Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, синоќа беше дел од 61-та манифестација „Избор на најдобри спортисти и екипи на Битола“, каде што ги истакна заложбите на локалната самоуправа за развојот на спортот и подобрување на спортската инфраструктура во градот.
Во своето обраќање, Коњановски честиташе на сите добитници на наградите и нагласи дека вложувањата во спортот се оправдани, бидејќи Битола има врвни спортисти и тимови кои ја претставуваат не само на национално, туку и на меѓународно ниво.
„Заложбата на општината мора да биде насочена кон подобрување на условите на сите нивоа – од училишните спортски сали и игралишта, до професионалните спортски објекти. Продолжуваме со вложувања, како што тоа го направивме во спортската сала ‘Боро Чурлевски’, а ќе ја унапредиме и инфраструктурата на стадионот ‘Петар Милошевски’“, истакна Коњановски.
Градоначалникот ја имаше честа да ја додели наградата за најдобар спортист на Битола за 2024 година на капитенот на РК Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, кој го предводеше својот тим до титулата и успешно настапуваше во Лигата на шампионите.
Покрај признанијата за спортистите и спортските екипи, на настанот беа доделени и награди за ветерани на спортот, општествено одговорни компании, како и за најдобри младинци и училишни спортски иницијативи.
„Сите вие кои вечерва сте дел од оваа манифестација сте гордост на Битола. Вашите достигнувања се поттик за младите генерации и мотивација за уште поголеми успеси. Ви благодарам што со вашите резултати ја претставувате Битола во најдобро светло“, порача Коњановски.
Манифестацијата уште еднаш потврди дека спортот во Битола има светла иднина, а поддршката од општината ќе продолжи со цел создавање подобри услови за спортистите и младите таленти.
Делчевските моторџии собраа помош за семејства во социјален ризик
Мото клубот „Ендуро Тим“ од Делчево ја започна празничната хуманитарна мисија со првата акција реализирана во домот на шестчлено семејство во месноста Црквенец кај селото Ветрен. Донацијата опфати облека, храна, средства за домаќинство и училишен прибор.
Претседателот на клубот, Виктор Стојановски, изјави дека оваа активност ја сметаат за чест и обврска што ја продолжуваат секоја година.
„Целта е да покажеме дека и малите дела можат да донесат големи промени. Сакаме да бидеме присутни таму каде што помошта е навистина потребна. Ги повикуваме сите да ни се придружат. Оваа година почнуваме порано, а во следните два месеци ќе реализираме уште неколку акции, за да докажеме дека Делчево е град на хумани луѓе“, рече Стојановски.
Од клубот порачаа дека силата на заедницата се огледува во подготвеноста да се помогне. Затоа ги повикуваат граѓаните кои имаат можност да дадат свој придонес, со цел да се создадат празници исполнети со човечност, солидарност и надеж.
Акцијата беше реализирана во координација со невладини организации кои ги насочуваат моторџиите кон семејствата со најголема потреба од поддршка.
Проданоски: Откупот на тутун во Прилеп покажува позитивен сигнал за производителите
Денес, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ја посети откупната станица на Тутунскиот комбинат – Прилеп за да се информира за текот на откупот на тутунот во прилепскиот регион.
„Тутунопроизводството е длабоко вкоренето во нашата традиција и претставува силен столб на локалната економија. Прилепскиот регион води по производство на оваа стратешка култура, а повеќе од половина од тутунопроизводителите се токму од овој регион“, изјави Проданоски.
Градоначалникот додаде дека локалната самоуправа и државните институции ќе продолжат да го следат откупот и да се залагаат за фер вреднување на трудот на тутунопроизводителите. „Нашата цел е да ја зајакнеме економската стабилност на Прилеп и да обезбедиме сигурна иднина за сите наши производители, кои се еден од најзначајните носители на локалната економија“, истакна Проданоски.
Според податоците на Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над еден милион килограми тутун, со просечна откупна цена од 419 денари за килограм, што е за речиси 20 денари повеќе во споредба со минатата година. Градоначалникот оцени дека ова е позитивен сигнал и додаде дека продолжуваат заложбите вредниот труд на производителите да биде правилно и достоинствено награден.
Врачене наградите за најдобрите волонтери во Битола
5-ти декември е Меѓународниот ден на волонтерите и на овој ден секоја година се доделуваат наградите за најдобри волонтери кои со своите активности и ангажмани го поттикнуваат и промовираат волонтерството во Битола. Целта е да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Наградата е од големо значење за признавање на граѓанскиот ангажман во подобрување на животот во локалната заедница.
Локалниот совет за волонтерство на општина Битола (ЛСВ), ја додели наградата за волонтерски ангажман во локалната заедница за 2025 година на Доброволно противпожарно друштво „Архангел“ – Битола, иницијативата „ЕкоРозе“, иницијатива „Волонтерско цртање во Зоолошка градина“, Јулијана Делев и Лина Чашитовска.
Наградите ги додели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им честиташе за нивниот волонтерски ангажман и посветеност кон заедницата во која што живеат, за изразената солидарност и активен придонесе кон решавање на проблемите во локалната средина.
А награде се: -Доброволно противпожарно друштво „Архангел“ – Битола се наградува за својот волонтерски ангажман со редовно учествување во акции за помош на населението при поплави, временски непогоди и ризични ситуации, поддршка на заедницата преку јавни кампањи за безбедност, превенција од пожари на отворен простор. А, со тоа нивната волонтерска активност директно се одразува врз безбедноста и подготвеноста на Општина Битола.
-Од иницијативата „ЕкоРозе“ се наградува тимот ученици Изабела Шишковска, Бојан Нацов и Андреа Трајковска под менторство на проф. Соња Карапашовска за својот волонтерски труд за иницијативатата „ЕкоРозе“ за воспоставување систем за селекција и рециклирање на текстилниот отпад.
Иницијативата „Волонтерско цртање во Зоолошка градина“ за волонтерска активност реализирана од ученици од ООУ „Елпида Караманди“ и нивната наставничка Славица Маркоска за време на летниот распуст, во периодот од јуни до септември со цел да се поттикне креативноста, љубовта кон животните и еколошката свест кај младите. Учениците волонтерски учествуваа во сликање на мурал во зоолошката градина.
-Јулијана Делев се наградува за волонтерската организација на настанот „Хуманитарна вечер со македонски автори“ кој се реализираше по трет пат во 2025 година. Целта на настанот беше забава и дружење и запознавање на гостите со македонски автори чии книги можеа да ги купат на самиот настан, како и други книги кои беа обезбедени од страна на организаторот. Собраните средства беа искористени за купување на школски прибор како и други потребни работи за почетокот на учебната година за дечиња со посебни потреби.
-Лина Чашитовска се наградува за нејзиниот двегодишен ангажман како Лидер на Клубот на млади, кој беше организатор на најголем дел од настаните за волонтирање на младите на ОО Црвен крст – Битола.
На јавниот повик кој беше објавен право да номинираат кандидати имаа организации, институции, неформални групи и други организатори на волонтерска работа.