Connect with us

Македонија

Сиљановска Давкова: Европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди

Европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на панелот „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“, во рамки на 12. Глобален форум во Баку.

Порача дека не отстапуваме ниту од стратешката цел за членство во ЕУ, ниту од стратешкото партнерство со САД, бидејќи, како што рече, и покрај тековните превирања, веруваме во важноста од ефективен трансатлантизам, базиран на меѓународни правила и принципи, јави известувачот на МИА од Баку.

-Но, исто така, свесни сме дека секогаш, пред да се погазат физичките граници, се газат принципите и вредностите. Двојните стандарди генерираат преседани коишто прераснуваат во правила. A кога се прават компромиси со меѓународните правила и принципи и со меѓународното право, се компромитираат Обединетите нации, се обезвреднува Повелбата и се поткопува меѓународниот поредок, укажа претседателката.

Она што Обединетите нации се за светот, рече таа, Европската Унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку политиката на проширување со нови земји членки коишто ги исполнуваат копенхагенските критериуми.

-Како олицетворение на мултилатерализмот, Европската Унија има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот. Но, европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави. Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Одговорот на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок – рече Сиљановска Давкова.

Според неа, пропуштени се многу можности за реформи на ООН, а застарените мултилатерални инструменти на Обединетите нации веќе не можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, демографски и технолошки предизвици.

-Ретко кога Обединетите нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес, рече претседателката.

Според неа, опстојувањето на Пактот за иднинатата ќе зависи од тоа дали државите ќе ги одржат преземените обврски и дали ќе ги напуштат двојните стандарди.

Потсети дека Пактот за иднината заедно со Глобалниот дигитален договор и Декларацијата за идните генерации, понуди визија за мултилатерализам што на поинклузивен и поправеден начин би можел да ги исполни трите врвни цели на ОН – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој.

-Но, уште не донесен, како што посочи, Пактот се соочи со двојната критика на премали и преголеми очекувања. Од една страна некои идеалисти тврдеа дека Пактот не е доволно силен за да биде еликсирот којшто ќе ја подмлади нашата 80 години стара организација. Од друга страна, пак, некои реалисти сметаа дека Пактот е само уште еден очаен обид да се спаси поредокот воспоставен по Втората светска војна чиишто урнатини се околу нас.

Наместо мултилатерализам имаме мултиполаризација и растечко геополитичко ривалство. Меѓународното право е еродирано поради двојните стандарди. Се разгоруваат нови конфликти за ресурси, вода, енергенси и ретки минерали. Битката со природата како да е однапред изгубена. Меѓународните односи станаа непредвидливи. Наместо Кантовиот вечен мир за којшто мечтаеја некои од авторите на Повелбата на Обединетите нации, ние како да се наоѓаме во предхобсовска состојба, оцени претседателката.

Потсети дека Пактот беше усвоен како внимателно изграден глобален консензус околу две нешта. Прво, иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има и акумулирано искуство, знаење и потенцијал за да ги адресира проблемите, да ја мобилизира глобалната јавност, да ги координира процесите на креирање политики и носење одлуки, и да помага во нивното спроведување. Второ, неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации – рече претседателката.

Како што дополни, Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста, а Генералното собрание да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата, пак, смета таа, мора да станат обврзувачки за сите.

-Само така Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици – нагласи Сиљановска Давкова.

Пактот за иднината го оквалификува како еден вид глобален општествен договор, како што рече, нов Русоов договор, којшто треба да го зајакне мултилатералниот систем со Обединетите нации во нивно јадро и истакна дека уште во своите први месеци се најде пред нов предизвик.

-Прашањето што многумина сега го поставуваат не е дали Пактот за иднината ќе биде успешен, туку дали воопшто ќе ја преживее 2025 година. Дали ќе успее да опстане во новите геополитички околности, и, ако опстане, дали ќе биде референтна точка за обнова на Обединетите нации, или, пак, ќе се сведе на уште еден амбициозен, но задоцнет документ што ќе собира прашина во архивите на Ист Ривер? Тоа зависи од две нешта. Прво, дали државите ќе ги одржат преземените обврски. И, второ, дали ќе ги напуштат двојните стандарди. Зошто токму двојните стандарди? Бидејќи тие се Ахиловата пета на мултилатерализмот. Селективната, наместо универзална примена на меѓународните правила и принципи ја доведува во прашање универзалноста на самите принципи – рече претседателката.

Во контекст на тоа дали Пактот за иднината ќе ја преживее оваа 2025 година, рече дека не е првпат да сме во ваква ситуација и наместо да станаме наивни идеалисти или сурови Макијавелисти, треба со реалистична надеж да го одржиме овој глобален консензус.

Тоа, како што рече, го говори како претседателка на држава којашто многупати го почувствувала товарот на двојните стандарди, на прекршените договори, на неисполнетите ветувања.

Порача дека малите држави треба да бидат најгласните и најголемите поддржувачи на овој пакт.

-Што нѐ очекува доколку ја пропуштиме оваа можност? Дали, наместо Обединети, би имале разединети нации, сведени на реликт од минатото, блокирани поради ветото и парализирани поради бројните кризи и предизвици? Дали би имале поделба на светот во зони на влијание и интереси, паралелни поредоци коишто ќе гравитираат околу различни геополитички центри, секој со свој систем на вредности, правила и принципи, секој со свој аршин за човекови права и слободи. Дали би живееле во свет без универзални вредности и без свест и грижа за глобалните добра и за иднината на сè уште неродените? Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме – порача Сиљановска Давкова.

Таа денеска се обрати и на отворањето на Форумот, а имаше и билатерална средба со нејзиниот албански колега Бајрам Бегај. Во изминатите два дена претседателката Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Азербејџан, се сретна со претседателот Илхан Алијев, премиерот Али Асадов и претседателката на Националното Собрание Сабиха Гафарова. Како што информираше претседателката, речиси е готова декларацијата за стратешко партнерство и соработка со Азербејџан, што треба да премине во договор со кој ќе се зајакне соработката во енергетиката и економијата.

Македонија

По моделот на Украина, Македонија може технички да ги продолжи преговорите со ЕУ

По преседанот направен со Украина, се отвора можност Северна Македонија технички да ги продолжи преговорите за членство во Европската унија, и покрај тоа што сè уште нема конечно решение со Бугарија, оценуваат аналитичари и европски извори.

Според овој модел, земјата би можела да напредува во техничките и реформските делови од преговорите, без формално затворање на политичките прашања поврзани со билатералниот спор со Софија. Таквиот пристап веќе беше применет во случајот со Украина, каде што ЕУ дозволи паралелно водење на процесите.

Идејата е Македонија да не биде целосно блокирана на европскиот пат, туку да продолжи со усогласување на законодавството, реформите во институциите и исполнувањето на европските стандарди, сè додека се бара прифатливо решение со Бугарија.

Поддржувачите на ваквиот пристап сметаат дека тоа би испратило позитивна порака и би ја одржало реформската динамика и европската перспектива на земјата, додека критичарите предупредуваат дека политичките условувања и натаму остануваат сериозен предизвик.

Сепак, ваквиот можен пресврт во пристапот на ЕУ отвора нова дебата за тоа како Унијата се справува со билатералните спорови и дали ќе покаже поголема флексибилност кон земјите кандидати во наредниот период.

Continue Reading

Македонија

„Трн“ по втор пат ги награди храбрите иницијативи што го менуваат општеството

Редакцијата на Трн по втор пат ги награди иницијативите што храбро го менуваа општеството во 2025 година

На 13 декември 2025 година, редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.

Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.

Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.

ТРН НАГРАДИ

Категории што го мапираат општествениот ангажман

Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН беше врачена на Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост, за јасниот јавен говор и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат, но длабоко ја засегаат реалноста на жените.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН ја доби и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.

Наградата ЗДРАВ ТРН за заштита на јавното здравје претставува награда за солидарноста што не застанува на зборови, туку се претвора во конкретна грижа и поддршка.

Оваа награда беше врачена на Support Kochani, за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.

МЛАДИНСКИ ТРН се додели на глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите и ја преведува нивната реалност во јасни и аргументирани пораки. 

Оваа награда ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.

Во категоријата ТРН НА ЕДНАКВОСТА за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам.

Наградата ТРН НА ЕДНАКВОСТА ја врачивме на Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата.

ТРН НА ЕДНАКВОСТА беше доделен и на Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.

ИНТЕРВЕНТЕН ТРН е за гласовите кои во јавниот простор зборуваат храбро, директно и без компромис.

Наградата за интервенција во јавен простор беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3-ти Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.

Награда ви оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.

Мал трн, голема порака

Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.

Со второто издание на овие награди, „Трн“ ја зацврстува својата позиција како медиум кој не само што известува, туку и активно учествува во градењето на јавниот простор, вредностите и критичката мисла.

Continue Reading

Македонија

Историски зафат во детската ортопедија: За првпат во Македонија оперирано дете со ретка конгенитална деформација

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за првпат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет. Интервенцијата е реализирана во соработка со реномираниот ортопед проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.

Овој медицински зафат претставува значаен напредок во развојот на домашниот здравствен систем и зајакнување на капацитетите за третман на ретки и сложени ортопедски состојби кај деца. Процедурата е резултат на тимска работа меѓу ортопедите, анестезиолозите, интензивната нега и ургентната служба, како и на успешен пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, истакнува дека интервенцијата е пример за врвна мултидисциплинарна координација со јасен фокус на безбедноста и квалитетот на третманот. Според него, соработката со меѓународни експерти овозможува значителен исчекор во лекувањето на ретки конгенитални деформации, со цел ваквите процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјава.

Министерот за здравство, Азир Алиу, нагласува дека довербата во здравствениот систем се гради преку конкретни резултати, знаење и силна тимска работа. Тој посочува дека Министерството ќе продолжи со поддршка на модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со што најсложените интервенции ќе можат да се изведуваат во државата.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба кај која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради нарушена миграција за време на ембрионалниот развој. Оваа состојба најчесто предизвикува видлива деформација и ограничена подвижност на рамото, а може да биде поврзана и со други аномалии, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза или омовертебрална лента. Оперативниот третман најчесто се спроведува кај деца на возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и естетскиот изглед.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг