Connect with us

Македонија

Нови приведувања за пожарот во Кочани

Активностите на полицијата и на Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани во кој починаа 59 млади лица, а околу 200 се повредени, продолжија синоќа со акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност.

Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов.  Јавното обвинителство најави дека денеска ќе информира за акцијата на полициските екипи спроведена по наредба на ОЈО Кочани, каде работи обвинителскиот тим за истрагата.

Папазов беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

Се очекуваат следните чекори од обвинителскиот тим и поради истекувањето на мерката краткотраен притвор што беше определена за 18 лица во предистражна постапка. Со истражните активности до пред приведувањето на тројцата поранешни градоначалници беа опфатени 28 лица.

Веќе е отворена истрага и е определен 30-дневен притвор за седум службени лица, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомнични дека како соизвршители,  изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

Полициски службеници од одделот за крим полиција и организиран криминал завчера влегоа и во Општина Кочани, за обезбедување на документација поврзана со дискотеката. Претреси се извршени и на две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција… а, исто така, претреси извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката. Меѓу лицата на кои им е определен краткотраен притвор се и поранешен министер за економија и поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат.

Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, сите докази за дискотеката „Пулс“ упатуваат на кривично дело – тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна затвор до 20 години.

-Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија, вели Коцевски, во вчерашното интервју за белградска „Политика“.

Како што укажува, заедничко за трагичните настани со кои се соочивме изминатите години е тоа што покрај директната причина за катастрофата, често постои и дополнителен причинител во вид на непочитување на законот и системска корупција, што, потенцира, значително ги зголемува катастрофалните последици.

Во однос на прашањето дали надлежните органи биле известени за овој настан и дали ја извршиле својата професионална должност која овој настан ја наметнувал, одговори дека сето тоа ќе се провери во рамки на истрагата.

– Сè тоа ќе провериме во рамки на истрагата. Сите тие закони и прописи постоеле на хартија, а до сега не сме пронашле скоро ниеден кој бил почитуван. До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази до сега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Истражуваат и давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела, посочува Коцевски.

Најавува дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна и оти ќе одговараат и тие кои со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината за катастрофата.

Според последните информации од Министерството за здравство, состојбата на повредените лица во пожарот е стабилна и се подобрува. Од вкупно 20 што беа критични, 10 се во потешка состојба, но се надвор од животна опасност.  Во државава се лекуваат 62, а во странство 111. Од тие на лекување во државава, тројца се пуштени на домашно лекување, а најавено е испишување на уште тројца. Веќе в понеделник се очекува враќање во државава и на првите пациенти од странство.

– Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат. Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави, изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари.

Пациенти од пожарот во државава се хоспитализирани во Клинички центар Скопје, ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, Клиничката болница во Штип, како и во приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“. Таравари најави дека ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување. На домашните лекари им помагаат колеги од Израел и Чешка, а тим од Велика Британија ќе помага за следната фаза од лекувањето.

Уште тројца пациенти вчера беа испратени во Турција и седум во Шпанија, со што вкупниот број на лица со повреди од пожарот на лекување во странство достигна 111. Министерството за здравство вчера го објави и  списокот со медицински центри во странство каде се лекуваат пациенти од пожарот. Листата содржи медицински центри во Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Турција, Шведска, Унгарија и Полска.

Како што најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република. Тој очекува в понеделник во државава да бидат вратени првите пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство.

-Траумата е огромна во цела земја, посебно во Кочани, Облешево, Виница, местата каде има погинати. Има потреба од психосоцијална работа, и кај здравствените работници, посебно во Кочани. Сега заедно со дефинирање на планот за враќање на повредените веќе размислуваме за следните фази. И британската Влада и изралеското МЗ понудија да ни помогнат да го конципираме планот што ќе правиме следната една – две години бидејќи оваа трагедија ќе дава последици кои ќе траат подолго, рече Клековски вчеравечер во телевизиско гостување.

Финансирањето на лекувањето на пациентите е прашање на кое во првите денови од несреќата не размислувала Владата, а ниту го покренале соседите, но Клековски кажа дека тоа дополнително ќе се отвори бидејќи дел од лекувањата ќе бидат исклучително долготрајни, гледано од досегашни искуства на Фондот.

Како што соопшти директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, досега за 142 лица од семејствата на повредените од пожарот на лекување во странство државата обезбеди авионски карти и сместување потрошени се почетно околу 3,5 милиони денари.

Одлуката на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица за еден повреден, но, како што посочи, ќе бидат покриени трошоците ако заминале и по тројца-четворица.

– Со сите телефонски оператори е одлучено сите телефонски броеви кои ги имаат од лицата кои се надвор од Македонија, да бидат ослободени од роаминг и интернет, за да можат непречено да контактираат со своите најблиски  кои се останати во земјава, а и со институциите, рече Томовски синоќа во интервју за ТВ 21.

Преку Црвениот крст заклучно со вчера се обезбедни 42.739.931 денар за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани. Останува повикот да продолжи хуманоста и солидарноста за обезбедување помош за настраданите семејства преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани, како и со повик на телефонските броеви на Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).

Несреќата се случи рано неделата во дискотеката „Пулс“ каде настапуваше групата „ДНК“. Починатите во пожарот се на возраст од 16 до 48 години. Најголем број се на возраст на 24 и 26 години. Шестмина се на возраст од 21 година, а на возраст од 18 и 36 години загинати се по четири лица. На 16-годишна возраст загинати се тројца, исто толку и на 17-годишна возраст и на 25 години. По двајца загинати има на 20, 23, 27, 31, 38 и 44 години. По еден загинат има на возраст од 19, 29, 32,33, 43, 47 и 48 години. Во несреќата животот го загубија и три лица од бендот ДНК.

Починатите во пожарот вчера беа погребани во Кочани, Штип, Облешево и Скопје. 

Advertisement

Македонија

Со „СМАРТ/МК 2030“, Мицкоски најавува дигитална и транспарентна Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално ја промовираше Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека документот претставува суштински одговор на реалните општествени предизвици. Според него, стратегијата е јасна и амбициозна патоказна рамка што треба да ја насочи државата кон темелна дигитална трансформација и изградба на современо, технолошки напредно општество.

„Ова не е само уште еден документ. Денес ја демонстрираме нашата политичка волја и решителност да изградиме држава што е ефикасна, транспарентна и во служба на граѓаните“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека дигитализацијата е темел на современото владеење.

Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабока промена во начинот на кој функционираат институциите и како тие комуницираат со граѓаните и бизнис-заедницата.

„Тоа значи побрзи и поедноставни услуги, значително помалку бирократија, поголема отчетност и активно учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, порача тој.

Според Мицкоски, Владата ја поставила дигитализацијата меѓу своите врвни приоритети, бидејќи таа е клучна алатка за зајакнување на владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата.

„Дигиталните процеси оставаат јасна трага. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – одговорноста станува недвосмислена“, истакна премиерот.

Тој додаде дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални политики и стандарди, опфаќајќи клучни области како електронски комуникации, дигитализација на јавните регистри, користење облак-услуги и електронска идентификација.

„Нема силна економија без развиени дигитални вештини, нема модерно општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен и моќен ИКТ-сектор“, нагласи Мицкоски.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски истакна дека стратегијата не припаѓа на една влада или институција, туку претставува заедничка обврска на државните органи, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.

„Ова е наш заеднички пат кон паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, заклучи премиерот.

Continue Reading

Македонија

Безбедноста на новогодишните пакетчиња проверена – резултатите во АХВ охрабрувачки

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни инспекции на детските новогодишни пакетчиња и откри само минимални неправилности. Вкупно беа извршени 262 контроли во магацини за пакување, маркети и продавници кои нудат овој вид производи.

Проблеми беа утврдени кај неколку оператори поради несовпаѓање на роковите на збирните декларации со роковите на поединечните производи, како и некомплетни декларации. Во такви случаи, инспекциските служби издале четири решенија за повлекување на пакетчињата од промет, додека двајца оператори добиле решенија за поставување на исправни збирни декларации на производите.

Според АХВ, ситуацијата годинава е значително подобрена во споредба со лани, кога инспекциите открија несоодветно означување на пакетчињата, производи со поминат рок на употреба и краток рок на трајност, како и производи со променети органолептички својства. Оваа година, пак, недоследностите се сведени на минимални и не претставуваат ризик за здравјето на децата.

Агенцијата најавува дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се обезбеди безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Магла и блокади: Сообраќајот на регионалниот пат Берово–Струмица целосно запрен поради најавен собир

АМСМ известува дека поради појава на магла, видливоста на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија е намалена на само 50 до 60 метри. Возачите се предупредуваат да возат со зголемено внимание и да ги прилагодат брзината на условите на патот.

Жителите на село Двориште најавија јавен собир на регионалниот пат П-1302 (Берово – Струмица), на местото познато како „Студенец“, утре, на 19.12.2025 година во 10.00 часот. Се очекува патот да биде целосно блокиран, па возачите кои патуваат по правецот Струмица – Берово се советуваат да користат алтернативни патни правци.

На државните патишта се вози непречено, со релативно посуви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, што овозможува непречено движење за патниците.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг