Од АД МЕПСО велат дека од почнувањето на проектот досега се реализирани само 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), доставени се 51,2% од опремата, а изведувачот неколку пати го напуштал градилиштето.
Раскинат договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 киловолтен далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница, информира АД МЕПСО.
Од компанијата целат дека изведувачот не ги исполнил обврските, а барал повеќе пари.
„До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања, поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни. Договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.5.2023 година. Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, клуч на рака“, соопшти МЕПСО.
Од МЕПСО додаваат дека и покрај повеќекратните напори за усогласување и преговарање, не бил постигнат договор и затоа е донесена одлука тој да се раскине.
„Од почнувањето на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата. Имајќи ја во предвид настаната ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект, кој е врвен приоротет за АД МЕПСО и за Владата. АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 кВ интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Македонија, Албанија и за регионот во целина“, велат од АД МЕПСО.
Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата.