Економија
Когенеративните централи – стратегиски чекор кон енергетска независност и економска стабилност
Македонија се насочува кон домашно производство на енергија
Во услови на глобална енергетска криза, многу земји се свртеа кон домашни извори на енергија за да обезбедат поефикасно, поеколошко и поевтино производство. Македонија, која со децении зависеше од увоз на електрична енергија, конечно најави сериозни инвестиции во енергетската инфраструктура со план за изградба на когенеративни централи.
Досегашните мерки како субвенции за струја, инвестиции во сончеви и ветерни електрани покажаа одредени позитивни резултати, но не беа доволни за долгорочна стабилност. Владата сега го претстави планот за изградба на когенеративни гасни централи, со што земјата ќе добие евтина струја, подобро затоплување и намалено загадување.
Долгогодишниот проблем со увозната зависност
Македонската економија долг период беше во неповолна позиција бидејќи зависеше од скапиот увоз на електрична енергија, наместо да гради сопствени производствени капацитети. Дотраената енергетска инфраструктура не можеше да ги задоволи растечките потреби на граѓаните и индустријата. Ова ја зголеми цената на струјата, што негативно се одрази врз стандардот на населението и ја намали конкурентноста на домашните компании.
Покрај тоа, недостигот на инвестициидоведе до зголемена употреба на огревно дрво и други нееколошки енергенти, што значително го влоши квалитетот на воздухот во урбаните средини. Македонија со години не успеваше да го замени ова со поеколошки извори на енергија, како што е природниот гас.
Когенеративните централи – решение за повеќе проблеми
Новиот план на Владата предвидува изградба на когенеративни гасни централи кои ќе користат природен гасза производство на електрична и топлинска енергија. Ова ќе овозможи:
- Поевтина струја за домаќинствата и индустријата.
- Подобро затоплување на домовите со намалена зависност од огревно дрво.
- Намалено загадување, бидејќи природниот гас е многу почист енергенс од јагленот и мазутот.
Овие централи ќе имаат капацитет од 500 MW, со годишно производство од 4,1 TWh електрична и 720 GWh топлинска енергија. Владата најави дека паралелно ќе се гради и секундарна гасна и топловодна мрежа, а домаќинствата ќе добијат бесплатни приклучоци.
„Ова не е само проект за енергија, туку стратегија за иднината на Македонија. Граѓаните ќе имаат поевтина струја и загревање, а ќе се намали загадувањето“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Кој ќе ја реализира инвестицијата?
За реализација на овој проект Владата води преговори со турскиот енергетски гигант „АКСА енерџи“, дел од „Казанчи Холдинг“. Оваа компанија има повеќе од 3.500 MW инсталиран капацитет во осум земји и е водечки инвеститор во одржливата енергија.
Премиерот Мицкоски најави дека вкупната инвестиција ќе надмине една милијарда евра, што е досега најголемиот проект во енергетскиот сектор во Македонија. Оваа инвестиција ќе овозможи намалување на увозната зависност, што е стратешки важно за енергетскиот и економскиот суверенитет на државата.
„Изградбата на когенеративни централи значи стабилност во снабдувањето со струја и поевтини трошоци за сите граѓани. Ова е крупен чекор кон енергетската независност“, истакна Мицкоски.
Експертите: Македонија може сама да гради енергетски капацитети
Енергетска независност
Домашните енергетски експерти долго време апелираат дека државата треба сама да инвестира во изградба на енергетски капацитети, наместо да ги дава под концесија.
Според професорот Константин Димитров, Македонија има можност да изгради најмалку три когенеративни централи, со што би се:
- Намалила цената на струјата за 35%.
- Намалила цената на парното за 40%.
- Елиминирала зависноста од увоз на електрична енергија.
Димитров истакнува дека Македонија годишно троши 7.300 – 7.800 GWh, но дел од оваа енергија мора да се увезува бидејќи не се произведува доволно во домашните капацитети.
„Логичен чекор би бил изградба на две когенеративни централи од по 200 MW, со кои би се покриле недостигот и би се стабилизирал системот“, вели Димитров.
Заклучок: Когенерацијата – сигурен чекор кон иднината
Градење на сериозна инфраструктура
Изградбата на когенеративни централи е можеби најзначајниот енергетски проект во поновата македонска историја. Доколку овој план биде реализиран, ќе донесе:
- Поевтина струја и парно греење за граѓаните.
- Помала зависност од увоз и поголема стабилност на пазарот.
- Чист воздух и еколошка трансформација на енергетскиот сектор.
Во време кога енергијата станува клучен фактор за економскиот и политичкиот суверенитет, овој проект има потенцијал да ја претвори Македонија во енергетски стабилна и економски конкурентна држава.
Извор: Нова Македонија
Економија
МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 12 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.190,89 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот промет изнесуваше 13,77 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето се реализираше со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит, кои повторно беа меѓу најликвидните на официјалниот пазар.
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.530.810 денари
● Гранит АД Скопје (GRN) – 2.135.470 денари
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 4.255.040 денари
● Реплек АД Скопје (RPK) +1,00%
● Гранит АД Скопје (GRN) +0,08%
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) –1,28%
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,47%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,27%
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници, при што индексот ОМБ остана стабилен на 129,44 поени без промени во цените. На берзанската сесија од 12 декември 2025 година, активноста беше умерена, со доминација на финансискиот и градежниот сектор.Индексот МБИ10 продолжи со благо негативно движење од –0,32%, при што Комерцијална банка повторно ја предводеше трговијата по обем, а Реплек беше најголем добитник на денот. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупниот дневен промет достигна 13,77 милиони денари.
Економија
Царина без редици: Потврдите за долгови веќе не се чекаат лично
Хартиените потврди за царински долг, неопходни за упис и промени во Централниот регистар, заминуваат во историјата. Со револуционерен чекор, Централниот регистар (ЦР) отсега ги добива сите потребни податоци директно од Царинската управа (ЦУ) – електронски и во реално време, со само еден клик.
Оваа дигитална трансформација е огромен потег кон намалување на административниот товар. На заедничка прес-конференција, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, ја промовираа новината што ветува заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните низ целата држава.
„На годишно ниво издававме меѓу седум и девет илјади хартиени потврди. Секое барање бараше од пет до десет дена за обработка – вистински административен маратон. Сега, граѓаните нема да мораат да патуваат до Скопје или да ангажираат скапи адвокати за да ја завршат оваа обврска“, истакна Николовски.
Тој е дециден: „Со овој чекор, јасно ја демонстрираме нашата посветеност за создавање подобри услови за водење бизнис, преку драстично намалување на бирократските процедури. Бизнисот нема време за чекање! Како институции, сме должни да работиме кон одржливо општество каде што економскиот раст е движен од зголемената ефикасност и довербата во системот.“
Дигитализацијата носи не само брзина, туку и сигурност. „Истовремено, овозможуваме безбедност, интегритет и точност на податоците, со што активно делуваме во насока на сузбивање на можни измами“, додаде Николовски.
Директорката на ЦР, Анита Стамнова, потврди дека е успешно завршена првата фаза од проектот – надградба на Едношалтерскиот систем за автоматско обезбедување на доказ за платени царински давачки во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите, фокусирани на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. Ги охрабруваме сите институции да продолжат со меѓусебна соработка за имплементација на поефикасни електронски услуги, односно за градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.
Економија
Министерката Божиновска: Енергетиката не смее да остане сектор со најмалку жени
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, одржана во Скопје во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот обедини високи претставници на институциите, експерти и партнерски организации во заедничка цел – интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.
Во своето воведно обраќање, министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сè – е инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.
„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани,“ нагласи министерката.
Таа потсети дека токму енергетиката – како стратешки сектор и политички столб на европската интеграција – останува област со најниско учество на жени, што не претставува само општествена неправда, туку и пречка за успешно водена зелена транзиција.
„Жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции. Тоа е ограничување што мора да го надминеме ако сакаме модерна, европска и конкурентна економија, Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне,“ порача Божиновска.
Министерката го истакна и фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи – што, како што нагласи, е доказ дека институциите можат и мора да бидат двигател на еднаквоста.
Во обраќањето беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи.
Министерката ја поздрави соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови мерки, статистички показатели и политики засновани на докази.
„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Нашата обврска е да креираме систем кој е стабилен, европски и праведен – систем во кој секоја жена има пристап до образование, технологија, иновации и лидерски позиции во енергетиката, Европа не гради нов енергетски систем за да ја повтори неправдата од стариот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија,“ подвлече Божиновска.
Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу институциите, донаторите и граѓанскиот сектор, како и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.
Трендинг
-
Македонија1 day agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника2 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника3 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Црна Хроника6 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Црна Хроника10 hours agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Балкан5 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република2 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
-
Црна Хроника2 days agoИнцидент на лет кон Скопје: Пијани навивачи тероризирале патници















