Connect with us

Европа

Меркел со драматично предвидување: „Европа може да биде уништена“

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) ја нагласи важноста на единството во Европа, предупредувајќи дека ако не се одржи, Европа може да биде „уништена“. Како што изјави за Rheinische Post, „се што се случува деновиве… навистина се работи за Германија и Европа“, додавајќи дека „два проценти од БДП за вооружување нема да бидат доволни“.

Таа се осврна и на проблемот со миграцијата, истакнувајќи дека тој не може да се реши само на национално ниво. „Ова останува европска задача која бара соработка со соседните земји“, нагласи таа, додавајќи дека клучниот предизвик лежи во земјите од кои доаѓаат мигрантите.

Меркел се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп. Таа рече дека е важно да знае што му е важно, опишувајќи го како типичен претприемач. Според неа, политиката не секогаш функционира како во бизнисот, кога една личност може да добие одредена земја ако тоа го посакува.

Таа се присети и на инцидентот кога Трамп одби да се ракува со неа, нагласувајќи дека тој знае како да привлече внимание подобро од кој било друг. Како единствен лидер кој на сличен начин ја поларизира меѓународната политика, Меркел го спомена и Владимир Путин, кој, како што истакна, „нападна суверена земја, Украина“, прекршувајќи го меѓународното право и поткопувајќи го европскиот повоен поредок.

Меркел предупреди дека решението на конфликтот мора да биде дипломатско. „Нема да бидат доволни само воените средства. Можеби сега сме поблиску до договор отколку пред неколку недели“, рече таа, додавајќи дека политиката мора да ги поврзе спротивставените позиции и да не поставува само црвени линии. „Украина мора да остане суверена“, истакна таа.

Меркел, која беше канцеларка на Германија од 2005 до 2021 година и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), беше еден од највлијателните европски политичари во 21 век. Особено се истакна како лидер на Европската унија за време на финансиската криза и Брегзит.

Една од најконтроверзните одлуки во нејзината кариера беше политиката на отворени врати за време на мигрантската криза во 2015 година, кога дозволи повеќе од милион бегалци да влезат во Германија. Оваа одлука беше проследена со пофалби, но и со остри критики, особено од десничарските политички опции и нејзината партија. Меркел остана на својот став дека Германија треба да ги интегрира мигрантите, иако сѐ повеќе ја заоструваше миграциската политика во текот на годините, поддржувајќи договори со Турција и зголемување на контролите на надворешните граници на ЕУ.

Advertisement

Европа

Кошта: Време е Западен Балкан да ја избере Европа

Земјите од Западниот Балкан стојат пред судбоносна одлука: продолжување по патот на старите поделби или храбар исчекор кон заедничка европска иднина. Оваа силна порака ја упати претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по завршувањето на самитот ЕУ–Западен Балкан, нагласувајќи дека регионот повеќе нема простор за одлагање и двоумење.

„Покрај сите технички аспекти на процесот, суштината е во еден длабок политички избор – избор помеѓу минатото и иднината, помеѓу поделбите и помирувањето, помеѓу изолацијата и соработката. Токму овие вредности се темелите врз кои е изградена Европската Унија“, порача Коста во официјалното соопштение.

Тој нагласи дека процесот на проширување во моментов се движи со динамика каква што не била видена во последните 15 години и дека регионот мора да ја искористи оваа ретка можност. Проширувањето, подвлече Коста, не е трка меѓу земјите кандидати, туку процес заснован на индивидуални заслуги и реформи.

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека проширувањето повторно е на агендата на Унијата. „За првпат по повеќе од една деценија, проширувањето стана реална и опиплива перспектива“, изјави таа, пофалувајќи го „импресивниот напредок“ на Црна Гора и Албанија, кои, според неа, стануваат позитивен пример за целиот регион.

Во своето обраќање, Кошта ги спомена сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Србија, откако нејзиниот претседател Александар Вучиќ одлучи да не присуствува на самитот.

Тој повторно го нагласи забрзаниот напредок на Црна Гора и Албанија и изрази очекување дека Македонија би можела да направи значаен исчекор веќе следната година. За Босна и Херцеговина, Коста оцени дека усвојувањето на реформската агенда оваа година е клучен сигнал и неопходен предуслов за вклучување во Планот за раст, што би ѝ овозможило на земјата целосно да ја искористи поддршката од ЕУ и постепено да се интегрира во европските политики.

Што се однесува до Косово, Коста ги поздрави чекорите за градење доверба меѓу заедниците, истакнувајќи дека претстојните парламентарни избори ќе бидат пресуден момент – не само за зацврстување на реформите, туку и за посериозен и поконструктивен ангажман на европскиот пат.

Continue Reading

Европа

ЕУ ги заострува правилата: Нов режим за депортација на азиланти во трети земји

Европската Унија направи значаен чекор кон построга миграциска политика. Претставниците на земјите-членки и Европскиот парламент рано утринава постигнаа политички договор за нов сет правила со кои драстично се проширува можноста барателите на азил да бидат упатувани во таканаречени „безбедни трети земји“.

Со договорот им се отвора пат на земјите-членки да депортираат баратели на азил во држави надвор од ЕУ што се сметаат за безбедни – дури и во случаи кога лицата немаат никаква претходна поврзаност со тие земји. Доволно ќе биде да постои договор или друг формален аранжман меѓу конкретната членка на ЕУ и третата земја.

Досега, европските правила бараа барателот на азил да има „тесна врска“ со земјата во која се испраќа, како семејни односи или подолг престој во минатото. Со новите правила, таа обврска се укинува за повеќето случаи, што значи дека луѓето може да бидат испратени во држави во кои никогаш не биле и со кои немаат културни, социјални или семејни врски.

Исклучок остануваат малолетниците без придружба. За нив, условот за постоење реална врска со земјата во која би биле депортирани ќе продолжи да важи, како што бараа земјите-членки.

Иако договорот сè уште треба формално да биде усвоен за да стапи на сила, тоа се смета за чиста процедура, бидејќи преговарачите веќе постигнале компромис, наведува ДПА.

Европскиот парламент го расчисти патот за преговори вчера, откако предлогот доби поддршка од десничарско мнозинство. Клучните гласови „за“ дојдоа од пратениците на десниот центар и од крајната десница.

Прашањето дали е потребна лична или правна врска со „безбедна трета земја“ беше тема и во минатогодишните преговори за реформата на Заедничкиот европски систем за азил (CEAS). Тогаш беше договорено условот да остане, но и да биде преиспитан по одреден временски период.

Данскиот министер за имиграција, Расмус Стоклунд, ја оправда потребата од построги мерки со хуманитарни аргументи. „Илјадници мигранти се дават во Средоземното Море или стануваат жртви на шверцери на луѓе кои се богатат на нивна мака“, изјави тој. „Од суштинско значење е да се справиме со факторите што го поттикнуваат овој нездрав и нехуман систем“, пренесе ДПА.

Continue Reading

Европа

Орбан стави вето: Советот на ЕУ не може да донесе заклучоци за земјите-кандидатки

Европската интеграција се соочи со нов ѕид. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги блокираше заклучоците на Советот на ЕУ за земјите-кандидатки, оставајќи ја Унијата без заедничка стратегија за проширување во пресрет на клучниот самит на 18 и 19 декември.

Наместо консензус од сите 27 членки, Брисел е принуден на „план Б“: заклучоците се претвораат во документ на данското Претседателство со поддршка на останатите 26 држави.

„Унгарија стои на патот. Сакаме кандидатите да ја изберат Европа, а не Русија, но Будимпешта испраќа погрешен сигнал“, децидна е данската министерка Мари Бер.

И покрај блокадата од Орбан, нацрт-документот за Македонија содржи јасни и строги пораки. Брисел останува на „црвената линија“: нема нова меѓувладина конференција без уставни измени.

Клучните точки од извештајот за Скопје:

  • Условот останува ист: Штом се внесат Бугарите во Уставот, првиот кластер се отвора експресно, без дополнителни политички одлуки.

  • Реформи во „слободен пад“: ЕУ алармира за нула напредок во владеењето на правото во изминатата година.

  • Судство под лупа: Се бара итна независност на Судскиот совет и вистинска борба против корупцијата на високо ниво, а не само декларативни заложби.

  • Добрососедство: Договорите со Грција (Преспа) и Бугарија мора да се спроведуваат со „добра волја“.

Додека Македонија чека уставни промени, Брисел веќе формира работна група за нацрт-договорот за пристапување на Црна Гора. Истовремено, и покрај унгарскиот отпор, Унијата подготвува терен за интеграција на Украина и Молдавија, обидувајќи се да го неутрализира руското влијание во регионот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг