Денеска УЈП го објави документот „Демистификација на листата на должници“. Тоа е најнова листа која се однесува на долговите доспеани до 30.9.2024 и неплатени до 31.12.2024.
Листата вклучува вкупно 1.958 правни лица и 3.914 физички лица, кои заедно должат повеќе од 11,3 милијарди денари даноци и придонеси. Од УЈП истакнаа дека 70% од правните лица должници се всушност без каква било активност во целата 2024 година:
„Впечатливо е тоа што огромен дел од должниците што се повторуваат, не покажуваат никаква активност за исполнување даночни обврски, што дополнително го комплицира процесот на наплата на нивните долгови. Од 1.958 правни лица, 1.432 или 70%, во 2024 година немаат ниту една активност за исполнување даночни обврски – немаат поднесено даночен биланс за 2023 година, немаат ДДВ пријави, немаат вработени или исплатени плати. Практично, овие фирми постојат само „на хартија“. Тука прво прашање е како УЈП може да ги наплати долговите од овие должници што практично се „мртви“. Второ прашање е дали УЈП пропуштила навреме да ги наплати овие долгови. Трето прашање е дали овие фирми свесно се довеле во некаква „кома“ за да го избегнат плаќањето на својот долг кон државата“, соопшти УЈП.
Тие велат дека во рамките на списокот, посебно внимание заслужуваат најголемите 100 должници – 96 правни лица и четири физички лица, кои заедно должат над седум милијарди денари, или 62 отсто од вкупниот долг за даноци и придонеси.
Европол урна меѓународна група што испрала 700 милиони евра во крипто-измами
Европол соопшти дека е разобличена една од најголемите мрежи за измами со криптовалути во Европа, преку која криминалците испрале над 700 милиони евра користејќи сложен систем од крипто-берзи и напредни техники за дигитална анонимност.
По повеќегодишна истрага, минатиот месец беа спроведени координирани полициски акции во повеќе држави. Истражителите утврдиле дека мрежата намамила илјадници жртви преку голем број лажни платформи за тргување со криптовалути, со реклами што лажно гарантирале висок и брз профит.
Откако потенцијалните инвеститори ќе се пријавеле, операторите од кол-центрите користеле техники на социјално инженерство за да ги убедат да вложат сè поголеми износи. На корисниците им биле прикажувани лажни добивки и фиктивни приноси со цел да продолжат да инвестираат, додека нивните средства биле префрлани и перани преку мрежа од различни блокчејн-технологии и меѓународни берзи.
Првата фаза од операцијата се одвиваше на 27 октомври, кога по налог на француските и белгиските власти беа извршени рации во Кипар, Германија и Шпанија. Уапсени се девет лица под сомнение за перење пари, а запленети се средства од неколку милиони евра – 800.000 евра на банкарски сметки, 415.000 евра во криптовалути, 300.000 евра во готово, како и повеќе дигитални уреди и луксузни часовници.
Втората фаза следеше на 25 и 26 ноември и беше насочена кон маркетиншката инфраструктура што ја поддржувала измамата. Во Белгија, Бугарија, Германија и Израел беа изведени нови рации против компании и поединци одговорни за создавање и ширење на лажни рекламни кампањи на социјалните мрежи.
Европол најави дека истрагата продолжува, со цел целосно да се демонтира криминалната структура и да се идентификуваат сите инволвирани лица.
Божиновска го свика првиот заеднички состанок на Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) денес се одржа првата заедничка средба на Управниот и Надзорниот одбор на државниот преносен оператор МЕПСО, со цел унапредување на координацијата и ефикасноста во работењето на електропреносната мрежа.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека редовната и навремена меѓу-организациска координација е клучна за обезбедување стабилен пренос на електрична енергија. „Во услови кога енергетската стабилност е приоритет, преносната мрежа мора да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива според европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина,“ изјави таа.
Обврски и теми на координација
На состанокот се разгледуваа актуелните инфраструктурни проекти во фаза на реализација, плановите за нови стратешки интервенции и приоритети, како и предизвиците во секојдневното управување со мрежата. Главна цел е зголемување на оперативната ефикасност, навремено надминување на административни пречки и обезбедување беспрекорно функционирање на преносниот систем.
Во рамки на средбата, беше соопштено дека од наредната година МЕПСО ќе стане полноправен член на европската платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети, Joint Allocation Office (JAO). Со ова членство македонскиот преносен систем ќе се интегрира во заедничките енергетски текови на Европа, овозможувајќи поголема транспарентност, поефикасно управување со капацитетите, и подобро позиционирање на националниот пазар.
Министерството и понатаму ќе одржува редовна комуникација и координација со МЕПСО, со цел да се осигура стабилен, модерен и сигурен преносен систем — како темел на енергетската безбедност и развој на државата.
Димитриеска-Кочоска: Меморандумот за капитални пазари отвора нови можности за инвеститорите
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска оствари официјална средба со нејзиниот колега од Република Словачка, Ладислав Каменицки. Двајцата министри на средбата разменија мислења за низа прашања од заеднички интерес и оценија дека има широк потенцијал за понтамошно унапредување на соработката.
„Денеска остваривме многу плодна и суштинска средба со мојот колега, министерот за финансии на Словачка, Ладислав Каменицки, на неговата прва официјална посета во Македонија. Македонија и Словачка се пријателски земји кои споделуваат заедничка визија – силен и стабилен регион, интегриран во Европската Унија, со отворени пазари, развиени институции и стабилни економии“, рече министерката по средбата со словачкиот министер.
Таа додаде дека Македонија има јасна и амбициозна агенда за јакнење на јавните финансии, фискална дисциплина, подобрување на деловното окружување и спроведување на проекти што директно придонесуваат за економски раст, што е и дел од препораките во последниот Извештај на Европската комисија. При тоа се заблагодари за поддршката што ја дава Словачка на нашата земја во делот на јавните финансии, борбата против даночното затајување и трансферот на know–how, што е многу значајно за исполнување на критериумите за членство во ЕУ како и oд економските и институционалните реформи кои произлегуваат од Реформската агенда.
Министерот Каменицки потенцира дека оваа средба е важна за размена на искуства помеѓу двете земји. При тоа понуди помош и поддршка на нашата земја во нашиот евроинтеграциски процес.
Исто така посочи и на значењето на потпишаниот Меморандум за соработка во развојот на пазарите на капитал помеѓу седум земји од регионот на ЈИЕ, вклучително и на Словачка и Македонија и можностите кои што ги отвора тој за инвеститорите во регионот.
На средбата двајцата министри се осврнаа на можностите за развој на пазарите на капитал по потпишување на Меморандумот за соработка меѓу седум земји-членки на Европската Унија и Северна Македонија, како и за можностите за поддршка во креирање мерки за борба против сивата економија,како и на поддршка за реформите во рамки на евроинтеграцискиот процес на нашата земја.