Connect with us

Македонија

110 години од раѓањето на Венко Марковски

Венко Марковски, роден како Вениамин Миланов Тошев, македонски и бугарски поет, академик на БАН, драмски писател и еден од основоположниците на современата македонска книжевност.

Венко е роден во Скопје 1915 година, во сиромашно, скромно семејство. Татко му, Милан, бил курир во општината, а мајка му, Љубица, продавала ситници на тезга. Освен Венко, тие имале уште три ќерки.

Основно училиште завршил во Скопје, а образованието го продолжил во скопската машка гимназија.

Во 1931 година, заедно со неколку свои соученици го формираат Литературниот кружок.

Таму се воделе дискусии за создавање на македонскиот литературен јазик, како и за подобро запознавање со македонската историја, традиција и фолклор.

Овој кружок, по приемот во Комунистичката партија прераснува во илегална организација Македонска ослободителна револуционерна организација (МОРО), подоцна преименувана во Македонска младинска револуционерна организација (ММРО).

Пред матурирањето на Венко Марковски, организацијата ќе биде разбиена, а нејзините членови затворени. Венко поминал 31 ден во затвор, а потоа бил отстранет од училиштето и не му било дозволено да полага матура.

Се обидувал да го заврши своето образование и низ другите градови во Србија, но не успеал и бил прогонуван. Тогаш, ќе избега во Софија, Бугарија, каде го примаат на Филолошкиот факултет, Словенска филологија, без положена матура, па дури му даваат и стипендија.

Но, откако ќе ги објави своите првонапишани песни на македонски јазик во 1938 година во збирките „Народни бигори“ и „Огинот“, стипендијата му ја укинуваат.

Народни бигори е првата стихозбирка воопшто објавена на македонски јазик.

Во Софија, Венко Марковски ќе се приклучи во Македонскиот литературен кружок во кој членувале: Никола Јонков Вапцаров, Ангел Жаров, Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Митко Зафировски, Стефан Нанов, Коле Неделковски и Димитар Митрев.

Во 1938 година се оженил со Филимена, а прв сведок им бил Коле Неделковски.

По покана од Кузман Јосифовски-Питу, заедно со Методија Андонов-Ченто, во придружба на Кемал Сејфула, преку Охрид, заедно со семејството (сопругата Фила и синот Миле), ќе пристигне на слободна македонска територија, во селото Врбјани каде тогаш се наоѓал Глевниот штаб на ЦК КПМ.

Наскоро тој станал член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.

Пред крајот на 1943 бил создаден Иницијативен одбор за свикување на заседание на АСНОМ, каде претседател бил Ченто, секретар Страхил Гигов, а членови: Михајло Апостолски, Цветко Узуновски, Борко Темелковски и Венко Марковски.

На 2 август 1944 година Венко Марковски бил избран за народен претставник од АСНОМ за пратеник во АВНОЈ и предложен за член на президиумот на АВНОЈ.

По ослободувањето работел во сите три комисии за кодификација на македонскиот јазик.

Бил противник на прифаќањето и примената на Вуковата азбука за македонскиот јазик. Ја предложил употребата на буквата Ѕ и бил застапник за употребата на ъ (голем ер).

Тоа сепак не се одобрува од ЦК на КПЈ.

Поради несогласувања со македонската и југословенска елита, започнува неговиот судир со власта. Подоцна, ќе биде исклучен од партијата заради „предавање партиски тајни“, односно зашто зборувал дека Македонија се србизира.

За време на Информбирото, 1948 година, поддржувајќи ја политиката на Сталин, бил затворен, а неговото семејство интернирано во Кичево.

Две години поминал во домашен притвор, а 1956 година е осуден 5 години робија на Голи Оток заради пишување и дистрибуирање на памфлетот со поемата „Сувремени парадокси“ каде ја критикува власта.

За жал, и во Друштвото на писателите, неговите пријатели, го осудуваат и никој не застанува на негова страна.

По враќањето од робија, животот во Македонија му станува неподнослив. Од еден од најголемите поети на своето време тој станува непочитуван, необјавуван, отстранет од општеството, прогласен за граѓанин од втор ред.

Згора на тоа, бил принуден во весникот Нова Македонија да даде изјава во која се оцрнува себеси, а како награда му објавуваат збирка песни „Стихови“, а драмата „Гоце“ се поставува на сцената во Македонскиот народен театар.

Hо, односот кон него не се сменил, тој во Македонија, односно СФРЈ бил непожелен и 1965 година, практично е екстерниран во Бугарија.

Првите две години, до 1967 тој продолжува да пишува на македонски, но оттогаш неговото творештво е на бугарски јазик.

Тогаш, повторно политички искористен, но сега од другата страна, го прогласуваат за поет број еден во Бугарија, добива разни признанија и привилегии.

Познавајќи ја одлично македонската народна песна, собирајќи ја и анализирајќи ја, таа силно повлијаела врз неговите творечки почетоци. Во двете збирки, песните се во духот на народните, претежно љубовни песни, но и социјални, и револуционерни.

Освен нив, на македонски јазик ги напишал делата: „Илинден“, „Луња“, „Партизани“, „Гоце“, „Чудна е Македонија“, „Гламји“, „Робии“, „Порои“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“, „Низ пожарите на Елада“, „Стихови“.

Оваа биографија на Венко Марковски ја актуелизира Македонска Држава на Инстаграм – https://www.instagram.com/makedonskadrzava и Фејсбук – https://www.facebook.com/61561060595529/ чија замисла е да се зачува и документира македонската историја.

Advertisement

Македонија

Се што треба да знаете за „Safe City“

Казнувањето на сообраќајните прекршоци преку системот „Безбеден град“ официјално ќе започне на 1 февруари, наместо на првично најавениот датум 1 јануари. Одложувањето е потврдено за ТВ21 од помошник-заменик министерот во МВР, Мухамет Исмаили, кој објасни дека причина за пролонгирањето е потребата од дополнителни технички проверки и усогласување на правните процедури.

„Од 01.02.2026 системот SafeCity целосно ќе биде ставен во функција во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 10 и 8, додека во другите градови се предвидува да започне во текот на 2026 година“, изјави Исмаили.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат и можност за одредена толеранција кај ограничувањата на брзината. „Треба да ги почитуваме ограничувањата – 50 км/ч за урбани подрачја значи 50 км/ч. Секако дека и ние ќе внимаваме, исто како што прават и сите европски градови каде што имаат свои параметри за толеранција – таква толеранција ќе има и кај нас“, изјави Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје.

Системот „Безбеден град“ ќе работи со фиксни камери кои ќе регистрираат пречекорување на брзината, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и други прекршоци. Дополнително, специјализирани полициски возила ќе идентификуваат неправилно паркирање и останати нарушувања на сообраќајните правила.

Целта на новиот систем е до 2030 година да се преполови бројот на сообраќајни несреќи во државата.

Continue Reading

Македонија

Витаминка со Стоби Флипс и купувачите донираат 1.000.000 денари за СОС Детско село

Кампањата „Заедно за топол дом, љубов и грижа за секое дете“ што Витаминка ја реализираше преку Стоби Флипс, успешно заврши и резултираше со донација од 1.000.000 денари за СОС Детско село. Средствата ќе бидат искористени за Советувалиште за психолошка поддршка и специјална едукација со рехабилитација на СОС Детско село. Благодарение на поддршката од граѓаните за акцијата со која од секој купен Стоби Флипс се издвојуваше дел, со собраните средства ќе се овозможи континуирана експертска едукација за шеесет деца и млади на возраст од 6 до 18 години кои растат без родителска грижа и се соочуваат со последици од трауматски искуства, емоционални и развојни предизвици, како и различни когнитивни потешкотии.

Средствата ќе бидат насочени кон проектот „Менталното здравје пред сè“, преку кој децата ќе добијат индивидуални сесии со психолози и специјални едукатори, како и терапевтски третмани во сензорна соба за оние кои имаат потреба од дополнителна поддршка во емоционалниот и когнитивниот развој. Овие услуги се од суштинско значење за нивното зајакнување, подобро справување со кризи и градење основа за здрав личен раст.

Од СОС Детско село Македонија истакнуваат дека поддршката е од огромно значење за континуитетот на нивната мисија. „Од срце им благодариме на Витаминка и на сите граѓани кои ја поддржаа кампањата. Витаминка уште еднаш покажа што значи вистинска општествена одговорност и посветеност кон децата. Благодарение на ова партнерство, можеме непречено да продолжиме да обезбедуваме стручна грижа и поддршка за секое дете, со верба во нивната подобра иднина,“ велат од организацијата.

За што поуспешно спроведување на кампањата за Стоби Флипс беше изработена и специјална амбалажа со што купувачите беа информирани за своето учество во донацијата и придонесе за подигнување на јавната свест и обезбедување поголема поддршка за децата без родителска грижа.

Од Витаминка додаваат дека се горди што кампањата успеала да ја мобилизира јавноста и да создаде реална промена. „Нашата цел беше да потсетиме дека секој мал гест на солидарност може да донесе голема разлика. Благодарни сме што потрошувачите ја препознаа важноста на оваа приказна и ни помогнаа заедно да донесеме надеж, грижа и поддршка таму каде што е најпотребно“, истакна Симона Симоновска, одговорна за маркетинг во Витаминка.

Со оваа кампања, Витаминка и Стоби Флипс уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон најмладите и даваат силен пример за тоа како компаниите, заедно со граѓаните, можат да создадат поподобно, похумано и посреќно општество за секое дете.

Continue Reading

Македонија

Рекордна година за Скопје – аеродромот со 3 милиони патници, растот продолжува до 3,2 милиони

Меѓународниот аеродром Скопје денес го дочека својот тримилионити патник во една календарска година. Среќничката, Милена Таскова, беше изненадена на нејзиниот лет Скопје – Бари.

Раководството на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, приредија емотивно изненадување за госпоѓа Таскова.

Милена Таскова беше облеана во подароци: бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании на ТАВ и два бесплатни авионски билета од авиокомпанијата Виз Ер (Wizz Air).

Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, не ја криеше својата возбуда:

„Го достигнавме тримилионитиот патник во една година! Првпат лета за Бари, и посакав среќа на неа и нејзиното семејство.“

Курт најави дека ова е само почеток. Според оптимистичките прогнози на ТАВ, Скопскиот аеродром до крајот на годината ќе заврши со 3,2 милиони патници, додека аеродромот во Охрид се очекува да достигне 262.000 патници.

Овој успех не само што го потврдува растот на авиосообраќајот во земјата, туку и ја зацврстува позицијата на Скопје како значаен регионален воздушен центар.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг