Цените на нафтата паднаа до 71 долар на меѓународните пазари во средата, бидејќи стравувањата за побарувачката преовладаа кај инвеститорите, при што главните производители ги намалија прогнозите и знаците за забавување на економијата во Кина.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше пониска за 65 центи во однос на затворањето на пазарот во вторникот и изнесуваше 71,24 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по 54 центи пониска цена, по 67,58 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), објави дека барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во вторникот поевтинил за 1,41 долари на 71,51 долари.
На крајот од минатата седмица и првата половина од оваа, индициите за послаба кинеска побарувачка и новите проценки на OPEC за оваа и следната година го одбележаа расположението на пазарите. Во вторникот, нафтениот картел повторно ја намали проценката за растот на побарувачката во 2024 година, од 2,03 милиони на 1,93 милиони барели дневно. Во 2025 година, според новите проценки, треба да се зголеми за 1,74 милиони барели дневно, 100 илјади барели пониско од она што беше пресметано во октомври.
Групацијата повторно ја издвои очекуваната послаба побарувачка во Кина поради забавувањето на економската активност, особено во градежниот сектор и преминот кон почисти енергенси. Во такви услови кинеската побарувачка годинава би требало да се зголеми за 450 илјади барели дневно, приближно 100 илјади барели пониско од претходните пресметки на OPEC.
Истовремено, инвеститорите беа разочарани што Пекинг, наместо директни стимулации за економијата, одлучи да го ограничи огромниот долг на локалната власт.
Тежиште на цените е зајакнувањето на доларот по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД бидејќи ја спречува побарувачката од купувачите на други валути.
Инвеститорите, исто така, се обидуваат да откријат како составот на кабинетот на Трамп може да влијае на понудата и побарувачката. Ново-стариот американски претседател се подготвува на функцијата државен секретар да го назначи сенаторот Марко Рубио, познат по неговите „воинствени“ ставови кон Иран, Кина и Куба.
„Назначувањето на Рубио може да ги подигне цените на нафтата, бидејќи неговиот цврст став кон Иран може да резултира со нови санкции и потенцијално да ја намали глобалната понуда за 1,3 милиони барели дневно“, пишува Ешли Келти од „Panmurа Liberum“.
Иранскиот министер за нафта порача дека Техеран подготвил план за зачувување на производството и извозот на нафта и дека се подготвени за можни нови американски ограничувања, според веб-страницата на министерството.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Енергетскиот самит во Атина, Грција, каде што ја истакна новата стратегија на Македонија во енергетскиот сектор. Таа нагласи дека државата повеќе не е пасивен набљудувач, туку активно инвестира, поврзува и гради енергетски независен систем што ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион.
„Енергијата веќе не е само економски сектор – таа е геополитичка сила! Енергетската безбедност е национална безбедност. Земјите што ќе предводат во 21 век се оние што инвестираат во домашно производство и ја зајакнуваат регионалната соработка“, истакна Божиновска.
Според неа, следната деценија нема да им припаѓа само на земјите што произведуваат енергија, туку на оние што иновираат, интегрираат и инвестираат во одржлива иднина.
„Македонија е подготвена – создаваме почиста, побезбедна и енергетски независна иднина за нас и за регионот“, порача министерката, завршувајќи со јасна порака:
📌 „Кој вложува во енергијата, вложува во иднината!“
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски денеска соопшти дека амбицијата на Владата е во следниот период да пушти возови до Тетово, Гостивар, Штип и Кочани, како и да ја врати целосно линијата до Кичево.
Како што изјави Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт”, момнентно во земјава се активни пет возови за патнички сообраќај, пет локомотиви за товарен сообраќај и четири локомотиви кои се изнајмени.
– Од нула возови и локомотиви минатиот јули, сега имаме вкупно 14 на македонските пруги. Кога бевме избрани во јули лани Македонија немаше железница, немаше оперативни возови и локомотиви. По само шест месеци резултатите се гледаат. Депото низ кое прошетавме денеска во јули минатата година беше запуштено, во него не влегуваше никој, имаше темна слика, а денес вредни луѓе ги одржуваат и поправаат возовите. Споредено со четвриот квартал во 2023 година, четвртиот квартал во 2024 година во делот на товарот има зголемување за 75 проценти. Тоа е срцето на „Македонски железници – Транспорт“ зашто најголем дел од приходите доаѓат токму преку карго сообраќајот, а исто така во делот на патничкиот сообраќај, споредено, пак, трет квартал 2023 со трет квартал 2024 година, има зголемување за 36 отсто. Тоа се огромни бројки и огромни разлики, рече Николовски.
Тој претходно најави дека денеска попладне, во 16:30, ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово.
Градежната компанија Стентон Градба слави повеќе од две децении успешно работење, од своите скромни почетоци во 2003 година до позицијата на еден од водечките играчи во градежната индустрија.
Компанијата започна како производител на градежен материјал, но со текот на годините ја прошири својата дејност, станувајќи синоним за квалитет и иновативност. Денес, Стентон Градба активно работи на меѓународни партнерства со цел да ги имплементира најсовремените градежни решенија и технологии.
Со визија насочена кон иднината, компанијата продолжува да инвестира во развој, одржливост и висококвалитетни градежни проекти.
Стентон Градба е основана во 2003 година како компанија која започна со производство на градежни материјали, а подоцна и со изведба на договорни проекти за приватни лица, големи компании, министерства, општини и различни други субјекти.
Во 2004 година од производител на речен песок Стентон Градба во текот на своето работење се разви во производител на бетон, со што стана водечка градежна компанија во Пелагонискиот регион.
Од 2007 година Стентон Градба во својот спектар на експертиза додаде хидроинженеринг, изградба на патишта, инфраструктурни проекти, санирање на свлечишта, изведба на индустриски објекти и друго.
Во 2013 година Стентон Градба успешно го финализира еден од најголемите проекти во општина Битола насловен како „Реконструкција на Црн – Мост Битола“.
Во 2015 Стентон Градба беше една од компаниите основачи на Градежна комора на Македонија.
Во 2017 година Стентон Градба го изгради „Центар за за Технички преглед, дијагностика, сервис и поправка на Моторни возила“ во сопственост на СН Осигурителен Брокер АД Битола.
Во 2017, 2018 и 2020 година Стентон Градба добива признание за една од 200 најголеми фирми во Македонија.
Во истата 2017 година Стентон Градба учествуваше во изградбата на – индустриска хала за преработка на тутун во индустриска зона Опаленик, Крушево на површина од 10.000 м2.
Во 2021 година Стентон Градба го реализира еден од најголемите проекти во Преспанскиот регион насловен како „Санација на свлечиште на регионален пат Р1308 Претор – Маркова нога“.
Денес Стентон Градба активно се залага за диверзитет во својот бизнис потфат, како и се труди да воспостави меѓународни партнерства со компании чија специјалност е хидротехника, инфраструктура, патишта, електромеханичко инжинерство, обновливи извори на енергија и така натаму.