Економија
Вистини и заблуди за картелите во трговијата
Мислам дека КЗК тешко ќе може овој случај да го оквалификува како картелско однесување. Доколку се докаже спротивното, прашање е какви мерки, односно санкции би се преземале против учесниците во ова „усогласено однесување“.
Високата инфлација во последниве неколку години ги принуди владите да преземаат мерки од различна природа за заштита на животниот стандард на граѓаните. Во фокусот на незадоволството од високите цени се најдоа маркетите каде набавуваме претежно прехраnбени производи, свежи и процесирани, пијалaци, средства за лична хигиена и за одржување на хигиената во домот и сл.
Некако се амнестирани зелените пазари каде некогаш цените на овошјето и на зеленчукот се на исто рамниште, ако не и повисоки, со тие во големите синџири на маркети, потоа рестораните и кафетериите, сите видови услуги (фризерски, козметичарски и сл.), одржувањето и поправките во домовите, цените на становите и сл.
Притиснати од јавноста и фрустрирани од неефикасноста на преземените мерки, високи владини функционери започнаа да ги обвинуваат трговците, веројатно мислејќи на поголемите синџири, за картелско однесување. Министер за економија и заменик-премиер за економски прашања во претходната влада ги зедоа во свои раце ингеренциите на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), се разбира само вербално, без соодветно познавање на проблематиката од областа на унапредување на конкуренцијата и без потребните анализи и истражни дејствија преку кои треба да се докаже постоење на картелско здружување за попречување на пазарната конкуренција.
Во меѓувреме стапи на сила новиот Закон за нефер трговски практики од кој, според најавите на надлежните, се очекуваше намалување на цените во малопродажбата, или барем стопирање на нивниот раст. Познавачите укажуваат дека со примената на овој закон не треба да се очекува намалување на цените. Доказ за ова е фактот што некои ја посочуваат Хрватска како пример за успешна примена на овој закон, а знаеме дека од таму тргна практиката за бојкот на маркетите која се прошири и на други земји на Балканот.
Конечно, нашата Комисија за заштита на конкуренцијата, која се најде под невиден притисок од владини претставници и од пошироката јавност за превземање на чекори за откривање незаконски практики за попречување на конкуренцијата, поведе прекршочна постапка против Сојузот на стопански комори и четири компании за трговија на големо и мало, познати синџири на маркети, за наводен „договор и/или усогласено однесување помеѓу претпријатија забрането со член 7 став (1) точка 1) од Законот за заштита на конкуренцијата …“.
Со оглед дека постапката е отворена и е во тек, оставам надлежните да си ја вршат својата работа врз основа на законот на кој се повикуваат. Целта на ова мое обраќање е да укажам на некои заблуди присутни во јавноста околу природата на картелите и борбата против нив со примена на соодветни методи. Непознавањето на материјата, кое е очигледно широко распространето, може да му наштети на процесот и на работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Ако некој се прашува од каде си го земам правото за ваквите квалификации, со задоволство ќе одговорам. Пред 30 (триесет) години на Економски факултет – Скопје, при УКИМ – Скопје го воведов и започнав да го предавам предметот Државна регулација на бизнисот во рамките на осовременување на наставниот план како одговор на предизвикот за транзиција кон пазарна економија. Од тогаш континуирано ја изведувам наставата.
При самото формирање на Монополската управа, претходник на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на мој предлог беа вработени неколку одлични студенти кои со успех го имаа положено предметот. Тие беа меѓу првите дипломирани економисти со теоретски познавања од областа на заштитата на конкуренцијата во Република Македонија. Некои од нив изградија успешна кариера во Комисијата, прераснаа во врвни експерти во својата област и се редовни гости-предавачи во наставата по предметот Државна регулација на бизнисот.
Картелот претставува здружение на претпријатија кои експлицитно ги координираат своите одлуки за одредување на цените и output-от. Веројатноста за формирање на картели е поголема кај олигополските одошто на конкурентските пазари. Постојат повеќе видови картели, но сите го намалуваат output-от и ги зголемуваат цените со елиминирање на конкуренцијата меѓу членовите.
Најчести видови картели меѓу продавачите се: спогодби за фиксирање на цените; изигрување на тендери; поделба на купувачите; распределба на територии; и ограничување на output-от, а кај купувачите: спогодби за фиксирање на цените; алокација; и изигрување тендери.
Картелите во сите законодавства се забранети и се подложни на строги казни, но треба да се докаже нивното постоење и функционирање. Тоа не е нималку лесно, со оглед на тоа што учесниците во картелот, свесни дека вршат дејствија спротивни на закон, договарањето и мониторингот врз членовите за придржување на спогодбите го вршат во тајност и се трудат да не остават никаква трага која би можела да послужи како доказ за нивното делување или функционирање.
Поради ова, надлежните институции за прибирање на докази, врз основа на судски налог, неретко користат и посебни истражни мерки, како што се следење на комуникации, физичко следење на одредени претставници од компаниите и слично. Не ми е познато дека нашата Комисија за заштита на конкуренцијата до сега има користено вакви мерки.
Да се вратиме на случајот за кој КЗК има покренато прекршочна постапка. Основ за ова е соопштение до јавноста од страна на ССК и четирите компании за заклучок по одржана средба во просториите на комората со кој информираат дека до крајот на првиот квартал од тековнава година немало да примаат ценовници со зголемени цени од своите добавувачи. КЗК во овој нивен гест гледа евентуално усогласено делување насочено кон контрола врз цените и наштетување на конкуренцијата.
Реков дека ќе оставиме на Комисијата, Комората и засегнатите трговски субјекти да се докажуваат дали има или не основ за прекршочно гонење и изрекување на санкции. Мислам дека КЗК тешко ќе може овој случај да го оквалификува како картелско однесување. Доколку се докаже спротивното, прашање е какви мерки, односно санкции би се преземале против учесниците во ова „усогласено однесување“. Кругови од Комисијата лансираа теза дека санкциите би можеле да бидат во висина од 10% од вкупниот промет на претпријатијата остварен во изминатата година.
Медиумите се навлекоа на ова, а јавноста и некои „експерти“ веќе зборуваат за милионски износи во евра што како казна би требало да го платат овие компании. Камо да беше така! Владата ќе немаше проблем да ги врати назад кон компаниите средствата од т.н. солидарен данок по одлуката на Уставен суд.
Ова укажува на елементарно непознавање на материјата околу санкционирање на картелите за кои се докажало дека оствариле материјална корист во одреден временски период од своето делување. Значи, прво се определува периодот во кој функционирал картелот и се проценува поединечната корист што ја има остварено секој негов учесник. Врз основа на тоа се определува парична казна, која не може да надмине 10% од вкупниот приход на учесниците во картелот. Казната се одмерува за секој учесник поединечно, со значителни „попусти“ за субјектите кои помогнале за откривање на забранетото однесување или во постапката на изведување докази. Затворските казни во изминатиот половина век се речиси непостоечки.
Во нашиот случај нема ништо од ова. Нема ниту цент остварен приход од најава за одбивање да се примат ценовници со зголемени цени од добавувачите. Манипулацијата со евентуални десетици милиони евра казни е обично сеење магла. Изгледа дека како и повеќето од нас, трговците кои се предмет на прекршочно гонење за картелско здружување, не ја познаваат теоријата и практиката на заштита на конкуренцијата. Постапиле наивно и со најдобра намера за да помогнат за стабилизирање на цените, за што со соопштение ја известиле јавноста. Тоа е нивната олеснителна околност. За отежнувачката, ќе треба да ја почекаме одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Има уште нешто што треба да го знае јавноста која очекува брзи решенија и санкции. Одлуката на КЗК е првостепена. Случајот потоа по правило се префрла во судскиот систем, во сите негови инстанци, според позитивните законски прописи.
Економија
Најбарани професии во ЕУ – продажба, маркетинг и производство
Според податоците на Евростат за минатата година, најголема незадоволена побарувачка за работна сила во Европската унија имало во професиите поврзани со продажба, маркетинг и производство. Ова укажува на можни тешкотии за работодавачите при регрутирање на персонал во овие сектори.
Според експерименталната статистика, составена делумно преку податоци од онлајн огласи за работа, највисоки стапки на слободни работни места биле забележани кај работници во производство и помошни канцелариски работници, со стапка од 7,3% секое. Следуваат други работници во продажба со 6,1% и уметнички, културни и кулинарски соработници со 6%.
Дополнително, околу 5,8% од непополнетите позиции се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери за малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на постројки и машини и 5% на инженерски професионалци, со исклучок на електротехничките профили.
Евростат истакнува дека иако здравствените работници и наставниците, како и други занимања во јавниот сектор, исто така може да се соочат со тешкотии при регрутирање, тие поретко се рекламираат онлајн, па затоа во податоците се рангирани пониско. Од друга страна, ИТ професиите може да бидат претставени со поголема застапеност во онлајн огласите за работа.
Економија
Хрватска ги менува правилата за странски работници – еве колку дозволи има за Македонците
Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегалните практики. Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени критериуми и барање за познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.
Граѓанин на трета земја, како Македонија, за прва дозвола за привремен престој ќе мора да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, познавањето на хрватскиот јазик се смета за основа за интеграција на странските работници, а државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици од Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците е слаб.
Хрватска годинава издаде над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се создадени 100.000 нови работни места, а бројот на невработени паднал на 81.000, што го покажува ефектот од активната политика за вработување.
Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во земјата моментално има околу 140.000 странски работници, а измените на законот ќе го намалат бројот на нови дозволи, додека ќе се зголеми значењето на оние кои веќе се наоѓаат во Хрватска.
Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, посочи дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 работници од странство поради планираниот раст и пензионирањата, бидејќи домашниот пазар не може да го задоволи овој раст.
Економија
Од вечерва нова цена на дизелот
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,60% во однос на одлуката од 18.12.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,631%, кај дизелот за 4,633%, кај екстра лесното масло за 3,987% и кај мазутот зголемувањето е за 0,223%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1645%.
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар);
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар);
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар);
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар);
– Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм).
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Трендинг
-
Црна Хроника6 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника6 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника3 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника6 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република4 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника4 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Македонија4 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците
-
Црна Хроника2 days agoПолициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци















