Connect with us

Македонија

Николоски: Отвораме нова авионска линија Скопје – Париз, директна поврзаност меѓу двата града

Од денеска, Скопје официјално се поврзува со Париз преку новата авиолинија Скопје – Париз. Утрово на Меѓународниот аеродром во Скопје беше реализиран првиот лет од Париз, од аеродромот Орли до Скопје, операиран од авиокомпанијата Изиџет.

Линијата ќе се реализира два пати неделно и е воведена благодарение на финансиската поддршка од Владата преку Министерството за транспорт, во рамките на Програмата за воведување нови дестинации.

Според договорот, авиокомпанијата Изиџет ќе ја оперира оваа линија од денеска, 2 април, до 31 декември 2027 година, со однапред утврден ред на летови.

„Ова е уште една можност за подобра комуникација и поврзување на Македонија со европските земји и европските метрополи. Париз е атрактивна дестинација за патување, но уште поважно е што ќе носиме туристи во Македонија. Како Влада, создадовме услови кои привлекоа нови авиокомпании, а резултатите веќе се видливи. За краток период воведовме осум нови дестинации од аеродромот во Скопје и две од аеродромот во Охрид. Го променивме моделот на субвенционирање и наместо да се даваат субвенции за заминување, сега даваме финансиска поддршка за патници во доаѓање. Целта ни е што повеќе луѓе да доаѓаат во Македонија, што ќе им овозможи да користат и други услуги во земјата. Оваа стратегија дава конкретни резултати и веќе преговараме со нови авиокомпании за нови дестинации“, изјави вицепремиерот Александар Николоски.

Линијата Скопје-Париз е дел од договорот за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, кој го реализира Министерството за транспорт преку јавен повик за субвенционирање.

Покрај Париз, од Скопје ќе се воведат и нови линии кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, додека од Охрид ќе бидат воведени линии кон Истанбул и Басел.

Според Програмата за финансиска поддршка за 2025-2027 година, донесена од Владата, предвидени се 360 милиони денари за субвенции за воведување нови авиолинии.

Целта на оваа Програма е да се унапреди авиосообраќајот, да се обезбедат нови дестинации со поволни услови за патување за граѓаните и да се развие цивилното воздухопловство.

Advertisement

Македонија

Наставници без факултет предавале во Ростуше, Велебрдо и Требиште

nastavnik

Гостиварската полиција поднесе кривична пријава против 64-годишниот А.С. од село Ростуше, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Како директор на основно училиште во своето село, тој, според истрагата, овозможил вработување на наставници без потребните квалификации.

Според Државниот просветен инспекторат, кој на 19 септември 2025 година извршил инспекциски надзор, настава на учениците во Ростуше, Велебрдо и Требиште предавале лица кои не ги поседувале законски утврдените студиски квалификации. Ова, според законот за наставници и стручни соработници, ги прави неспособни да извршуваат наставни обврски.

Обвинението тврди дека директорот намерно ги злоупотребил своите овластувања, дозволувајќи на нестручен кадар да работи со ученици, што претставува сериозно кривично дело и може да има долгорочни последици врз образовниот процес во овие села.

Continue Reading

Македонија

Дали навистина цијанид ги однел животите? Родителите се сомневаат, обвинителството тврди: нема причина за нова обдукција

Смртта на децата загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува да буди сомнежи и прашања кај семејствата на жртвите. Родителите тврдат дека обдукцискиот извештај, кој го утврдува јаглеродниот моноксид како причина за смртта, не е доволен и отворен е простор за дополнително, независно вештачење. Особено, тие се сомневаат дека цијанидот ослободен при согорување на токсичните материјали во таванот можеби бил клучниот фактор за брзата смрт на нивните деца.

„Цијанидот е можен, но нема анализи. Има сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, а тоа го остава прашањето за вистинската причина за смртта на нашите најмили отворено“, вели Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.

Според него, иако обдукцискиот наод утврдил присуство на јаглероден моноксид, останатите токсиколошки анализи се уште не се доставени до семејствата. „Дали е направена конкретна анализа за цијанид и други отровни гасови во телата? Обдукцискиот извештај го остава тоа неодговорено“, додава Наунов.

Од Основното јавно обвинителство, сепак, велат дека нема причина за дополнителна обдукција или ексхумација. Според нив, вештачењата на Институтот за хемија и МВР-ОФИ веќе потврдија веројатност за ослободување на цијанидни гасови при согорувањето на материјалите во клубот. Исто така, судската медицина утврдила дека дополнителна кислородна или друга терапија немала да го промени исходот, бидејќи покрај јаглеродниот моноксид, кај жртвите биле присутни и цијаниди и термички оштетувања на дишните патишта.

Сепак, семејствата остануваат незадоволни. „Имаме три неспорни факти: ослободување на цијанидни гасови, обдукциски наод кој наведува само јаглероден моноксид како причина, и признавање дека останатите токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Без тие податоци, не можеме со сигурност да тврдиме дека причината за смртта е точно утврдена“, изјави Наунов.

Обвинителството, од своја страна, потенцира дека материјалите кои произведувале отровни гасови биле вградени уште од отворањето на клубот во 2012 година, а тоа влијаело врз определувањето на обвинителниот акт и опсегот на обвинетите.

Судењето продолжи со воведните зборови на обвинетиот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, Александар Нацев. Тој тврди дека е жртва на медиумски линч и обвинувања, а дека државните органи за превенција и надзор се тие кои носат главна одговорност. „Дури и Орвел би позавидел на оваа конструкција“, рече Нацев, алудирајќи на, како што вели, политизирано префрлање на вината.

Во следните фази од судењето се очекува испрашување на сведоци и детално разјаснување на околностите на трагедијата, кои семејствата ги сметаат за неодговорени и клучни за воспоставување на вистината.

Continue Reading

Македонија

Мицкоски му одговори на Филипче: Катаклизма е само комплимент за хаосот што како власт го оставивте во енергетиката

Премиерот Христјан Мицкоски жестоко одговори на пратеничкото прашање на Венко Филипче за состојбата во енергетскиот сектор и причините за поскапувањето на струјата. Според него, она што владата го наследила од претходната власт било стабилно и здраво, додека денешната ситуација е „катаклизма“.

„Во август 2017 година, ЕЛЕМ имаше нула долгови, 25 милиони евра депозити, милијарда и пол денари и приближно 380 милиони денари на сметка. Сите плати беа исплатени, блоковите работеа, а компанијата беше финансиски стабилна. Денес, во август 2024, состојбата е шокантна: само 7% акумулации на електрична енергија, нула откривка во РЕК Битола, неремонтирани блокови во Битола и Осломеј, а долговите достигнуваат 150 милиони евра. Ако тоа е напредок, тогаш катаклизма е премногу благ опис“, изјави Мицкоски.

Премиерот го отфрли и одговорот за поскапувањето на струјата, препраќајќи го Филипче кон Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која е независно тело. „Зошто поскапување на струјата? Ова прашање можеби најдобро ќе го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски, брат на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. По закон, РКЕ е независна. Не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање“, рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањата дека ништо не е направено во енергетскиот сектор измината година ипол, Мицкоски потсети дека над 50 лица се под истрага или водат судски процеси за уништување на она што било оставено од претходната власт, а поранешниот директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ е во бегство.

„Дали зборувате за уништување на енергетските капацитети или за скандали поврзани со компании кои добивале ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа биле наградувани јавни личности со скапи возила? Сето тоа е дел од катастрофалната состојба во енергетскиот сектор“, нагласи Мицкоски.

Според него, одговорноста за моменталната ситуација лежи кај власта која управувала со секторот, додека поранешната ВМРО-ДПМНЕ влада оставила стабилна и финансиски здрава компанија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг