Connect with us

Македонија

ОВОЈ ВЕЛИГДЕН Е ПОРАЗЛИЧЕН Трагедијата во Кочани нѐ сплоти во тага за настраданите – да не ги заборавиме и оние кои се жртвуваа за да спасат туѓи животи

Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност, порача поглаварот г.г. Стефан во годинешното Велигденско послание.

Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него, порача архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

– Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие. Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене! Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“ – рече г.г. Стефан.

Чудесната вест, додаде тој, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи.

– А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот! Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите – рече поглаварот.

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи, додаде г.г. Стефан.

– Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност. И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели – рече г.г. Стефан.

Оваа година, додаде архиепископот, прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

– Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него! Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.  Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин! Честит Велигден! Христос воскресе! – рече поглаварот.

Advertisement

Македонија

Безбеден град: ЌЕ ИМА ВОЗИЛА ЗА ЧИИ РЕГИСТАРСКИ ТАБЛИЧКИ НЕМА ДА ИМА КАЗНИ

Системот „Безбеден град“ кој е во тест фаза пред да стартува на 1 јануари или еден месец подоцна, во моментов не ја дава можноста да се внесуваат броеви од регистарски таблици кои би биле изземени од генерирање на прекршочни казни. 

Секое возило кое ќе биде снимено дека ги прекршува законите и сообраќајните правила ќе добие соодветно известување за казна. Но, ова ќе се промени во иднина кога регистарските таблици на возилата со првенство на минување, како што се брза помош, пожарна и полициски возила ќе бидат внесени во системот и за нив нема да се процесираат казни. Во системот ќе има докази дека ги возилата со тие регистарски таблици ги прекршиле сообраќајните правила.

Во иднина, согласно позитивните законски прописи, односно од одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот и на патиштата, возилата со првенство на минување ќе се евидентираат во системот и за истите записите нема да се бришат. Тие ќе се чуваат во лог менаџмент“, вели Маја Арсовска Манов.

Но, ова го отвора прашањето од можни злоупотреби на оваа опција. Односно, вработени кои имаат пристап до системот, по нечија наредба или самоволно, да внесуваат регистарски таблици кои не се на возила со првенство на минување, односно на политичари, на влијателни лица, но и на свои пријатели и другари. Од МВР ветуваат дека ќе има контролни механизми.

Тоа се реформите кои во моментов се на сила, на кои се работи на нив. Меѓутоа, сепак Министерот за внатрешни работи ќе одлучи кои и во каков вид ќе се врши контролата. А контрола, секако дека ќе има. “, вели Маја Арсовска Манов.

Инаку, една од најголемите реакции на социјалните мрежи околу системот „Безбеден град“ е непостоењето на сообраќајна инфраструктура, пред се таканаречен „Зелен бран“. Тоа значи семафорите да се координираат така што зеленото светло се активира последователно, создавајќи „бран“ од зелени сигнали за возилата кои се движат со препорачана брзина, често од 40 до 50 километри на час во урбани услови. Ова го намалува метежот, штеди гориво и го подобрува протокот на главните сообраќајници.

Од Град Скопје, во чија надлежност е воспоставувањето на ваквиот систем, за ТВ21 велат дека.

Во Сообраќајниот центар при улици и патишта во моментов се работи на решение за повторно воведување на таканаречениот „Зелен бран“ во Скопје, кој ќе ги опфати најфреквентните улици во главниот град. Се очекува наскоро решение“ Во Скопје оваа опција со „Зелен бран“ постоеше пред десетина години, по што престана да функционира.

Continue Reading

Македонија

Граничниот премин Евзони повторно прооден – заврши блокадата, сообраќајот нормализиран

Сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) попладнево беше целосно одблокиран — од 15:00 часот движењето кон и од Грција се одвива непречено, информираат од Авто‑мото сојуз на Македонија (АМСМ).

Преходно, преминот беше блокиран од утринските часови, поради штрајк на грчки земјоделци, што предизвика привремено запрени граѓански и товарни возила.

Од АМСМ велат дека иако состојбата е нормализирана, останува можност граничниот премин повторно да биде затворен ако протестите продолжат.

За оние кои патуваат кон или од Грција — Евзони сега е прооден, но се препорачува да го следат сообраќајниот претпазливост и известувањата.

Товарниот сообраќај и автобусите сѐ уште треба да проверат дали ќе има дополнителни ограничувања во одредени премини.

Continue Reading

Македонија

243 нови содржини на македонски јазик на Викимедија МКД — Википедија збогатена со значајни статии

Во рамки на редовниот камп на Викимедија МКД, волонтери создадоа 243 нови содржини на македонски јазик за глобалната енциклопедија Wikipedia – потврди организацијата.

Кампот, кој се одржа на Попова Шапка, ги вклучи волонтерите во пишување енциклопедиски статии, дискусии и едукативни предавања. Како дел од активностите, експерти и координатори – меѓу кои м-р Ненад Шундовски, Орце Нинески, Лили Арсова, како и претседателот на Викимедија МКД – м-р Николче Стојаноски и извршната директорка Снежана Штрковска – одржаа предавања насочени кон насочување на учесниците и подобрување на нивниот придонес.

Како што посочи Викимедија МКД, целта на оваа иницијатива е не само да се збогати содржината на Википедија на македонски јазик, туку и да се поттикне активното учество на млади луѓе и ентузијасти во создавање и ширење на знаење достапно за сите.

Со оваа активност, Википедија на македонски јазик добива нови вредни содржини – што дополнително ја зајакнува нејзината улога како отворен и бесплатен извор на информации на мајчин јазик за граѓаните од целата држава.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг