Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, денес беше официјализиран стартот на проектот за развој на паметни електроенергетски мрежи, кој има за цел да ги унапреди можностите за интеграција на обновливи извори на енергија во Македонија и е основа за идни инвестиции и за справување со предизвиците во електричната мрежа.
Оваа важна соработка, под покровителство на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и министерката Сања Божиновска, се реализира меѓу државната МЕПСО и компанијата Коленко.
На настанот присуствуваа претставникот на ЕБОР во нашата земја Фатих Туркменоглу, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, директорот на Коленко во Македонија, Никола Битрак, а посебно за овој настан во Македонија пристигна и директорот на Коленко од Германија Хуберт Хосп. Формализирањето на договорот беше следено и он лине од страна на Ања Шнајдер од Блумберг.
„Овој проект за развој на паметни електроенергетски мрежи не е само стратегија за планирање; тоа се конкретни чекори за иднината на нашата енергетска структура. Како Министерство, ние сме посветени на создавање одржливи решенија за нашата енергетска трансформација. Наша обврска е модернизација на нашите енергетски мрежи. Имаме одговорност кон нашите граѓани, нашите ресурси и нашата околина. Имаме можност да изградиме мрежа која не само што ќе се носи денес туку ќе е и солидна основа за идниот развој. Затоа, заедно со нашите партнери, ние ја потврдуваме нашата посветеност на создавање паметна мрежа која ќе одговори на предизвиците на времето во кое живееме. Оваа мрежа е наша иднина и нашето наследство.“ истакна министерката Божиновска.
ЕБОР е партнер со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕПСО и ЕВН дистрибуција, обезбедувајќи експертски ресурси за изработка на Студијата.
„Декарбонизација на македонскиот енергетски сектор во континуитет е стратешки поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Активно го поддржуваме МЕПСО во напорите да ја модернизира и зајакне енергетската мрежа и да го спроведе овој план во реалност. Ние сме посветени да и помогнеме на земјата при енергетската транзиција.“ изјави претставникот на ЕБОР во нашата земја Фатих Туркменоглу.
Македонија е на пат да ја реализира својата енергетска агенда, која вклучува интеграција на 1,7 GW обновлива енергија до 2030 година. За реализација на целите клучна е изработката на детална Студија за развој на мрежата во која јасно ќе се адресираат предизвиците за интеграција на ОИЕ. Студиските истражувања треба да послужат за ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата (TYNDP) и подготовка на робустен инвестициски план за да се овозможи непречена транзиција и на преносната и на дистрибутивната мрежа.
„Нашата цел е јасна, да создадеме енергетски систем кој е сигурен, доверлив и подготвен за иднината. За таа цел, МЕПСО е посветен на модернизација на инфраструктурата, развој на нови трансформаторски станици, подобрување на капацитетите за пренос и инсталирање системи за мониторинг и заштита. Успехот на овој проект зависи од нашата способност да соработуваме. Јас сум убеден дека преку ова партнерство со ЕБОР, Министерството за енергетика, ЕСМ, ние од МЕПСО, МЕМО, ЕВН, мноштвото производители на зелена енергија и сите засегнати страни, ќе успееме да ги постигнеме амбициозните цели што сме ги поставиле.“ изјави директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи
Студијата ќе примени современи решенија за „паметни мрежи“, користејќи искуства од меѓународната пракса, вклучително и од Европската унија и други земји во понапредните фази на енергетска транзиција и планирање.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.