Економијата е во фокусот на Владата на Македонија и во изминатите 6 месеци од својот мандат посветува внимание да направи промени коишто ќе донесат предвидливост за инвеститорите и подобри услови за инвестирање. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која беше воведен говорник на Форумот на „Инвисо”, претходно познат како Еуромани”, којшто се одржува во Виена. Воведни обраќања имаа и првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринк, гувернерот на централната банка на Австрија и член на УО на Европската централна банка, Роберт Холцман, заменик-министерот за финансии на Грузија Екатерина Гунтсатце и заменик-претседател за регионот во Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка, Алфонсо Гарсија Мора.
„Во овие шест месеци од преземање на власта сме фокусирани на економијата и на она што треба да промениме и е важно за инвеститорите. Во изминатите 7 години се направени многу промени во даночната политика и затоа ние велиме дека треба да имаме предвидлива даночна политика, данок со рамни стапки и дека како и во преходниот период и во следните 4 години ќе биде стабилно и нема да правиме промени. Тоа е важно за компаниите да можат да ги прават своите планови”, рече министерката.
Таа додаде дека друг значаен аспект на кој е фокусирана Владата е инфраструктурата и дека целта е да се покажат резултати на дело. „Успеавмe да завршиме сериозен експресен пат кој го поврзува Скопје со Софија. Исто така, фокусирани сме на финализирање на патната делница во западниот дел од државата од Кичево до Охрид, на кој се работи повеќе од 10 години и очекуваме во следните 2 години да биде завршен. За инвеститорите ова е многу важно особено затоа што во регионот на Охрид има многу странски инвестиции”, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката потенцира дека се преземаат сериозни активности и во борбата со криминалот и корупцијата, активности на полето на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, како и други реформи кои се важни за инвеститорите.
„Многу сме сериозни и фокусирани на економијата и можам да ветам дека во наредниот период ќе покажеме сериозни резултати. Веќе ги покажуваме и сега, а сериозен доказ за тоа е растот на БДП во третиот квартал. Работиме и на реформи што се многу важни за нас и за инвеститорите, што значи се обидуваме целосно да го смениме концептот на работа и тој да биде заснован на професионалност”, рече министерката.
Во обраќањето се осврна и на спроведување на реформите поврзани со евроинтеграцијата на нашата земја при што истакна дека се следи Реформската агенда и дека ќе бидат завршени преземените обврски во врска со неа.
„Она што е утврдено со Реформската агенда ќе го завршиме. Веќе се подготвува договорот за побарување на средствата и сме прва земја од петте во Западен Балкан што ги исполни обврските, што значи дека сме многу сериозни“, истакна министерката за финансии.
На маргините на форумот, министерката за финансии ќе оствари повеќе средби со инвеститори и претставници на меѓународни финансиски институции.
Инаку, Форумот е годишен настан којшто на едно место спојува професионалци од различни сегменти на финансискиот и банкарскиот сектор и дава можност за информирање за најновите случувања во финснсискиот свет и отворење дискусија за трендовите и иднината на финансиските пазари.
Извор: Pari.mk