Connect with us

Република

КОЊАНОВСКИ ЗА ТОА КАКО СЕ ТРОШЕЛО ВО МИНАТОТО, А КАКО СЕГА

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот, говореше за состојбата на јавните претпријатија во Битола, нагласувајќи дека Битола е во вистински инфраструктурен раст.

„Денес, кога на дневен ред се наоѓаат завршните сметки за финансиското работење на јавните претпријатија, пред да навлеземе во анализа на бројките, сакам да потенцирам, дека во овој период 2021 – 2025, работењето на јавните претпријатија е со значително зголемен обем, со видливи проекти, намален број на вработени и без нови кредитни задолжувања.

Деновиве, од страна на некои политички субјекти, популарно е да се зборува дека „Битола е во стечај“, ставајќи акцент на финансиските извештаи на јавните претпријатија. Но, тука сум да ве уверам дека: Битола е во вистински инфраструктурен раст, за што потврда се бројните инфраструктурни, капитални и други проекти, во чија реализација се вклучени токму нашите јавни претпријатија. Еден од тие проекти започнува и денес, конкретно проектот за реконструкцијата на улицата „11 Март“.

Денес кога можеме да се пофалиме со успешно отпочнување на процесот на електронско аплицирање за субвенционирање за дограма и реално спроведување на дигитализација, за жал сеуште мораме да зборуваме и за канализација, во која на многу локации со децении не беше инвестирано.

На минатата седница, споменав, а денес сакам да повторам дека, Општина Битола, во делот на капиталните расходи, има значително зголемен процент на реализација, во споредба со периодот од 2018 до 2021, кога реализацијата била од 38,17% до максимум 64,21%, а во последните 3 години се движи од 71,52% до максимум 77,38% а за 2024 овој процент изнесува 72,75 %.

Тука повторно ќе споменам дека, реализацијата на проектите на општината, активно ги вклучува нашите јавни претпријатија, кај кои наскоро добрата организација и проектите кои ќе следуваат, ќе имаат позитивно влијание врз финансиската состојба на претпријатијата.

Тоа што е најважно е дека во овој момент претпријатијата немаат непродуктивни трошоци, имаат значително намалување на трошоците за репрезентација и зголемување на трошоците за плати за вработените, а притоа цените на услугите за граѓаните остануваат непроменети, кај некои претпријатија, веќе 30 години.

Таква е ситуацијата со Јавното претпријатие „Комуналец“, за кое алармиравме од првиот ден на нашето доаѓање како локална самоуправа и затекнатиот кредит од 20 милиони денари од кои немаше ни една уплата и во период од две години целосно е затворен, што се одрази на финансиското работење на претпријатието и покрај зголемувањето на наплатата кај физички и правни лица, кои со години не плаќале, но и намалување на трошоците за спонзорства и репрезентации, кои се намалени за 3 до 4 пати. Тоа значи дека, по основ на спонзорства и репрезентации, Комуналец потрошил во 2018 година, 3 милиони и 900 илјади денари, во 2019 – 4 милиони и 800 илјади денари, а минатата година потрошени се 1 милион и 300 илјади денари. Бројот на вработени во претпријатието во 2024 е за 30 вработени помал од тој во 2021, а ЈП Комуналец има проширена дејност на управување со прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“ и Стадионот „Петар Милошевски“. Тука би напоменал и дека годишно за плати и придонеси на вработените ЈП Комуналец во 2021 година исплатил 105 милиони, а во годината што измина 2024 – исплатил 171 милион денари, а ова е резулат на неколкукратното зголемување на платите на вработените во ова ЈП.

Кај ЈП „Нискоградба“, исто така намален е бројот на вработени, а со покачувањето на платите, зголемени се трошоците за плати, од околу 62.000.000 во 2021 на околу 85.000.000 во 2024, претпријатието минатата година не потрошило ниту денар за адвокатски услуги, а во 2019 тој трошок бил 326.444 денари, а истата година претпријатието потрошило и 785.968 денари за репрезентација, што е скоро 7 пати повеќе од средствата потрошени по овој основ минатата година, кои изнесуваат 109.717 денари.

Нема „да секнат ниту чешмите во Битола“, како што деновиве слушнавме одредени обиди за манипулирање на јавноста. Сегашната загуба на „Водовод“, изнесува онолку колку што чинеше целосно непотребната инвестиција на претпријатието започната во 2021 година за изградба на нова управна зграда, за што се потрошени повеќе од 60 милиони денари.

Освен оваа непотребна инвестиција, која мораше да се исплати, претпријатието денес има 22 вработени помалку од 2021 година, но зголемени трошоци за плати за 41 милион денари. Покрај ова, зголемени се трошоците на претпријатието за електрична енергија и сирова вода кон Стрежево, заради сушата минатото лето.

Трошоците за адвокатски услуги на претпријатието кои во периодот 2018 – 2021 година, изнесувале астрономски 8.757.753, во 2021 – 2024 година биле 2.660.479, а трошоците за репрезентација од 2.452.934 во периодот 2018 – 2021, во 2021 -2024 се намалени и изнесуваат 903.827 денари.

Накратко, денес зборуваме за одредени финансиски загуби, кои во голема мера се последица на непланското менаџирање со јавните претпријатија до 2021 година, за што т.н данок или долговите ги доисплативме сега, без да удриме врз џебот на граѓаните. Ниту кога дојдовме не сакавме да губиме време со обвинувачки прес конференции, ниту сега нема да го ставиме фокусот на тоа, затоа што за истраги постојат соодветни органи.

Ќе продолжиме со работа, затоа што пред нас за реализација се 16 нови проекти за кои се одобрени средства од Владата и двојно повеќе кои наскоро ќе бидат аплицирани и чија реализација ќе се врши заедно со јавните претпријатија“, нагласи градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред советниците во Советот на општина Битола.

Република

Уникатни подводни археолошки наоди откриени во Преспанско Езеро

Во Преспанско Езеро, во близина на селото Наколец, за првпат се реализирани подводни археолошки истражувања кои резултираа со откривање редок и исклучително добро зачуван органски материјал од средновековниот период. Истражувањата ги спроведоа НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамки на проектот ACT4PRESPA.

Во првите две фази од проектот, стручниот тим изврши рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што беа идентификувани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен за понатамошно истражување се издвоил локалитетот кај селото Наколец, каде што потоа биле спроведени и сондажни археолошки истражувања во два циклуси.

По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегле на копно, што овозможило детални археолошки истражувања. На локалитетот кај Наколец бил откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети.

Особено значајно е пронаоѓањето предмети изработени од органски материјали, како дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Според истражувачите, ваквите наоди се прв и засега единствен пример на сочувани органски предмети од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот се толкува и како прв познат пример на благороднички имот од XIV век во македонската археологија.

Истражувачите објаснуваат дека невообичаеното зачувување на органските материјали се должи на милта и тињата на езерото, кои создаваат средина без кислород и го спречуваат распаѓањето на предметите, овозможувајќи редок увид во животот на средновековните заедници во регионот.

Првичните анализи укажуваат дека жителите на средновековна Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што претставува изненадување со оглед на непосредната близина на езерото и фактот дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.

Continue Reading

Република

Утре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија

Поради планирани работи на електродистрибутивната мрежа, утре (16 декември 2025 година) без електрична енергија ќе останат делови од Тетово и три тетовски села.

Во периодот од 09:00 до 14:30 часот струја ќе немаат делови од селата Долно Палчиште и Мала Речица, додека во селото Камењане прекинот ќе трае од 09:00 до 14:00 часот.

Во град Тетово, планиран прекин на електричната енергија ќе има од 12:30 до 14:30 часот, и тоа кај објектите што се наоѓаат во близина на Стариот технички.

Од надлежните информираат дека прекините се поради редовно одржување на мрежата и апелираат на разбирање од граѓаните.

Continue Reading

Република

Проданоски: Празнична бајка на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“

На плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп денеска се одржа германски Божиќен базар, кој во празнична атмосфера обедини ученици, наставници, граѓани и гости од повеќе општини низ државата. Настанот беше исполнет со божиќни колачиња и переци, рачно изработени празнични украси, песни на германски јазик и креативни изведби на младите учесници.

Германскиот Божиќен базар беше организиран од Здружението на наставници по германски јазик, со поддршка од Гете-институтот од Скопје, Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија и Општина Прилеп. Голем интерес предизвика активното учество на ученици од основните и средните училишта во Прилеп, кои преку својата креативност придонесоа за автентична празнична атмосфера.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, што, според Проданоски, претставува значајна поддршка и потврда за важноста на ваквите културно-образовни иницијативи.

Проданоски истакна дека ваквите настани им овозможуваат на младите да се запознаат со други култури и традиции, да развиваат почит, толеранција и отвореност кон различностите – вредности кои се основа на современо и европско општество. Тој нагласи дека Прилеп уште еднаш се покажа како град кој ги негува културните настани, ги поддржува младите и живее со празничниот дух.

Упатени беа честитки до организаторите и благодарност до сите деца и млади учесници, кои со својот труд и ентузијазам го направија настанот посебен.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг