Во вчерашната емисија на „360 степени“, беше прикажано истражување во кое новинарски екипи ги споредија цените на идентични производи во неколку соседни земји. Анализата беше направена во меѓународен трговски синџир(со исклучок на Косово), кој се очекува да влезе на македонскиот пазар во 2026 година.
Резултатите од ова истражување покажуваат дека Македонија има најниски цени за голем број производи во споредба со Бугарија, Грција, Србија и Косово. Оваа анализа побива бројни тврдења дека цените на основните производи во Македонија се меѓу највисоките во регионот и Европа.
Производи со најниски цени во Македонија
Според истражувањето, Македонија има најниски цени за неколку клучни производи од секојдневната потрошувачка. Бананите се убедливо најевтини во Македонија, каде што нивната цена е за околу 42% пониска отколку во Бугарија и значително подостапна во споредба со останатите земји од регионот.
Истото важи и за јајцата, каде што македонската цена е околу 55% пониска отколку во Грција и за 22% отколку во Србија. Голема разлика се забележува и кај пилешкиот стек, кој во Македонија е за речиси 50% поевтин отколку во Бугарија.
Евидентна е разликата и кај млекото. Македонците и Србите пијат млеко по цена од 53 денари за литар, наспроти граѓаните во Косово и Бугарија кои плаќаат по 81, односно 72 денари за литар млеко со 1,5% масленост.
Кои производи се поскапи во Македонија отколку соседството?
Иако повеќето од основните прехранбени производи се најефтини во Македонија, постојат и неколку исклучоци. Шеќерот е најефтин во Грција, а во Македонија е поскап за само три денари по килограм, наспроти цената во Косово која е за 25 денари повисока, односно 70 денари по килограм. Слична ситуација е и со солта, каде што Грција има најниска цена во регионот од 18 денари по килограм.
Во одредени категории, како што е кафето (Нескафе), Македонија не е најевтина, но цените се под регионалниот просек. Најскапо нескафе пијат во Грција кадешто еден килограм изнесува 2600 денари, наспроти 2095 денари во Македонија.
Останатите производи на кои е направена споредба се нутела, кока кола, брашно и доместос.
Како изгледаат платите во регионот?
Освен споредбата на цените, важно е да се земе предвид и паритетот на куповна моќ (PPP – Purchasing Power Parity), кој покажува колку реално вреди просечната нето плата во секоја земја, прилагодена за трошоците на живот.
Според најновите достапни податоци, просечната нето плата прилагодена за трошоците на живот во Македонија изнесува 2.286, што ја става земјата во подобра позиција во однос на куповната моќ во споредба со Грција, Србија, Косово и Бугарија. Во овие земји просечната нето плата усогласена според трошоците изнесува 2072, 2105, 1446 и 2265.
Иако платите во некои соседни земји номинално изгледаат повисоки, реално, куповната моќ на македонските граѓани е една од највисоките во регионот, бидејќи основните намирници се значително поевтини. Единствено повисока просечна нето плата според куповната моќ имаат во Црна гора 2663 долари.
Македонија останува најповолна за купување во регионот
Истражувањето на „360 степени“ јасно покажува дека Македонија е најевтина земја во регионот за купување основни намирници, особено за пилешко месо, јајца, брашно, млеко, банани и други производи.
Дополнително, со најавеното доаѓање на нов меѓународен трговски синџир во Македонија во 2026 година, очекувањата се дека конкуренцијата ќе придонесе за уште подобри услови за граѓаните.
Ова истражување ги потврдува бројките кои укажуваат дека Македонија останува една од земјите во регионот со најдобар однос меѓу цени и реална куповна моќ, што им дава предност на граѓаните при нивното секојдневно пазарење.
Цените на бакарот достигнаа историски рекорд на светските пазари. Во петокот, металот се тргуваше над 11.700 долари за тон, откако „Сити“ ја зголеми својата целна цена поради ограничената понуда. Иако во изминатата недела цената благо се намали, бакарот останува близу највисоките нивоа досега.
Покрај тоа, златото продолжува да ја привлекува вниманието на централните банки. Оваа година, златото за прв пат од 1996 година сочинува поголем дел од резервите на централните банки отколку американските државни обврзници. Од 2010 до 2021 година, централните банки купуваа просечно 473 тони злато годишно, додека во 2022 година набавките достигнаа рекордни 1.136 тони, а минатата година 1.045 тони.
Кинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка
Кина повторно го разгледува амбициозниот план за изградба на воден канал кој би го поврзал Егејското Море со Дунав преку реките Вардар и Морава – проект што би можел драматично да го скрати транспортот на стоки од Азија кон Европа за околу 1.000 километри. Иницијативата, вредна околу 17 милијарди долари, се разгледува како дел од глобалната стратегија „Еден појас, еден пат“, пишува N1 БиХ.
Каналот би минувал низ Грција, Македонија, Косово и Србија, што го прави регионален проект од извонредно геостратешко значење. Воедно, завршувањето на ваквиот воден пат би претставувало силен удар за Турција, бидејќи голем дел од меѓународниот транспорт би се одвивал надвор од Босфорот и Дарданелите.
Според досегашните студии што ги изработи China Gezhouba Group, проектот е технички изводлив. Предложениот коридор би го поврзал Солун со Дунав преку Вардар и Морава, со потреба од значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина.
Клучни аспекти на проектот:
Стратешка вредност: Каналот би овозможил алтернативен европски воден пат, со значително намалени трошоци и време на транспорт. Инфраструктура: Бара огромни инженерски зафати – проширување на постојните речни корита, нови канали и современи водени патишта. Регионална соработка: Кина води разговори со Србија, Косово, Македонија и Грција, но конечна согласност сè уште нема. Еколошки предизвици: Промените во природните речни текови и потенцијални дислокации на население се меѓу најконтроверзните прашања. Геополитика: Проектот би го зајакнал кинеското влијание на Балканот и би ја намалил улогата на Турција во регионалниот транспорт.
Концептот за водна врска меѓу Дунав и Егејското Море не е нов – идејата постои уште од 19 век. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа.
Денес, Солун се смета за најлогична точка за влез во овој замислен воден коридор кон Централна Европа. Доколку планот се реализира, Грција би добила значајна логистичка предност, а Балканот би станал клучна раскрсница за копнен и воден транспорт меѓу Истокот и Европа.
Разговорите продолжуваат, а судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и геополитичката рамнотежа во регионот.
УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки
Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.
Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.