Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, издал доверливи упатства кои ја преместуваат воената стратегија на САД кон спречување на кинески напад на Тајван и зајакнување на одбраната на матичната територија, со преземање ризици во Европа и други делови на светот. Документот има јасно влијание од Фондацијата Херитиџ, чии делови се директно пренесени, пишува Вашингтон пост.
Документот, кој Вашингтон пост го има разгледано, е означен како „тајно/без пристап на странски државјани“ и бил дистрибуиран низ Пентагон во средината на март со потпис на Хегсет. Во него се изложува стратегијата на претседателот Доналд Трамп за подготовка на војна со Кина и за одбрана на американските интереси во соседството, вклучувајќи ги Гренланд и Панамскиот канал. Документот исто така ја повикува војската да се вклучи во борбата против нелегалната миграција и шверцот со дрога.
Во разлика од стратегијата на претходните администрации, кои ги сметаа Кина и Русија за најголеми закани, Хегсет нагласува само едно сценарио: спречување на кинески напад на Тајван. Сè друго е второстепено.
Пентагон, како што се наведува, ќе преземе ризик во други области поради ограничените ресурси и ќе врши притисок врз сојузниците во Европа, Блискиот Исток и Источна Азија да ја засилат својата одбрана, особено против заканите од Русија, Северна Кореја и Иран. За Европа, Хегсет бара сојузниците да преземат поголем дел од воениот товар. САД нема да испраќаат поголеми воени сили во Европа, бидејќи се приоритетни сосем други региони.
Документот признава дека е малку веројатно дека САД ќе пружат значителна помош на Европа ако Русија започне воена офанзива. Наместо тоа, САД ќе се потпрат на НАТО сојузниците да ја водат одбраната. Планирано е Пентагон да се концентрира на една главна војна – таа со Кина, додека одбраната против Русија ќе ја остави на европските сојузници.
Во документот се наведува и дека терористичките операции ќе се фокусираат само на групи кои директно ја загрозуваат безбедноста на САД. Милитантите кои дејствуваат само регионално веќе нема да бидат приоритет.
Хегсет исто така бара повлекување од повеќе глобални региони, вклучувајќи го Блискиот Исток. Сепак, американската влада продолжува со напади на хутите во Јемен и со притисок врз Иран, што предизвикува контрадикции и критики од Конгресот.
Документот има извадоци кои се слични на извештајот на Фондацијата Херитиџ од август 2024 година. Тие наводно ги поставуваат трите главни приоритети: спречување на кинеска инвазија на Тајван, одбрана на САД и поголем придонес на сојузниците. За Пацификот се планира јакнење на военото присуство со подморници, бомбардери и специјализирани единици.
Документот се повикува и на заштита на американските интереси во региони како Гренланд и Панамскиот канал, и бара проширување на американскиот нуклеарен арсенал и системите за одбрана од проектили. Пентагон и Фондацијата Херитиџ не го коментираа документот.