Куќи, станови, делови од куќи, земјиште, како и многу деловни објекти се на листите на продажба кои ги нудат комерцијалните банки во Македонија, како крајно решение за наплата на нефункционалните кредити, или поточно кредити кои корисниците од одредени причини не успеваат да ги вратат.
Ако се погледнат имотите во дел од банките во Македонија, кои се нудат на продажба ќе се видат бројни куќи, од кои голем дел големи објекти, на два ката, но и многу недовршени објекти, започнати градби, чија замисла не била до крај реализирана.
Така на пример, еден објект кој се продава преку комерцијалните банки е дел од куќа во Скопје, со посебен влез, поткровје со стан со површина од 97 метри квадратни и тераси од 10 метри квадратни. Станот има отворена дневна со кујна, две спални и една бања, но овој имот нема упис во катастарот, и цената за него не е дефинирана.
Истата банка нуди уште една куќа во Скопје со површина над 100 метри квадратни, како и стан во Скопје во населбата Кисела вода, но и овие два објекти се без имотен лист.
Една од другите големи комерцијални банки во Македонија нуди куќа во скопската населба Кисела Вода која има површина од 122 метри квадратни, со дворно место од 66 метри квадратни, како и гаража од 15 метри квадратни, и која се продава преку извршител.
Преку истата банка се продава и куќа во Охрид, на улицата Македонска Ударна Бригада составена од два објекти. Објект еден има приземје и два ката со површина од 436 метри квадратни, додека вториот објект има површина од 42 метри квадратни и земјиште со површина од 447 метри квадратни.
Преку извршител се продава и стан во Струмица на улицата Крушевска Република со површина од 128 метри квадратни и 1/3 од идеален дел од земјиште со право на користење 265метри квадратни.
Еден примамлив објект кој се нуди преку комерцијалните банки е куќа во населбата Сингелиќ на улицата Сава Михајлов, со Имотен лист, со вкупна површина од 276 метри квадратни и дворно место со површина од 177 метри квадратни. Објектот е изграден 1998 година.
Истата банка нуди и објект во Струга, станува збор за куќа во селото Октиси со имотен лист и вкупна изградена површина 396 метри квадратни и двор од 567 метри квадратни. Куќата е градена во осумдесетите години.
Се продава и семејна куќа во Неготино која зафаќа 67 метри квадратни и 3 метри квадратни помошни простории, со имотен лист.
Прегледот на понудата на банките покажува дека има голем избор на објекти, иако доминираат деловни објекти кои се нудат на продажба. Кога станува збор за станови, а особено куќи кои се на продажба преку банките, истите чекаат подолг период. Дали станува збор за проблеми со имотните листови, или пак, за друг тип на проблеми, како што се големината објектот и неговата цена.
Сепак, од цените на објектите кои се на продажба, може да се забележи дека цените се многу помали отколку на новите објекти и цената за метар квадратен во главниот град.
Банките се одлучуваат да стават имоти на продажба само како крајно решение. Најчесто тоа е резултат на неможноста на сопствениците навреме да ги вратат земените кредити во банката, кои потоа се одземени поради ненаплатени кредити и сега се нудат на продажба.
Недвижностите кои се продаваат од страна на банките во нашата земја според упатените не спаѓаат во имот кој лесно се продава. Се случува дел од објектите да чекаат години додека да добијат нови газди, па имотите стојат на списоците на банките подолг период.За оние кои сакаат да купат имот или деловен објект по пониска цена, ќе мора да се потрудат во пребарувањето. Секоја банка на својата веб страна има список или листа од недвижнини кои ги продава.
СЕ ЗНАЕ КОЛКАВ ЌЕ БИДЕ ДАНОКОТ ЗА ПРВ СТАН. Што ги очекува граѓаните и градежниците?
Сите кои се заинтересирани за купување станови, но и градежниците може да здивнат. Повластената стапка од само пет проценти за првиот промет на згради или станови останува во примена до крајот на 2028 година. Поради ова, данокот нема да биде причина за дополнително поскапување на и онака скапите недвижности.
Согласно најавите на министерката за финансии, во Собранието веќе е доставен предлог закон за измени, со што се пролонгира рокот за повластената стапка за уште три години, односно од 1 јануари 2026 година до 31 декември 2028 година.
Се прават измени на Законот за данокот на додадена вредност со кој се уредени предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, административните обврски, плаќањето на данокот, како и казнените одредби.
– Предложените измени се со цел да се изврши допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на место на промет на услуги и допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на тур-оператори.
Исто така се пролонгира рокот на примена на повластената стапка од 5 отсто на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата.
На тој начин се врши пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка за уште три години – се посочува во законското решени доставено во Собранието.
Предлагачи се група пратеници, меѓу кои Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска и Драгана Бојковскакои бараат измените да се донесат по скратена постапка и додаваат дека ова не предизвикуваат негативни фискални импликации врз Буџетот.
Со истиот закон се предлагаат и измени во делот на туроператорите.
– Туристичките услуги дадени од страна на тур-операторот се сметаат за една единствена услуга. За место на промет на оваа услуга се смета местото каде што вршителот на промет на услугата има вистинско седиште.
Доколку прометот на услугата се врши од подружницата на вршителот на прометот на услугата, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услугата – се прецизира во законот.
НЕВОБИЧАЕН ФЕНОМЕН ВО ЈАДРАНОТ: Масовна појава на виолетови морски ежови кај Трст ги изненади научниците
Истражувачите во Јадранското Море регистрираа необична појава што досега не била забележана во овој обем. Во близина на Трст е откриена голема концентрација на виолетови морски ежови, и тоа на подрачје кое не се смета за нивно типично живеалиште.
Според научниците, ваквата слика е изненадувачка бидејќи на карпестото морско дно вообичаено доминира друг вид морски еж, додека виолетовите единки таму речиси и не се среќаваат. Овојпат, нивниот број бил значително поголем, а присуството на вообичаениот вид било минимално.
Стручњаците посочуваат дека објаснувањето може да се бара во животниот циклус на овие морски организми. Истражувањата укажуваат дека во одредени фази од животот тие мигрираат, најчесто поттикнати од промени во исхраната. Додека младите единки се хранат претежно со варовнички алги на песочно дно, повозрасните се префрлаат кон карпести подрачја богати со макроалги и растителни остатоци.
Дополнително, научниците не ја исклучуваат можноста дека зголемената достапност на кафени алги во овој дел од Јадранот создала идеални услови за собирање на голем број возрасни единки на едно место.
Иако сцената е необична, истражувачите нагласуваат дека природата ретко прави нешто без причина, а во овој случај, најверојатниот одговор се крие во храната и промените во морскиот екосистем.
МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 18 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.091,56 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот дневен промет изнесуваше 13,06 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето беше концентриран кај Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком, кои ја предводеа пазарната активност .
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.913.370 денари
● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 3.091.460 денари
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) – 1.812.170 денари
Топ добитници
● АЛТА Банка АД Битола (ALTA) +2,83%
● ОКТА АД Скопје (OKTA) +2,04%
● Адинг АД Скопје (ADIN) +0,04%
Топ губитници
● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) –8,16%
● Гранит АД Скопје (GRN) –1,59%
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,85%
Обврзнички пазар
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Сите државни обврзници останаа со непроменети цени, а индексот ОМБ се задржа на 129,44 поени.
Тргувањето на Македонската берза на 18 декември 2025 година се одвиваше во умерена атмосфера, со вкупен промет од 13,06 милиони денари и пад на индексот МБИ10 за 0,32%. Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком беа најликвидните хартии на денот. Најголем добитник беше АЛТА Банка, додека РЖ Услуги и Гранит го предводеа негативното движење. Обврзничкиот пазар остана без активности, со стабилни котации и непроменет индекс ОМБ.