Connect with us

Економија

Владата ќе ја прифати минималната плата согласно договорот меѓу работодавачите и работниците

Бев многу јасна во однос на минималната плата и кажав – ќе се договорат работодавачите и работниците, колку едните може да испорачаат, а колку другите може да платат. За нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат“, вели министерката

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека Владата ќе прифати онолкава минимална плата во државава колкава што ќе договорат работодавачите и работниците. Но, таа не даде конкретен одговор дали има пресметка колку би требало Владата да субвенционира во придонесите доколку минималната плата се покачи до 30 илјади денари. 

Прашањето до министерката следува откако вчера премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во буџетот нема пари за субвенционирање на разликата во придонесите од 24 400 до 30 000 денари минимална плата барање што во понеделникот го изнесе претседателот на Сојузот на стопански комори (ССМ).

„Во однос на минималната плата, не знам зошто воопшто има такви коментари дека сме биле во судир со синдикатите. Јас бев многу јасна во однос на минималната плата и кажав – ќе се договорат работодавачите и работниците, колку едните може да испорачаат, а колку другите може да платат. За нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Тие имаат дијалог меѓусебе. Што ќе прифатат таму, ние сме должни тоа да го обезбедиме. Што ќе договорат, јас како министер за финансии ќе го почитувам“, рече Димитриеска-Кочоска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Економскиот факултет.

Прашана за коментар околу изјавата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска дека предлогот за покачување на минималната плата на долг рок предизвикува инфлација и не носи стабилен живот за граѓаните, министерката не даде одговор. Коментар од министерката немаше и за тоа дали покачувањето на пензиите за 5 000 денари не предизвикува инфлација.

„Мислам дека многу јасни и прецизни бевме за пензиите и не би сакала повторно да се навраќам на тоа“, рече таа.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека како Влада ќе го прифатат барањето на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 30 илјади денари доколку Синдикатите и работодавачите се договорат за оваа сума, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Тој додаде дека дополнителните придонеси што би ги плаќала Владата, не се предвидени во буџетот.

Од ССМ во понеделникот рекоа дека до Владата, до претставниците на работодавачите и до координаторите на пратеничките групи во Собранието ќе достават предлог во кој бараат дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари, што ќе значи и дополнително зголемување на сите останати плати на работниците во земјава. Исто така, ќе бараат и работодавачите да бидат субвенционирани за плаќање на придонесите за социјално осигурување во период најдолго за 12 месеци.

Со предлог за зголемување на минималната плата во понеделникот излегоа и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде рекоа дека во Собранието ќе достават предлог законско решение за покачување на платите до 15 илјади денари за 400 илјади работници.

Во законското решение се предлага придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување да се замрзнат на просекот од последните три исплатени плати на работникот и тоа да важи во период од една година, што значи дека работодавачите нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите.

Advertisement

Економија

Шведскиот мебелски гигант ја затвори вратата: ИКЕА засега не доаѓа на македонскиот пазар

Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на брендот ИКЕА, соопшти дека во моментов не постојат конкретни планови за отворање продавници во Македонија, со што ги демантираше информациите што неодамна се појавија во дел од домашните медиуми за можен влез на компанијата на пазарот.

Од групацијата нагласуваат дека постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот, како на постојните така и на нови пазари, со цел да бидат поблиску до што поголем број потрошувачи. Сепак, како што наведуваат, до овој момент не е донесена одлука за инвестирање и отворање продажни капацитети во Северна Македонија.

„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за раст, но заклучно со денес нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во официјална изјава.

Во регионот, ИКЕА веќе има воспоставена мрежа на продавници и е присутна во Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, што на македонските потрошувачи им овозможува пристап до брендот преку соседните пазари.

Continue Reading

Економија

Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.

Continue Reading

Економија

Бакарот на чекор до нов рекорд: Берзите бележат најсилен раст по финансиската криза

Цената на бакарот продолжува со силен нагорен тренд и се доближува до историското ниво од 12.000 долари за тон, заокружувајќи една исклучително турбулентна година на светските берзи. Пазарните движења се одвиваат во услови на засилени геополитички тензии, но и рекордна побарувачка за индустриски метали.

Податоците од Лондонската берза на метали покажуваат дека бакарот е на пат да го оствари најголемиот годишен раст од 2009 година наваму, што дополнително го зголемува интересот кај инвеститорите и индустриските потрошувачи.

Аналитичарите посочуваат дека растот е резултат на повеќе фактори. Глобалната понуда е ограничена, залихите се на ниско ниво, а рударското производство не успева да одговори на зголемената побарувачка. Истовремено, трговските тензии и неизвесноста на меѓународните пазари поттикнуваат забрзано купување на суровини.

Дополнителен притисок врз цената создава и забрзаната енергетска транзиција. Бакарот е еден од клучните метали за електричните возила, обновливите извори на енергија и модерната електроинфраструктура, што го прави незаменлив во процесот на декарбонизација.

Инвеститорите остануваат оптимисти и сметаат дека светската економија допрва влегува во долгорочен „супер-циклус“ на побарувачка на бакар, поттикнат од зелените политики и технолошките промени кои во голема мера зависат од овој метал.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг