Connect with us

Македонија

Мицкоски му одговори на бугарското МНР за Уставот и Македонците во Бугарија: ТУКА СМЕ ДА ЈА КАЖЕМЕ ВИСТИНАТА

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори за вчерашната реакција на бугарското министерство за надворешни работи и потенцираше дека вистината мора да се каже и за мешањето во внатрешните работи, но и за Македонците во Бугарија.  

Жалам што новиот министер во Министерството за надворешни работи на нашиот источен сосед заборава дека добрососедските политики се темелна вредност на европските вредности, без разлика дали некој е дел од ЕУ. Ние сме партнери во најголемата алијанса во човештвото – НАТО заедницата и ние таму ќе продолжиме да функционираме. Ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму во Бугарија, рече премиерот Христијан Мицкоски по вчерашната реакција од официјалната бугарската дипломатија по повод вчерашните изјави на претседателот на македонската Влада.

Мицкоски е дециден дека наша цел е да градиме добрососедски односи, „но кога станува збор за вистината, тогаш сме тука да ја коментираме“.

-Доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е. Би се повикал на меѓународното право и Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и не можам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија која се темели на 14 пресуди од Судот во Стразбур. Сите треба да ја поддржиме македонската заедница која што за жал во 21-от век во земја-членка на ЕУ не може тоа право да го оствари. Тоа нема врска со внатрешните работи, рече премиерот по предавањето на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ).

Бугарското МНР вчера соопшти дека претседателот на македонската Влада уште еднаш покажал неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

-На овој начин, сакајќи или не сакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се гледаат како вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, се вели во соопштението од МНР. Бугарската дипломатија потсетува дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји-членки на Европската унија и Македонија, останува валиден патоказ за напредокот на земјава во нејзиниот пристапен процес.

-Ваквите изјави ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи. Претседателот на Владата на Македонија уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на  Бугарија, стои во реакцијата на бугарското МНР.

Мицкоски вчера по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“, одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.

-Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем, изјави премиерот.

Advertisement

Македонија

Констатирани неправилности во функционирањето на 14 јавни здравствени установи

Вонреден инспекциски надзор спроведен од Фондот за здравствено осигурување утврди неправилности во функционирањето на 14 јавни здравствени установи низ Северна Македонија, од кои две се во Скопје. Надзорот бил извршен во службите за Итна медицинска помош и домашна посета.

Како што информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски, инспекцијата опфатила вкупно 37 јавни здравствени установи – 29 надвор од Скопје и осум во главниот град. Во 23 институции не биле утврдени недостатоци, додека во 14 биле констатирани сериозни неправилности.

Според Клековски, седум установи работеле со интерни ценовници кои немале одобрение од Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Тој нагласи дека не станува збор нужно за штета по пациентите, но дека ценовниците не биле официјално усвоени.

Во две институции било утврдено погрешно фактурирање кон Фондот, додека уште две фактурирале услуги за кои немале дозвола. При теренските контроли биле откриени и посериозни пропусти – во една установа надвор од Скопје немало лекови против болки, а резервите на лекови во Итната помош биле под минималниот потребен праг. Во друга институција, пак, воопшто немало медицински екипи за обезбедување на здравствени услуги.

На сите установи кај кои се утврдени неправилности им е даден рок од два месеци за нивно отстранување, по што ќе следи повторна контрола. Клековски посочи и дека Фондот не бил навреме информиран дека службата за домашна посета во Шуто Оризари е целосно затворена поради недостаток на персонал.

Continue Reading

Македонија

Вишото јавно обвинителство има нова шефица: Наташа Крстевска Цалева ја презема должноста

Советот на јавните обвинители ја назначи Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, со мандат до избор на нов шеф, но не подолг од шест месеци.

Одлуката беше донесена на 33-тата седница на Советот, одржана на 12 декември 2025 година, со почеток во 10:30 часот. Назначувањето на Крстевска Цалева беше единствена точка на дневниот ред на седницата.

„На 33-тата седница одржана на ден 12.12.2025 година, со почеток во 10:30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, по усвојувањето на дневниот ред, донесе одлука за определување на вршител на должност Виш јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Скопје, така што за вршител на должност се избира Наташа Крстевска Цалева – јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје, до избор на Виш јавен обвинител, за време не подолго од шест месеци“, се наведува во соопштението.

Именувањето следи по престанокот на функцијата на дотогашниот шеф на ВЈО Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој поднесе оставка на 9 декември. Тој претходно беше суспендиран поради поднесен обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Штип за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Наташа Крстевска Цалева и претходно ја извршуваше функцијата в.д. Виш јавен обвинител, во февруари годинава, за време на суспензијата на Хајрулахи.

Continue Reading

Македонија

Се што треба да знаете за „Safe City“

Казнувањето на сообраќајните прекршоци преку системот „Безбеден град“ официјално ќе започне на 1 февруари, наместо на првично најавениот датум 1 јануари. Одложувањето е потврдено за ТВ21 од помошник-заменик министерот во МВР, Мухамет Исмаили, кој објасни дека причина за пролонгирањето е потребата од дополнителни технички проверки и усогласување на правните процедури.

„Од 01.02.2026 системот SafeCity целосно ќе биде ставен во функција во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 10 и 8, додека во другите градови се предвидува да започне во текот на 2026 година“, изјави Исмаили.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат и можност за одредена толеранција кај ограничувањата на брзината. „Треба да ги почитуваме ограничувањата – 50 км/ч за урбани подрачја значи 50 км/ч. Секако дека и ние ќе внимаваме, исто како што прават и сите европски градови каде што имаат свои параметри за толеранција – таква толеранција ќе има и кај нас“, изјави Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје.

Системот „Безбеден град“ ќе работи со фиксни камери кои ќе регистрираат пречекорување на брзината, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и други прекршоци. Дополнително, специјализирани полициски возила ќе идентификуваат неправилно паркирање и останати нарушувања на сообраќајните правила.

Целта на новиот систем е до 2030 година да се преполови бројот на сообраќајни несреќи во државата.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг