Економија
Со Законот за енергетика имаме темел за фер, ефикасен и европски усогласен енергетски систем“
Енергетиката е еден од клучните сектори во транзицијата кон одржлив развој и економска стабилност, особено во време на климатски предизвици и геополитички турбуленции. Во тој контекст, новиот Закон за енергетика претставува значаен реформски чекор за Северна Македонија.Министерството за енергетика најави дека законот не само што е усогласен со европската регулатива, туку е и внимателно приспособен на националниот контекст, со јасна цел – изградба на модерен, безбеден и праведен енергетски систем.За процесот на изработка, клучните новитети и предизвиците што следат, разговараме со министерката Сања Божиновска.

Како ја оценувате содржината и насоките на новиот Закон за енергетика?
Новиот Закон за енергетика претставува клучен чекор напред во усогласувањето на нашето законодавство со европските директиви и заложбите за енергетска транзиција. Овој закон не е само исполнување на обврска – тој е системска рамка со која се поставуваат темелите на еден модерен, транспарентен, недискриминаторен и фер енергетски систем. Почнувајќи од стандардите на Енергетската заедница, со ова законско решение во македонското законодавство се транспонираат најголемиот дел од директивите и регулативите на Европската Унија, што го отвора патот кон целосна интеграција на нашиот енергетски сектор во европскиот пазар.
Содржински, законот воведува јасни насоки за декарбонизација, дигитализација и децентрализација на енергетскиот систем. Тој го зајакнува фокусот на обновливите извори на енергија, воведува механизми за поддршка на енергетската ефикасност и обезбедува подобра заштита на потрошувачите, особено ранливите категории.
Истовремено со овој закон отвораме простор за поголеми инвестиции, поголема транспарентност на пазарот и зголемена конкуренција, што на долг рок ќе значи пониски трошоци и подобра сигурност во снабдувањето. Дополнително, тој поставува темели за развој на енергетските задруги и активните потрошувачи, што е важно за демократизација на енергетиката. Верувам дека ова законско решение е клучна алатка за изградба на одржлив, отпорен и инклузивен енергетски сектор.
Важно е да се нагласи дека законот е изработен исклучиво со домашни капацитети – без ангажман на странски консултанти, без шаблонско пренесување туѓи модели, туку преку динамичен, сеопфатен и консултативен процес кој покажа дека институциите и експертите дома имаат капацитет да испорачаат современо и функционално законско решение.

Дали законот е само усогласување со ЕУ или има и пошироко домашно значење?
Иако законот е усогласен со европското законодавство, односно го транспонира т.н. „Clean Energy Package“, неговото значење е многу пошироко и суштински поврзано со нашите домашни потреби. Македонија е дел од Енергетската заедница веќе 15 години и со години сме под притисок да ја модернизираме енергетската регулатива. Но, овој закон оди чекор понатаму од очекуваното.
Слободно можам да кажам дека ова е домашно, прецизно и амбициозно законско решение кое решава бројни недоречености и неусогласености што се влечеле со години.Тој одговара на реалните предизвици со кои се соочува македонскиот енергетски сектор и создава правна рамка за долгорочно планирање, модернизација на инфраструктурата, воведување дигитализација и нови технологии, зголемување на домашното производство од обновливи извори, зголемување на енергетската сигурност и заштита на потрошувачите, но исто така создава услови и за правна сигурност на инвеститорите.
Законот не е само формално приближување до ЕУ, туку алатка за внатрешна трансформација. Тој ги поттикнува инвестициите, ја стимулира конкурентноста и отвора можности за граѓаните и компаниите да станат активни учесници на енергетскиот пазар. На тој начин, придобивките ќе ги почувствуваат и граѓаните и економијата во целина.
Колку беше инклузивен процесот на подготовка на законот?
Процесот на подготовка на новиот Закон за енергетика беше длабоко инклузивен и транспарентен. Како Влада, а особено како Министерство за енергетика, ни беше многу важно новиот Закон да биде резултат на широк и инклузивен процес. Веруваме дека квалитетно законско решение може да се изгради само ако се слушнат сите страни.
Подготовката траеше повеќе од шест месеци, се одржаа 14 работни состаноци, на кои беа вклучени експерти, граѓански организации, претставници од здруженија, сојузи, институции како Регулаторната комисија за енергетика, ЕСМ, МЕПСО, ТЕ-ТО, НОМАГАС, ЕВН, МЕМО и други.
Ваквиот широк и отворен пристап гарантираше дека законот не е теоретски превод, туку документ кој одговара на конкретни слабости од досегашната пракса. Дополнително, нацрт-текстот беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), што овозможи јавна стручна дебата уште пред да започне владината постапка.
Секоја идеја која можеше да придонесе за подобра примена на законот беше сериозно земена предвид. Затоа, ова не е само закон подготвен во канцеларија – туку текст кој го градевме заедно, со сите засегнати страни, зашто само така ќе обезбедиме неговата успешна имплементација на терен.
Можам да кажам дека добивме позитивни реакции и од универзитетски професори, правници, регулатори и инвеститори. Препознаена беше суштината и посветеноста. Очекувам поддршката да продолжи и во собраниската постапка.
Кои делови од законот ги сметате за клучни новитети?
Новиот Закон за енергетика носи повеќе суштински новини кои отвораат нова страница за развојот на енергетскиот сектор во нашата држава. Новина е назначување на Номиниран оператор на организираниот пазар (НЕМO), со што за првпат се уредува номинирање на оператор кој ќе биде признаен во ЕУ и регионот, што овозможува поврзување со регионалните берзи и отворање кон реална конкуренција.
Законот дава можност за право на избор на снабдувач за секој потрошувач. Ова создава пазарна динамика и обврзува институциите да следат дали пазарот функционира во интерес на граѓаните.
За првпат воведуваме институционализирање на концептот на енергетска сиромаштија и предвидуваме законска методологија за мерење и механизми за заштита, вклучително и забрана за исклучување на ранливи категории.
Воспоставени се и правни основи за користење системи за складирање на енергија, вклучително и батериски системи, што е предуслов за зголемена интеграција на обновливи извори без загрозување на стабилноста на системот.
Значајна новина во Законот е и поддршката за електромобилност, со тоа што се предвидува развој на инфраструктура за полнење и третирање на транспортот како дел од енергетската транзиција.
Новото законско решение дава и рамка за енергетска ефикасност, агрегација и граѓански енергетски заедници со што се отвора простор за локално учество и иновативни бизнис модели.
И на крајот би го споменала преносот на сопственоста на МЕПСО. Во согласност со принципот на сопственичко раздвојување, МЕПСО од Министерството за транспорт преминува во сопственост на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини – во рок од 60 дена од влегување во сила на законот.
Како законот ги третира ранливите категории и енергетската сиромаштија?
Ранливите категории и справувањето со енергетската сиромаштија беа едни од најважните прашања при изработката на законот. Свесни сме дека енергетската транзиција не смее да ги остави најзагрозените зад себе. Затоа, новиот Закон за енергетика за првпат дефинира кој е ранлив потрошувач и се предвидуваат посебни мерки и инструменти за заштита на ранливите потрошувачи –подобар пристап до финансиска поддршка и обезбедување континуирано снабдување со енергија.
Тоа значи дека енергетската сиромаштија не е веќе маргинална тема, туку дел од енергетската регулатива.Ова е едно од најзначајните достигнувања на Законот – социјалната заштита не е повеќе оставена на ад-хок програми, туку е вградена во самиот систем. Со јасни дефиниции и методологија, институциите добиваат обврска да дејствуваат, а граѓаните добиваат предвидлива и континуирана поддршка.
Кои се потенцијалните предизвици во имплементацијата на законот?
Секој системски закон, особено од ваков обем, носи свои предизвици во имплементацијата. Кај новиот Закон за енергетика, имплементацијата ќе зависи од капацитетите на институциите, координацијата меѓу надлежните тела и брзината на донесување на подзаконските акти. Не помалку важна ќе биде и потребата од брза адаптација на енергетските компании и инвеститорите на новата регулаторна рамка.
Предизвик ќе биде и организацијата на новите тела, како НЕМO, и надзор над постојните субјекти. Има простор за загриженост дали сите учесници – особено помалите снабдувачи и локалните самоуправи – се подготвени да функционираат според новите правила. Но токму затоа е важно да се почне навреме и со јасен план за имплементација.
Исто така, ќе биде важно да обезбедиме континуирана едукација на граѓаните, особено за новите концепти како активен потрошувач и енергетски задруги, за да можат вистински да ги искористат новите можности.
Не помалку значаен предизвик е и обезбедувањето на финансиски средства, особено за социјално чувствителните мерки и за поддршка на проектите за енергетска ефикасност. Но веруваме дека со силна политичка волја, стручна поддршка и соработка со меѓународните партнери, овие предизвици ќе ги претвориме во можности за вистински напредок.
Како го гледате овој закон во контекст на енергетската транзиција?
Овој закон е сржта на нашата енергетска транзиција. Тој не е само законски текст, туку визија за иднината – за една модерна, зелена и праведна енергетика. Со него поставуваме темели за постепено напуштање на фосилните горива, зголемено користење на обновливи извори, дигитализација на мрежата и активно вклучување на граѓаните во производството и потрошувачката на енергија.
Законот создава услови за вистинска структурна промена, но и обезбедува правна и институционална стабилност, која е неопходна за да привлечеме инвестиции и европска поддршка. Во овој контекст, го гледам како мотор на транзицијата – но и како гаранција дека таа транзиција ќе биде фер, одржлива и инклузивна за сите. Секако, транзицијата нема да се случи преку ноќ, но без правна рамка во форма на закон, таа не може ни да почне.
Економија
Најбарани професии во ЕУ – продажба, маркетинг и производство
Според податоците на Евростат за минатата година, најголема незадоволена побарувачка за работна сила во Европската унија имало во професиите поврзани со продажба, маркетинг и производство. Ова укажува на можни тешкотии за работодавачите при регрутирање на персонал во овие сектори.
Според експерименталната статистика, составена делумно преку податоци од онлајн огласи за работа, највисоки стапки на слободни работни места биле забележани кај работници во производство и помошни канцелариски работници, со стапка од 7,3% секое. Следуваат други работници во продажба со 6,1% и уметнички, културни и кулинарски соработници со 6%.
Дополнително, околу 5,8% од непополнетите позиции се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери за малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на постројки и машини и 5% на инженерски професионалци, со исклучок на електротехничките профили.
Евростат истакнува дека иако здравствените работници и наставниците, како и други занимања во јавниот сектор, исто така може да се соочат со тешкотии при регрутирање, тие поретко се рекламираат онлајн, па затоа во податоците се рангирани пониско. Од друга страна, ИТ професиите може да бидат претставени со поголема застапеност во онлајн огласите за работа.
Економија
Хрватска ги менува правилата за странски работници – еве колку дозволи има за Македонците
Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегалните практики. Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени критериуми и барање за познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.
Граѓанин на трета земја, како Македонија, за прва дозвола за привремен престој ќе мора да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, познавањето на хрватскиот јазик се смета за основа за интеграција на странските работници, а државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици од Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците е слаб.
Хрватска годинава издаде над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се создадени 100.000 нови работни места, а бројот на невработени паднал на 81.000, што го покажува ефектот од активната политика за вработување.
Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во земјата моментално има околу 140.000 странски работници, а измените на законот ќе го намалат бројот на нови дозволи, додека ќе се зголеми значењето на оние кои веќе се наоѓаат во Хрватска.
Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, посочи дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 работници од странство поради планираниот раст и пензионирањата, бидејќи домашниот пазар не може да го задоволи овој раст.
Економија
Од вечерва нова цена на дизелот
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,60% во однос на одлуката од 18.12.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,631%, кај дизелот за 4,633%, кај екстра лесното масло за 3,987% и кај мазутот зголемувањето е за 0,223%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1645%.
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар);
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар);
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар);
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар);
– Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм).
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Трендинг
-
Црна Хроника5 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Република6 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Македонија5 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците
-
Црна Хроника4 days agoПолициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци
-
Црна Хроника6 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Црна Хроника2 days agoИнцидент на „Маршал Тито“ во Тетово: Уапсен 18-годишник поради агресивно однесување кон полицијата
-
Црна Хроника3 days agoТепачка пред казино во Тетовско
-
Црна Хроника5 days agoБрутален напад во Тетово: Маж претепан од четири лица на улица















