Во ексклузивно интервју за ТРТ Балкан, Омерагиќ се осврна на неговата визија за унапредување на фудбалот, но и можноста за соработка со фудбалските сојузи во земјите од регионот и идејата за Регионална фудбалска лига.
На 22 декември мината година на вонредното изборно генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ со акламација е избран за претседател на федерацијата.
Во ексклузивно интервју за ТРТ Балкан на македонски јазик, Омерагиќ зборува за неговата визија за унапредување на фудбалот во земјата, неговиот тим составен од поранешни репрезентативци, очекувањата од репрезентацијата, но и можноста за соработка со фудбалските сојузи во земјите од регионот и идејата за Регионална фудбалска лига. Во своето прво обраќање во јавноста во својство на прв човек на ФФМ, Омерагиќ рече дека знае во која насока треба да се развива фудбалот во земјава. Оттаму, логично беше првото прашање, во која насока и како треба да се работи за да се унапреди фудбалот во земјава?
Фокус на инвестирање во младите и инфраструктурата
Омерагиќ нагласува дека тоа го базира на неговото богато искуство во фудбалот, додавајќи дека речиси целиот свој живот, порано како фудбалер, потоа како член на Управниот одбор на ФФМ, а сега и како претседател на федерацијата.
„Основно за развој на фудбалот во секоја држава, па и во нашата е инвестирање во инфрастуктура и инвестирање во младите, постојано едуцирање на тренерскиот кадар, како и произовдство на судии, односно едуцирање на судиите за да имаме што поквалитетно судење. Паралелно со тоа, создавање на регуларни услови за играње е еден од главните предуслови за да имаме квалитетен фудбал. За сето тоа е потребно само време“, вели Омерагиќ.
Пандев, Најдовски и Ибраими дел од тимот на Омерагиќ
Јавноста позитивно ја коментираше неговата одлука во својот тим да ги има некогашните истакнати фудбалски репрезентативци со цел да ги поправи состојбите во македонскиот фудбал, а Омерагиќ уверува дека тоа е исправна одлука, која ќе покаже резултати.
„Во тимот околу мене се, ако одиме по возраст, Илија Најдовски, знаете, нема потреба да го претставуваме. Тоа е фудбалска легенда, која што го има подигнато пехарот на светски првак на Црвена Sвезда кога беа светски прваци во Јапонија. После тоа е Горан Пандев којшто ја има освоено Лигата на шампионите, наш ререзентативец, и нормално тука доаѓа Агим Ибраими. Има и други поранешни фудбалски имиња, како што е Гоце Христов и другите, сега да не ги набројувам. Меѓутоа, сето тоа се познати фудбалски имиња, кои целиот свој живот го поминале во фудбалот, не зависат, тие се реализирани како личности, како луѓе, едноставно имаат желба само да помогнат во развојот на фудбалот со своите идеи и со своето работење и учество во работењето на Фудбалската Федерација на Македонија“, потенцира Омерагиќ.
Целото интервју може да го проследите на ТРТ Балкан