Македонија
По трагедијата во Кочани, Собранието без пратенички прашања – пауза од две недели
Аргументите Собранието да не работи и неделава биле дека пратеничките прашања може само дополнително да ја зовријат атмосферата, која, според нив, некои партии веќе ја злоупотребуваат и дека тоа во моментов најмалку ни е потребно.
Двојните пратенички прашања ја одложија работата на Собранието за уште една недела, зашто претседателот на парламентот Африм Гаши, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи се договориле подобро да не работат отколку дополнително да креваат тензии и да го доурнисаат рејтингот на Собранието по трагедијата во Кочани каде што во дискотеката „Пулс“ животот го изгубија 59 млади. Собранието ја прекина работата минатата недела кога беше прогласена седумдневна жалост. Според договорот, пратениците на работа ќе се појават следната недела.
Според брифинзи од Собранието, на координацијата, претседателот, потпретседателите и шефовите на парламентарните групи не се усогласиле колку пари да издвојат за семејствата на настраданите во Кочани и одлучиле секој да донира на сметката на Црвениот крст по свое наоѓање и од тоа да не прават помпа во јавноста.
На координацијата, според брифинзите, Гаши го отворил прашањето како ќе работат неделава откако поминаа деновите на жалост, по што властапредложила да нема седница за опозициски пратенички прашања, која требаше да се одржи минатата недела. В четврток е и редовната седница за пратенички прашања. На ова реагирале од Левица дека Собранието треба да работи и ако нема седници за пратенички прашања, тогаш да нема седници ниту за закони. По ова, ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ, СДСМ и Левица се договориле Собранието да го стават на пауза и неделава. На координацијата не присуствувал само шефот на пратеничката група на Европскиот фронт.
Аргументите на власта Собранието да не работи и неделава биле дека пратеничките прашања може само дополнително да ја зовријат атмосферата, која, според нив, некои партии веќе ја злоупотребуваат и дека тоа во моментов најмалку ни е потребно. Да не се даде простор за каква било злоупотреба на трагедијата од Кочани и да се заштитат семејствата и роднините на настраданите. Дека на пратеничките прашања многу лесно може да се „излезе од контрола“, да паднат обвинувања и кавги меѓу пратениците, ситуации на набој и наелектризирана атмосфера, на која Собранието во минатото посведочило. Не помогнале ни ветувањата на претставникот на Левица дека пратеничките прашања нема да ги злоупотребат, дека ќе бидат културни, ќе нема довикувања, погрдни зборови… Аргументите на власта биле да не се дозволи повторно пратениците, односно Собранието, да е највиновно за сè. Опозицискиот СДСМ се согласил со власта.
Од Европскиот фронт, пак, како и Левица, сметаат дека парламентот неделава треба да продолжи со работа и да се одржат двете седници за пратенички прашања. Според Европскиот фронт, деновите на жалост поминале и Собранието, како и другите институции, треба да даде придонес во расветлувањето на големата трагедија. Но, координаторот на Европскиот фронт не бил на состанокот кај Гаши за да го каже тоа, а од Левица велат дека не добиле поддршка Собранието да работи и единствено за што се избориле е да нема седници ни за закони. На координацијата било договорено следната недела, на собраниската седница в среда, да има опозициски пратенички прашања, додека редовните пратенички прашања ќе ја чекаат последната недела од април.
Собранието и официјално соопшти дека ги откажува сите активности неделава.
„Собранието на Република Северна Македонија ги откажува сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари поради трагедијата во Кочани“, соопшти собраниската прес-служба.
Одлуката била донесена на координацијата одржана во Собранието на која присуствувале претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието.
– Присутните консензуално се согласија дека имајќи ги предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица вклучително и брифинг со новинари – се вели во соопштението.
Пратениците, иако се претставници на народот, јавно не им се обратија со поддршка и утеха на семејствата на настраданите, освен преку социјалните мрежи.
Пратениците не се договориле како колектив по колку пари да донираат за семејствата на загинатите и за настраданите од дискотеката во Кочани. Имало предлози секој пратеник да издвои по една плата, една дневница, но заклучокот бил дека колку ѝ да донираат е малку и затоа пратениците сами да одлучат колку пари ќе уплатат на сметката на Црвениот крст. Пратениците се договориле да не информираат дека донирале пари, односно од чинот на хуманоста да не прават публицитет. Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ уште викендов преку Фејсбук информира дека донирале пари.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ја покажува својата безрезервна поддршка за нашите сограѓани во најтешките моменти. Сите пратеници донираа парични средства на сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст на РМ, со цел да помогнат на настраданите граѓани во пожарот во Кочани. Оваа донација е израз на нашата посветеност кон народот и вербата дека само заедно можеме да ги надминеме предизвиците. Ги повикуваме сите што се во можност да се приклучат во духот на хуманоста и солидарноста“, објави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Еве кога ќе профункционираат камерите во сите градови од Македонија
Се надевам дека до јуни-јули идната година ќе го имплементираме „Безбеден град“ на целата територија на државата, а сигурен сум дека до крај на 2026 година ќе го имплементираме во секој еден град како паметен систем. Македонските граѓани заслужуваат и во Тетово, и во Скопје, но и во Берово, Делчево, Струга и во Охрид да имплементираме едно паметно решение кое би требало да ја следи европската стратегија на „нула жртви“, односно таа стратегија до 2050 година да немаме човечки жртви како последица непочитување на сообраќајни правила, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во одговор на новинарско прашање на денешната промоција на фотоволтаична централа поставена на Центарот за обука на МВР, донација на ОКТА и притоа потсети дека тест периодот за регистрирањ ена прекршоци од системот „Бебеден град“ важи до 1 февруари идната година.
Според Тошковски, ова е само еден дел од чекорите коишто треба да се преземат, но и во овој краток временски период, во рамки на тест периодот, првичните информации се дека навистина македонските граѓани поинаку се однесуваат кога управуваат моторно возило отколку порано.
‒бвИ многу ми е мило што бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и генерално бројот на сообраќајни несреќи, таму каде што овој проект го имлементираме, се намалува. Тоа е многу битно. Прва и најголема цел, јас би рекол и последна цел на имплементацијата на овој систем, е спасување барем еден човечки живот повеќе од претходно. Така што, резултатите коишто треба да ги даде „Безбеден град“ се навистина многу големи, потенцираше министерот Тошковски.
Додаде дека никој нема да биде изземен од „Безбеден град“, освен возилата на полицијата кога преземаат дејства, итната медицинска помош и возилата на против пожарните единици. Притоа го спомна неговиот личен пример кога добил опомена за сторен сообраќаен прекршок и тоа го споделил јавно.
На новинарско прашање за отворањето на средното полициско училиште по 25 години, Тошковски истакна дека упатува голема благодарност до македонското Собрание затоа што поддржало закон којшто ќе овозможи следење на светските трендови и текови.
‒ За жал, 25 години во Македонија нема средно полициско училиште. За среќа се уште имаме кадри кои биле создадени пред 25 години во рамки на тогашното средно полициско училиште кои што се потпора и темел со најпрофесионална емпирија во рамки на своите знаења, луѓе кои се уште ги имаме во Министерството. Со овој закон овозможуваме враќање на категоријата професионален полицаец којшто по завршување на средно образование ќе може да одговори дека е полицаец со завршено средно полициско училиште. Навистина ова е револуционорен проект во делот на враќање на професионалните капацитети, особено во рамки во образовниот процес кој е креиран со професионалци во рамки на полицијата, подвлече министерот за внатрешни работи.
Тошковски е убеден дека во рамки на сегашниот Центар за обука, во иднина Полициска академија, земјава за две и пол години отсега ќе ја има првата генерација, затоа што ова средно полицискко училиште ќе се однесува на трета и четврта година од средното образование.
‒ Еве, ги повикувам сите заинтересирани ученици од втора година без оглед во кое средно училиште се запишани, доколку имаат желба да станат полициски службеници, доколку си ја сакаат државата, да расмислат да се запишат од 1 септември, идната година во средно полициско училиште кое го враќаме во Република Македонија, рече Тошковски.
Во одговор на друго новинарско прашање дали има доволен број на полициски службеници, министерот рече дека државата има доволен број полициски службеници, а проблемот на невидливоста, проблем кој го чувствува секој еден граѓанин од неприсутност на полицијата не е заради бројката, туку континуираното долгогодишно нефункционално менаџирање со кадрите во рамки на Министерството.
-Заради тоа, измените на законите беа едни од круцијалните чекори кои мораме да ги направиме ако сакаме да се реорганизираме како Министерство. Тоа е направено. Во овој период работиме на нова систематизација во МВР што ќе биде предложена до Владата и ќе биде усвоена од страна на Владата за од почетокот на мај 2026 година да почнеме со новата организирана структура во рамки на МВР, посочи Тошковски.
Најави дека огоромен дел од полицајците во иднина ќе бидат во униформа. Тој смета дека покрај полициските службеници кои се во униформа и други служби како крим полицијата и припадници од Одделот за заштита и обезбедување на вип личности и објекти ќе бидат униформирани.
Во иднина, како што рече, најавува видливост на полицијата, зашто огромен дел од овие служби кои не биле униформирани, сега ќе бидат униформирани и ќе бидат на терен.
Според министерот Тошковски, целта е да се создаде оперативна и ефикасна служба во рамки на МВР која ќе биде видлива за граѓаните, бидејќи со присуство на полицијата на терен, со присуство на полициските службеници меѓу граѓани ќе се поткрене безбедносната состојба во државата и позитивната перцепција на граѓаните.
Македонија
Со три забрани за возење – „збогум“ на возачката
Пратениците ги изгласаа законите потребни за целосно да профункционира системот безбеден град: Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот. Останува да ги доусвојат уште измените во Законот за прекршоци, кој е во второ читање.
Покрај тоа, предложени се и измени во Кривичниот законик за да се усогласат со пакетот закони поврзани со системот „Safe city.“
Законските измени детално ја уредуваат целата постапка – од констатирањето на прекршокот, до изрекувањето на најстрогите мерки, а доуредуваат и други прашања.
Возачите што трипати ќе добијат забрана за возење, ќе останат без возачка дозвола.
Македонија
Обвинени директор и управител: Комунален отпад ја загрозувал животната средина во Скопје
По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.
Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.
Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.
Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.
Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.
Трендинг
-
Црна Хроника5 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника5 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника3 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника6 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република3 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника3 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Црна Хроника6 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Македонија3 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците















