Connect with us

Македонија

[ФОТО] Достоинствено одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција

Достоинствено одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција

Денеска (07.05.2024) во Центарот за обука на МВР во Идризово се одржа централната манифестација по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев, раководството на министерството, министри и членови на дипломатскиот кор.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски го честиташе денот на македонската полиција на сите полициски службеници на македонската полиција и потсети на нејзината жива мисија – да биде штит на граѓаните, чувар на правдата и симбол на државноста.

„„Правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа,“ велат. Наша задача е да и ги отвориме очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари. И токму затоа, инвестираме и ќе продолжиме да инвестираме во вас – нашите полициски сили. Ќе вложуваме во технологија, опрема, обука, но и во достоинството што ви припаѓа. Вашата мисија е света – да чувате поредок, но и да вратите доверба кај народот.“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Директорот на БЈБ Александар Јанев во своето обраќање потенцираше дека верува во идејата дека полицијата е чуварот на државата, и дека униформата и значката што полициските службеници ја носат се симбол на гордост, чест и одговорност, а не на моќ.

„Во изминатите десетина месеци докажавме дека институцијата може да биде и праведна, и силна. Го засиливме оперативното работење, го зголемивме нашето присуство, воведовме нови оперативни модели на работа, ја започнавме новата ера преку дигиталната трансформација. Разбиени се криминални банди, нарко мрежи, терористички ќелии, расчистени се децениски нерасчистените убиства, откриени се злосторства поврзани со изнуди, нелегална трговија со луѓе, нелегални игри на среќа, злоупотреби во институции, фалсификувања на пари. Цврсто ја позиционираме македонската полиција на меѓународната мапа, ја издигнавме во искрен, рамноправен и силен партнер на агенциите за спроведување на законот од регионот, Европа и светот, преку заедничко и координирано работење придонесуваме за регионалната и глобалната безбедност.“, нагласи директорот Јанев.

Министерот Тошковски истакна дека да се биде полицаец не значи само да се носи униформа, да се биде полицаец значи да се биде првата линија на одбрана на татковината, гласот на правдата и штитот на обичниот човек.

„Современиот безбедносен контекст е сложен. Се соочуваме со нови форми на криминал, со регионални и глобални предизвици, со корупција, со миграциски притисоци, со растечки безбедносни ризици. Нашата улога денес е поодговорна од било кога.Во изминатиот период покажавме дека знаеме, можеме и мораме да постапуваме ефикасно и одлучно. Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за речиси пет проценти.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот продолжи со презентирање на резултатите на министерството во борба со сите видови криминал и корупција и приближување на услугите до граѓаните.

„Сузбивме четиринаесет организирани криминални групи, од кои најголемиот дел поврзани со трговија со дрога. Започнавме силна борба против корупцијата која целосно го разјадува општеството и се вгнездила во секоја негова пора. Во тој дел бележиме пораст на откривачката функција и тука беа сузбиени две организирани криминални групи со 26 члена од кои едната е од доменот на високата корупција. Во координирана акција, минатиот декември е разбиена една од најопасните поликриминални структури, чии членови учествувале во осум убиства и сериозни закани кон затворски службеници. И во првите месеци од оваа година продолжуваме со исто темпо. Неодамна беше поднесена кривична пријава за злоупотреби во системот за социјални и инвалидски права против четириесет и девет лица.“, беа дел од резултатите на полицијата на кои се осврна Тошковски.

Посебен акцент беше ставен и на трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, во кој МВР по сеопфатна истрага поднесе кривични пријави против седумдесет сторители, сторители, меѓу кои има актуелни и поранешни министри, градоначалници, раководители, полициски службеници и други носители на одговорност, без заштита, без селективност, без двоумење.

Тошковски на крај зборуваше и за постојаните реформи кои се случуваат во МВР, воведувањето нови услуги, набавките на нова опрема, нови униформи, нови возила, тенденцијата на зголемување на платите во полицијата, проектот „Безбеден град“ и отвореноста на полицијата како институција која чекори со граѓаните, рамо до рамо.

По воведните обраќања, од страна на раководството на МВР беа доделени плакети и благодарници на најдобрите полициски службеници од различни полициски организациони единици за промоција на професионализмот и реализирани оперативни активности, институции и дипломатски претставништва во државата.

По настанот, во текот на денот, а во чест на загинатите припадници на МВР, беше положено свежо цвеќе на повеќе локации: споменикот на загинатите припадници на МВР во кругот на МВР, споменикот на загинатите колеги во хеликоптерската несреќа во Базата „Брест”, споменикот на загинатите припадници од Единицата за брзо распоредување во касарната Ѓорче Петров, споменикот на загинатите припадници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарна Илинден, како и споменикот на загинатите бранители во паркот „Жена борец”.

Advertisement

Македонија

Македонија и Турција ја зајакнуваат соработката во образованието и науката со нов договор

makedonija turcija

Македонија и Турција отвораат ново поглавје во билатералната соработка во образованието, науката, технологијата и иновациите. Министрите за образование и наука, Весна Јаневска и Јусуф Текин, потпишаа договор со кој се зајакнува партнерството меѓу двете земји и се создава основа за интензивна размена на знаење, искуства и кадар.

Со договорот се предвидува размена на информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование, како и поттикнување на мобилноста на академици, образовни експерти, наставници и средношколци. Посебен акцент е ставен на средното, особено стручното образование, обуката и квалификациите на наставниот кадар, доживотното учење и реализацијата на заеднички образовни проекти.

Двете држави ќе разменуваат искуства и во примената на нови образовни технологии, како и во подготовката и унапредувањето на наставните планови и програми. Учениците ќе добијат можност да учествуваат на научни и културни натпревари што се организираат во Македонија и Турција, а ќе се поттикнува и развојот на заеднички образовни програми и збратимување на училишта.

Како дел од договорената соработка, во двете земји ќе се воведат изборни предмети „Јазикот и културата на Турците“, односно „Јазикот и културата на Македонците“, а предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.

За ефикасна примена на договорот ќе биде формирана заедничка работна група, која ќе го следи и координира спроведувањето на договорените активности.

Continue Reading

Македонија

Неработни денови и продолжени викенди во јануари 2026

Празничната атмосфера продолжува и во првиот месец од новата година, а јануари носи неколку неработни денови кои овозможуваат подолг одмор и полесно планирање на работните обврски.

Новата година започнува со 1 јануари, кој е неработен ден и паѓа во четврток. Веќе во петок, на 2 јануари, следи кратко враќање на работа, по што доаѓа викенд пауза. Понеделник, 5 јануари, е работен ден, а потоа следуваат 6 и 7 јануари, кога се празнуваат Бадник и Божиќ, кои се неработни денови. На работа повторно се враќа на 8 јануари.

Јануари не завршува тука со празниците. На 19 јануари, понеделник, се празнува Богојавление – Водици, кој е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Дополнително, за припадниците на српската заедница, неработен ден е и 27 јануари, кога се одбележува празникот Свети Сава.

Со ваквиот распоред, јануари нуди неколку можности за продолжени викенди и кратки одмори, што многумина веќе ги користат за планирање на слободното време.

Continue Reading

Македонија

Николоски најави иновативни инженерски решенија за автопатот Охрид–Кичево

Со примена на сложени инженерски решенија кои за првпат се користат во регионот, ќе се доизгради автопатот Охрид–Кичево, најави Александар Николоски. Тој истакна дека се решаваат вкупно 16 косини, од кои на 14 ќе се врши стабилизација со таканаречени галерии – метод што досега не е применет ниту во Македонија, ниту во поширокиот регион.

Според Николоски, ваквиот пристап ќе обезбеди долгорочна безбедност и стабилност на трасата, ќе ги намали ризиците од одрони и ќе овозможи конечно завршување на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјава. Проектот, како што нагласи, ќе придонесе за побрзо и побезбедно поврзување на југозападниот дел од државата и за зголемен економски и туристички развој.

Видеото може да го погледнете тука

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг