Трговците ја почитуваат акцијата наречена „Новогодишна кошничка“. Инспекторите постојано вршат контроли кај сите опфатени во мерката и не констатирале посериозни прекршоци.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска по посета на маркети во Скопје оцени дека цените на производите од новогодишната кошница што почна на 15. месецов се намалени за 10 проценти и повеќе. Државниот пазарен инспекторат, пак, како што соопшти директорот Влатко Стојаноски, регистрирал ситни забелешки во однос на означувањето на производите и ситни корекции кај цените на два-три трговски субјекти. Инспекторите не регистрирале отстапување од договореното за поевтинување на производите за 10 проценти во однос на нивната најниска цена во последните 30 дена пред почетокот на акцијата.
– Во овие пет дена ДПИ регистрира ситни забелешки во смисла на означувањата и ситни корекции на цените кај два-три трговски субјекти. Не се забележани неправилности во поголеми размери. Можам да заклучам дека сите чинители во овој процес го почитуваат договорено, вели Стојкоски.
Дурмиши апелираше до трговците да го почитуваат договорот што сами го понудиле.
– Оваа мерка беше на иницијатива на трговците, производителите и дистрибутерите, поддржана од страна на Владата. Државниот пазарен инспекторат е на терен за да види дали се спроведува. Апелирам до сите трговци да ја почитуваат мерката додека трае до 15 јануари 2025 како што ја почнаа првите денови затоа што ова е нивна мерка. Најголеми инспектори се граѓаните, ако забележат изигрување на цените да се јават на бесплатниот број 191 или а ве страната на ДПИ, рече Дурмиши
Акциската листа опфаќа леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, одредени пива и вина, безалкохолни пијалоци. Продуктите во маркетите се со обележана налепница „помалку трошоци – повеќе за тебе“, а граѓаните можат да ги проверат и на веб страницата Моја кошница. Доколку забележат прекршување можат да пријават во пазарен инспекторат