По вандалскиот чин со кражбата на бакарот на споменикот на децата бегалци во центарот на Скопје, Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и од премиерот Христијан Мицкоски бараат виновниците на овој чин да се пронајдат, а споменикот да се обнови.
На 9 април беше украден рељефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, откорнати се бронзените букви од натписот „Татковината копнеж на прогонетите“ и украдени се околу 10 метри метални цевки поставени во фонтаната која е дел од споменикот. Оштетени се и неколку мермерни плочи поставени околу споменикот.
Споменикот е симбол на голготата на Македонците протерани од родните огништа за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
Споменикот е дело на некогашните деца бегалци Насо Беќаровски кој е автор на бронзата „Мајка со три деца“, а Даница Павловска – Циги е архитектот на споменикот, кој беше отворен на 30 јуни 1988 година кога се одржа Првата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
Инаку, за споменикот во паркот Жена борец во центарот на Скопје не се гижи ниту една институција, освен Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
„Овој вандалозен чин погоди право во срцето на сите Македонци по потекло од Егејскиот дел на Македонија“, велат од здружението.
За архитектката ДаницаПавловска – Циги ова е вандалски и криминален чин, но „најстрашно е што речиси никој не реагира, а регуларно е пријавено во полиција. Убива таа рамнодушност! Спомен-белегот е композиција на монолит потопен во вода која од предната страна претставува мирно огледало, а од задната клокоти симболизирајќи живот. Во водата се огледува рељеф кој претставува мајка страдалник со своите три деца, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и најмилите, а всушност е реплика на еден инспиративен фото запис во уметничко дело на скулпторот Насо Беќаровски. Подоцна е додаден на задната страна на монолитот амблем и текст по избор на Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија“, напиша Павловска.
Таа потврди дека за ова меморијално дело не е одреден субјект кој ќе се грижи за него. ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје ја негува само цветната бордура на спомен-белегот затоа што целиот парк Жена борец е негова редовна програмска задача.
„Спротивно на знаењето не е незнаењето, туку рамнодушноста. Спротивно на убавината не е грдотијата, туку рамнодушноста! Спротивно на креативноста не е медиокритетот, туку рамнодушноста! Спротивно на животот не е смртта, туку рамнодушноста!“, реагира Павловска.
Реагирашеи здружението „Мирка Гинова“ од Штип, нарекувајќи го вандалскиот чин „насилство врз судбината на децата-бегалци и нашата колективна меморија“.
„На кого му пречи споменикот на децата бегалци? На кого му пречи споменот за 28.000 украдени детски животи? На кого му смета вистината за децата од Граѓанската војна во Грција, македонски деца, насилно одделени од своите мајки и татковци, без право на враќање, без право на сеќавање? Споменикот на децата бегалци не е само камен, тој е сведоштво за неправдата што никако не смееме да ја заборавиме. Секој вандалски чин кон овој споменик е обид да се избрише историјата, да се замолчи болката и да се ревидира вистината. Ова не е само уништување на спомен-обележје, ова е насилство врз нивната судбина, како и врз нашата колективна меморија. Бараме одговорност, бараме почит, бараме достоинство за децата кои никогаш не добија втора шанса“, велат од здружението.
Густа магла предизвика застој на скопскиот аеродром
Густата магла во скопската котлина денеска предизвика пореметување во авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје, при што неколку летови доцнат, а еден е откажан. Временските услови влијаат на слетувањата и полетувањата, информираат од аеродромот.
Најголемо доцнење е регистрирано кај летот на „Пегасус“ од Истанбул (Сабиха Гокчен), кој наместо во 09:55 ќе слета во 11:25 часот. Летот на „Виз Ер“ од Дортмунд ќе пристигне со половина час доцнење, додека летот на „АЏет“ од Истанбул, предвиден за пладне, е откажан. Летовите од Нирнберг, Фридрихсхафен и Виена засега се реализираат според распоредот.
Доцнења има и кај заминувањата. Летот на „Виз Ер“ за Париз (Бове), предвиден за 12:25, ќе полета во 13:00, а летот на „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул е одложен за 1 час и 20 минути, со полетување во 14:20. Аеродромот ги советува патниците редовно да ја следат официјалната веб-страница за најнови информации.
Меџити: Образованието на мајчин јазик е темел на еднаквост и соживот
Денеска беше одбележан Денот на турското образование, во организација на Основното училиште Тефејјуз, институција со долга традиција во образованието на мајчин јазик. Настанот беше посветен на значењето на турското образование во Северна Македонија, неговата улога во зачувувањето на културниот идентитет, како и на континуираниот придонес на турската заедница во образовниот и општествениот живот.
Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити истакна дека ваквите настани ја потврдуваат вредноста на образованието на мајчин јазик како клучен елемент за почит, еднаквост и соживот во мултиетничкото општество. Тој нагласи дека институционалната поддршка за образованието на мајчин јазик останува јасна и недвосмислена заложба.
Според Меџити, почитувањето и унапредувањето на образованието на мајчин јазик за сите заедници претставува основа за еднаквост, општествена кохезија и градење инклузивно општество во кое секој граѓанин има еднакви можности.
Активирани алармантни мерки во Скопје – газдите треба да ги ослободат од работа следниве категории на лица
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.
Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година).
Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место и деновите каде има појава на надминување на праг на алармирање.
Согласно настанатата состојба за мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат важат следните мерки:
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.