, ниту дали има проблем во однос на функционирањето на ЗЕЛС. Појаснувањата од Јакимовски зошто сака да го напушти ЗЕЛС биле дека имал одредени несогласувања со централната власт, а за овие несогласувања, претседателот Ѓорѓиевски смета дека воопшто не се поврзани со Заедницата.

Јакимовски не дал прецизен став дали дефинитивно одлучил да замине од Заедницата и договориле средба со претседателот за решавање на овој проблем. Не треба да се дознаваат работите преку медиуми и социјални мрежи, туку тие, ако постојат, се решаваат на маса.

„Не се сложувам дека партиски забави се прават во ЗЕЛС, бидејќи имам потпретседател од редовите на СДСМ, Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово со кого имам одлична соработка. Или другиот потпретседател Ганиу, кој беше во ДУИ, а сега е во Влен… Од сите политички партии имаме членови на Управен одбор“, дециден е Ѓорѓиевски коментирајќи ја изјавата на Јакимовски дека во ЗЕЛС се прават партиски забави.

Со градоначалникот на Струмица, Ѓорѓиевски не успеал да поразговара бидејќи го побарал телефонски, но не го добил. И до него испрати апел дека треба да поразговараат на маса и да видат за какви проблеми се работи и заедно да најдат решение.

За тоа дали ЗЕЛС или општините ќе изгубат повеќе ако решат да заминат, првиот човек на Заедницата вели дека губат и едните и другите.

„Се надевам дека ќе се вразумат и дека ќе размислат добро двајцата колеги за ваквиот став. Ако останат на тој став, мислам дека тоа не е добро ниту за ЗЕЛС, ниту за општините. Градоначалник е менлива функција, а не е добро поради политика некој да повлече ваков чекор со кој губат граѓаните. Секогаш сум поборник да се вклучи разумот на највисоко ниво и да се донесат корисни одлуки“, изјави Ѓорѓиевски.

За тоа дали Арсовска ќе одговори позитивно на повикот на Јакимовски да излезе од ЗЕЛС, Ѓорѓиевски вели дека таа досега не се појавила на ниту една седница на ЗЕЛС.

„Арсовска не учествува во финансирање на ЗЕЛС, откако беше сменета од местото претседател на Управен одбор на ЗЕЛС. Практично, како и за многу други работи поврзани со неа, така и за ова не гледам многу вклученост и посветеност и овде. Еднаш се појави на Генерално собрание пред неколку месеци. Секоја општина спрема бројот на жители учествува со одредена сума во ЗЕЛС. Ако и Арсовска одлучи да си замине од ЗЕЛС тогаш тоа ќе значи дека се работи за одредена синхронизирана активност организирана од некој. За дневна политика да доведувате одредени општини да истапуваат од асоцијација која е многу порано формирана од нашето стапување на финкција, мислам дека ќе даде друга димензија во процесот односно ќе остави простор да се сомневаме дека ова има некоја друга цел и има организатор на ова“, додава Ѓорѓиевски.

Општина Струмица и скопската општина Карпош ќе ја напуштат Заедницата на единцата на локална самоуправа (ЗЕЛС). Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вели ЗЕЛС не заслужува градот со кој раководи тој да партиципира во оваа Заедница. Јакимовски пак синоќа најави дека ќе му се придружи на Костадинов.

Излегувањето од ЗЕЛС градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го најави во објава на фејсбук каде наведе дека ќе подготви и официјален допис до ЗЕЛС. Причина за ваквата негова одлука е, како што напиша тој, е притисокот што централната власт го врши врз Институтот за јавно здравје и министерот за земоделство за проблемот за водата за пиење што во Струмица се провелува веќе повеќе од еден месец.

И градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчеравечер во гостување во поткаст најави дека ќе го напушти ЗЕЛС.

„И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава“, изјави Јакимовски.

Посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, оти градот е главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.

Македонија

Подгответе се за огромни промени: Утре температури до 29 степени, но погледнете какво време не очекува од вторник

Published

on

Утре ќе има топло време со засилен јужен ветер (над 60 km/h). Во недела се очекува локална нестабилност, а во понеделник на повеќе места ќе има пороен дожд и грмежи, краткотрајно во форма на невреме.

Во вторник ќе се намали температурата и ќе има локални врнежи од дожд, додека на планините и повисоките места ќе има снег. Потоа, ќе следува стабилно време со ниски утрински температури.

Прогноза за 16.03.2025

Минимална температура: 3°C до 9°C
Максимална температура: 17°C до 25°C

Променливо облачно и нестабилно, со локални врнежи од дожд и грмежи, краткотрајно во форма на невреме. Ќе дува умерен до повремено засилен ветер од западен правец.

Прогноза за 17.03.2025

Минимална температура: 2°C до 8°C
Максимална температура: 14°C до 21°C

Променливо облачно и нестабилно, со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец.

Прогноза за 18.03.2025

Минимална температура: 0°C до 6°C
Максимална температура: 2°C до 10°C

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на планините и повисоките места со повремен снег. Ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец.

Continue Reading

Македонија

МЖСПП: Граѓаните треба да ја поддржат изградбата на стандардна регионална депонија во Новаци

Published

on

Министерството за животна средина и просторно планирање во пресрет на најавените протести во Општина Битола поврзани со локацијата за регионалната депонија во Општина Новаци, со соопштение до јавноста посочи дека во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, граѓаните треба да ја поддржат изградбата на стандардна регионална депонија во Новаци.

Од МЖСПП информираат дека за изградбата на регионалните системи за управување за отпад потребни се големи финансиски средства за кои општините немаат капацитет да ги обезбедат, а МЖСПП во изминатиот период работеше на обезбедување на овие средства и на подготовка на планска документација за реализирање на регионалниот систем за управување со отпад.

„Проектот за изградба на оваа нова санитарна депонија е подготвен во јуни 2017 година во рамки на проект финансиран од ЕУ. Дел од средствата беа обезбедени како грант, преку ИПА фондовите, потоа е потпишан договор со Европската Банка за Реконструкција и Развој (ЕБРД) за реализирање на проект за техничка помош кој даде насоки за начинот на финасирање на регионалните системи за управување со отпад за четири региони. Тука припаѓа и Пелагонискиот регион, кој заедно со Југозападниот претставуваат еден регион за управување со отпад. По препорака на ЕБОР депонијата Новаци наместо да добива отпад само од 9-те општини од Пелагонискиот регион ќе добива отпад од 18-те општини од двата региона. Ова е дефинирано со Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија 2021-2031 година, кој воедно беше дискутиран на јавни расправи на кои се запозна целата јавност и потоа истиот беше донесен од страна на Министерот за животна средина и просторно планирање“, соопштија од МЖСПП.

Регионалната депонија е предвидено да биде изградена на девастирано,оштетено земјиште кое со ваквото искористување ќe даде бенефит и за населението и за животната средина. На депонијата ќе завршува најмногу до 50 насто од отпадот што се генерира од сите општините, бидејќи регионалниот систем предвидува примарна селекција на отпадот што може да се рецилкира и кој ќе заврши во инсталиции за преработка.

Со изградбата на регионалната санитарна депонија, посочуваат од МЖСПП, ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од стотиците диви ѓубришта во Пелагонискиот регион и особено од штетното влијание на постоечката локација за отстранување на отпад во Мегленци која се користи од страна на општина Битола.

Инвестициската структура за воспоставување на овој основен заеднички систем за управување со отпад за Југозападен и Пелагониски изнесува 30.1 милиони евра, средства кои не можат општините во регионите сами да ги обезбедат и затоа, нагласуваат од МЖСПП одлуката за протестите е неоснована бидејќи граѓаните на Општина Битола не се запознаени доволно со овој проект.

Continue Reading

Македонија

МВР веќе го спровело Јахоски во Истражниот затвор Скопје, притворот е на 30 денови

Published

on

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донесе одлука со која мерката куќен притвор за Асмир Јахоски во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, се преиначува и се определува мерка притвор во траење од 30 дена.

Донесеното решение, како што информираат од Кривичен, е доставно до странките во постапката и добиено е известие од надлежната полициска станица дека лицето е обезбедено и спроведено во Истражниот затвор Скопје.

– Кривичниот совет, постапувајќи по жалба на ОЈО ГОКК изјавена против решение на судија на претходна постапка против А.Ј., а поврзано со истрагата за набавка на мазут во ТЕЦ Неготино и одговорот на жалба донесе решение со кое: Мерката куќен притвор, определена со решение на судија на претходна постапка се преиначува и се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека истиот може да ја попречи истрагата со влијание врз сведоци, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

ОЈО ГОКК вчера го обжали решението за куќен притвор за Асмир Јахоски во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го разгледа Решението со кое не се прифати предлогот на Обвинителството за определување на мерка притвор и на осомничен му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, соопшти вчера ОЈО ГОКК.

Незадоволно од ваквата одлука, како што се наведува во соопштението, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк