Connect with us

Балкан

Хрватска воведува задолжителен воен рок – еве што ќе се случи доколку некој одбие

Хрватска повторно воведува задолжителен воен рок – првите регрути се очекуваат кон крајот на годината

Во Хрватска е во завршна фаза подготовката на законодавниот пакет кој ќе овозможи повторно воведување на задолжителното основно воено обучување. Според информации добиени од агенцијата Хина, нацрт-законот се очекува да биде претставен во јуни, а изгласан во Собранието до октомври годинава. Тоа значи дека првите регрути би можеле да започнат со обука во касарните во Книн, Слуњ и Пожега уште кон крајот на годинава или најдоцна на почетокот од следната.

Иако инфраструктурата за обука е веќе подготвена, за нејзина реализација неопходни се измени во Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили. Поголемиот дел од деталите е веќе усогласен, но се уште се финализираат одредби поврзани со цивилното служење за лица кои ќе се повикаат на приговор на службата.

Стратегија, план и законски измени

Овие активности се дел од пошироката стратегија за јакнење на одбранбениот систем, во чии рамки премиерот Андреј Пленковиќ неодамна одржа состанок со министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, како и со претставници на вооружените сили. Претседателот Зоран Милановиќ веќе ги добил нацрт-стратегијата за одбрана и Долгорочниот план за развој на вооружените сили, со предлог истите да бидат тема на следната седница на Советот за одбрана.

Планот предвидува јавна расправа за законските измени во јуни, прво читање пред летната пауза, второ во септември, и финално усвојување во октомври.

Услови и бенефиции за регрутите

Обуката ќе трае два месеца, за што секој регрут ќе добива месечен надомест од 1100 евра нето, со обезбедено сместување и храна. Важно е да се нагласи дека оваа обука ќе се смета како работен стаж и ќе биде призната како предност при вработување во државните и јавните служби.

Работниците кои ќе бидат повикани на служење нема да смеат да добијат отказ, додека студентите ќе можат да ја одложат обуката до крајот на студиите, но не подоцна од 29-годишна возраст.

Алтернативи за приговор

За оние кои ќе одбијат да служат војска од морални или етички причини, ќе бидат достапни две алтернативи:

Тримесечна обука преку системот за цивилна заштита, со активности во кризни ситуации како пожари, поплави или земјотреси.

Четиримесечна работа во локалната самоуправа, на комунални задачи, осум часа дневно.

Овие алтернативи ќе бидат финансиски помалку исплатливи од воената обука, а деталите се сè уште во доработка.

До 4000 регрути годишно

Државата планира да повикува по 800 регрути во пет различни циклуси во текот на годината, што значи дека годишно би биле опфатени до 4000 млади лица. Целта е да се зајакне националната безбедност, но и да се поттикне општествена одговорност и патриотизам кај младата генерација.

Advertisement

Балкан

Евзони под постојани блокади: Патувањето кон Грција неизвесно поради протестите на земјоделците

Граничниот премин Евзони повторно е затворен за сообраќај во одредени периоди од денот поради продолжените блокади на грчките земјоделци, што создава сериозни проблеми за патниците и транспортните компании. Како и во изминатите денови, така и денеска, во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, сообраќајот беше целосно во прекин за влез и излез од Грција кон нашата земја.

На грчката страна на границата веќе 19 дена се стационирани над 300 трактори на земјоделци од областа Пеонија и од градот Јаница. Блокадите се спроведуваат секојдневно, а во последните денови главно во попладневните часови. За време на четиричасовните блокади, сообраќајот е прекинат за сите видови возила – патнички и товарни, со исклучок на итни случаи.

Според грчките медиуми, блокади се најавени и на граничниот премин Ники (Меџитлија), каде што товарните возила нема да можат да сообраќаат во период од 19 до 23 часот по локално време, додека за автомобилите прекинот ќе трае два часа, од 20 до 22 часот. Слични ограничувања има и на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, како и Кипи кон Турција, каде што блокадите се однесуваат исклучиво на камионскиот сообраќај.

Протестите не се ограничени само на граничните премини. Во централна Грција, кај Лариса, земјоделците планираат повремено затворање на споредни улици, додека автопатот Солун–Атина е затворен веќе 20 дена. Кај Солун, блокадата која досега беше само во правец кон Атина, од денеска ќе се прошири и во спротивниот правец и ќе трае најмалку пет дена.

И покрај пораките од земјоделците дека не сакаат да им создаваат проблеми на граѓаните за време на божиќните празници, тие најавуваат продолжување и заострување на протестите. На последниот состанок, со учество на претставници од над 50 блокади низ цела Грција, одлучено е активностите да продолжат, а уште еднаш е одбиен повикот од грчката Влада за дијалог.

Протестите започнаа на 30 ноември со над 60 блокади низ државата. Земјоделците бараат итна исплата на сите заостанати долгови од државата, гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производните трошоци, надомест на загубите за 2025 година, како и запирање на масовниот увоз и лажното прикажување на странски производи како домашни. Дополнително, тие бараат двојно зголемување на земјоделските пензии и целосно расчистување на скандалот со европските земјоделски субвенции, со враќање на средствата кај вистинските корисници и утврдување политичка и кривична одговорност.

Иако министерот за земјоделство на Грција, Костас Циарас, најави можност за нови мерки и упати повик за дијалог, земјоделците засега остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.

Continue Reading

Балкан

Милијардите на зетот на Трамп се селат од Белград на остров во Албанија?

Проектот на Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, добил дозвола за изградба на островот Сазан во Албанија уште во декември 2024 година. Преддоговорот за закуп на островот е потпишан на 99 години, што му овозможува пристап до поранешната воена база на Енвер Хоџа.

Комплексот, со инвестиција над една милијарда долари, добил статус на „стратешки инвеститор под посебна постапка“, што значи дека државата Албанија ќе му помогне со добивање на дозволи и подготовка на земјиштето. Кушнер најавил дека проектот ќе вклучува луксузни објекти, но дел од островот ќе остане достапен за посетители. Албанскиот премиер Еди Рама го нарекол проектот „вода во пустина“, посочувајќи дека ќе донесе нов туристички живот.

Сепак, проектот предизвикува загриженост поради можни ризици од корупција и нетранспарентност. Економисти и познати публицисти во Албанија предупредуваат дека големите инвестиции во јавен имот без бизнис-план и студија за изводливост се алармантни.

Ситуацијата дополнително се комплицира со актуелните истраги на Специјалното обвинителство (СПАК) за корупција во Албанија, кои опфаќаат инфраструктурни проекти во Валона, вклучително и аеродромот кој треба да го користи идното одморалиште на Кушнер. Дел од соработниците на премиерот Еди Рама веќе се под обвинение, вклучувајќи ја и поранешната министерка за инфраструктура Белинда Балуку.

Медиумите како „Блумберг“ и „Гардијан“ истакнуваат дека инвестицијата би можела да предизвика политички тензија помеѓу администрацијата на Трамп и западните партнери, поради можен конфликт на интереси. Ричард Гренел, поранешниот специјален пратеник на Трамп, ја предложил инвестицијата, што се гледа како знак за политичка поддршка, но и потенцијален судир помеѓу дипломатијата и приватниот капитал.

Continue Reading

Балкан

Голема акција во Турција – Уапсени над 170 лица

Тој на социјалните мрежи информира дека осомничените се уапсени поради претходни активности во рамките на Исламска држава, како и финансирање на таа организација.

Јерликаја изјави дека операциите за апсење се спроведени во 32 провинции, во координација со државното обвинителство, генералниот директорат на разузнавачката служба и националната разузнавачка агенција, јави Анадолија.

– Продолжуваме со операциите, 365 дена во годината, со цел да обезбедиме мир и стабилност во секој регион на нашата земја, нагласи турскиот министер.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг