Connect with us

Економија

Оспособени се 8 карго-локомотиви и 6 патнички возови

За само шест месеци успеавме да оспособиме 8 активни локомотиви за карго превоз и 6 патнички возови. Претходно имаше нула локомотиви и само еден воз. Тоа е разликата на нашето работење, изјави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју на ТВ Сител.

Тој потенцира дека со чесна и посветена работа се успеало да се оствари зголемување од 75% на карго превозот и 37 % на бројот на патници во последните три месеци од 2024 година споредено со истиот период од претходната година.

– Скопје-Куманово ќе се патува за 41 минута, луѓето ќе имаат предвидливост за патувањето. Наутро ќе дојдат за Скопје, попладне ќе се вратат. Дополнително планираме почести возови за Битола и за Прилеп, разгледуваме да отвориме меѓуградски возови за Тетово и Гостивар, во перспектива да ја вратиме линијата кон Штип и Кочани. Ова е разликата од претходно кога имаше нула локомотиви-рече Николоски.

Во однос на пругата кон Бугарија, вицепремиерот најави дека е формирана комисија од македонска страна и очекува од Бугарија да потврдат дека се подготвени да инвестираат во проектот, за што ќе биде потребна заедничка заложба и договор.

-Бугарската влада испрати еден текст, во суштина тоа е во рамки на претходно разговараните технички прашања во Софија и во Брисел. Ние формиравме комисија од наша страна, покрај мене тука е министерката за финансии, министерот за надворешни работи и директорот на Железници Инфраструктура. Очекуваме слично да се формира и од нивна страна, да поразговараме, да се договориме и да добиеме јасна заложба од бугарска страна дека навистина тие се спремни да вложуваат. Не е само да имаме железничка линија од Скопје до Крива Паланка, туку да се поврземе со Софија и Бургас, што ќе го направи коридорот 8 функционален – рече  Николоски.

Тој дополни дека остануваат трите суштински услови, а тоа е дека мора да има тунел што ќе спојува, Бугарија го изведе својот дел од пругата и да го реконструира делот кој што веќе постои и трето да се направи ревизија на цената на проектот на македонска страна.

Advertisement

Економија

Лукоил Македонија продолжува со нормално работење, санкциите немаат влијание

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска оцени дека санкциите не влијаат врз работењето на Лукоил Македонија, додавајќи дека бензинските пумпи на компанијата продолжуваат да функционираат нормално.

„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати и се одвива нормално. Македонија е најмалку засегната од санкциите, пред се поради тоа што во земјата нема рафинерија ниту на Лукоил, ниту на друга компанија во сопственост на Руската Федерација. Новата одлука на САД сигурно ќе ја подобри ситуацијата“, изјави Бислимоски на прес-конференција.

Тој додаде дека Лукоил Македонија се однесувала коректно во изминатиот период, не отпушти ниту еден вработен и презеде сите неопходни мерки за нормално функционирање.

„Според информациите кои ги имам, компанијата обезбедува нафтени деривати од трговците во земјата, поради што немаше прекин во снабдувањето“, заклучи Бислимоски.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со раст од 0,11%, вкупен промет над 143 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 5 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,11%, достигнувајќи ниво од 10.255,62 поени, при вкупен промет од 143,01 милиони денари. Најголем дел од прометот беше резултат на неколку големи блок-зделки, пред сè со акциите на Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без активности на обврзничкиот пазар .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 59.850.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 7.192.000 денари (вклучува блок-зделка)

● Градски Институт Македонија АД Скопје (GIM) – 64.337.550 денари (вклучува блок-зделка)

Топ добитници

● Гранит АД Скопје (GRN) +1,80%

● ТТК Банка АД Скопје (TTK) +2,99%

Топ губитници

● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,16%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,14%

● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,12%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промена.

Трговијата на Македонската берза на 5 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 143 милиони денари, при раст на индексот МБИ10 од 0,11%. Најголем удел во прометот имаа Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија, благодарение на реализираните блок-зделки. Меѓу добитниците се издвојуваат Гранит и ТТК Банка, додека Комерцијална банка и Алкалоид бележат минимален пад. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупната пазарна динамика беше стабилна со ограничени ценовни движења.

Continue Reading

Економија

Министерството за енергетика објави список на корисници на субвенции за ранливи потрошувачи во 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.

Решенија за финансиска поддршка се донесени за следните категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица.

Комисиите ја завршија постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.

Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk).

Од министерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.

Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период.

Министерството останува целосно посветено на унапредување на енергетската сигурност и социјалната заштита на граѓаните.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг