Connect with us

Македонија

Кога ДУИ го критикува правосудниот систем што сам го градел 22 години!

Автор : Насер Селмани поранешен претседател на ЗНМ

Велат дека божицата на правдата, Јустиција, е слепа кога ја дели правдата, но раководството на ДУИ ослепува кога истражните органи изразуваат сомнежи за поранешните функционери на оваа партија во врска со можни злоупотреби за време на нивното речиси четврт-вековно владеење. Хистерична беше реакцијата на ДУИ за едномесечен притвор за поранешниот министер Крешник Бектеши поради сомневањата дека тој како највисок раководител на институцијата е можно да има одговорност за трагедијата во Кочани.

Ваквата бурна реакција на ДУИ можеби би била разбирлива за албанската јавност во Северна Македонија доколку во минатото ДУИ со истата жестина реагираше против селективната правда, кога обични Албанци беа изложени на монтирани судски процеси за време на коалицијата со Груевски. Но тогаш, ДУИ молчеше, а во некои случаи дури и ги поддржуваше казнените акции на режимот против Албанците, тврдејќи дека правосудството е независно и дека политиката не треба да се меша во неговата работа.

На Албанците добро им е позната скандалозната изјава на Бујар Османи во случајот „Монструм“, кога сè уште во фаза на истрага шпекулираше дека еден од обвинетите ја признал вината.
ДУИ нема причина да биде толку гласна во овој случај, бидејќи притворот за Крешник Бектеши го побара Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое го предводи обвинителот Ислам Абази – еден од најдоверливите луѓе на семејството Ахмети и кланот од Кичево во рамките на ДУИ. Ако обвинителството на Абази донело одлука за притвор, тоа значи дека има основан сомнеж дека Бектеши можел да ја напушти земјата, имајќи ја предвид праксата на други поранешни функционери на ДУИ кои не собраа храброст да се соочат со правдата и побегнаа. Во овој случај, најголемата штета на Крешник му направија неговите сопартијци Артан Груби и Прпарим Бајрами, кои побегнаа веднаш штом дознаа дека се осомничени за разни злоупотреби на службената должност.

Покрај ризикот од бегство, Обвинителството на Абази, со одлуката за притвор, спречува и можноста осомничениот да влијае на сведоците, имајќи предвид дека дозволата за работа на објектот во Кочани била фалсификувана. Добро е познато дека кога објектот не ги исполнува условите за добивање на легална лиценца, се нуди поткуп и за добивање фиктивна дозвола.
Ако Крешник не ја потпишал лиценцата и не е вмешан во корупција, нема причина за загриженост, бидејќи ниту еден суд нема да може да го осуди.

Сепак, една работа е симптоматична – Крешник Бектеши го бранат адвокати кои во минатото го бранеле Драган Павловиќ Латас (адвокатката Анита Бегова) и активно барале амнестија за осудените за настаните од 27 април 2017 година (адвокатот Еленко Миланов).
Овој факт отвора сомнежи дека врските на ДУИ со поранешниот режим на Груевски сè уште се силни.

Самиот факт што Бектеши го бранат адвокати блиски до поранешната власт на Груевски ја урива тезата на ДУИ дека станува збор за политички реваншизам со етничка компонента. Од вкупно 34 уапсени во случајот „Кочани“, само тројца се Албанци.

Како и да е, коалицијата ВЛЕН нема луксуз да калкулира во овие околности. Мора да покаже непоколеблива решителност и да стои цврсто на страната на мнозинството Албанци, кои се жедни за правда – било за случаите како пожарот во модуларната болница во Тетово, Дурмо Турс во Ласкарце, Беса Транс и многу други. Не помина многу време кога, во случајот со модуларната болница, ДУИ беше таа која, со помош на полицијата и обвинителството, го задуши протестот на Албанците кои бараа само ПРАВДА. Кога би постоела правда, можеби трагедијата во Кочани ќе беше спречена.

ВЛЕН треба да биде во првите редови на сите граѓански иницијативи кои повикуваат на владеење на правото, неселективна правда и борба против корупција без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
За време на своето 22-годишно владеење, ДУИ покажа дека не се грижи за никого, освен за својата политичка секта. Тие не се плашат од селективна правда, бидејќи самите ја создадоа. Се плашат само од сопствените дела што ги оставиле зад себе.

А за нивните дела сведочат и САД, кои избраникот на Али Ахмети, Артан Груби, го ставија на црната листа поради сомневања за вмешаност во висока корупција.

Advertisement

Македонија

МВР со известување до граѓаните за „Безбеден град“

Ги известуваме граѓаните дека од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци. Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.

Исто така, граѓаните по електронска пошта на bezbedengrad@moi.gov.mk ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните.

Continue Reading

Македонија

Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на граничниот премин Ќафасан, спречија увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак без коска поради неисполнување на условите за увоз. Пратката со 2167 пакувања по 12 килограми замрзнато пилешко месо, по донесеното Решение за забрана за увоз од официјалните ветеринари на АХВ, вратена е во земјата извозник – Бразил.

Забраната за увоз е изречена бидејќи пратката била во спротивност со донесеното решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип) според кое, забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.

Continue Reading

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг