Магазин
НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Смрдеш е изгорено до темел, а 1.500 Македонци останале без куќи оти селото се сметало за најкомитско во Костурско
На денешен ден во 1903 г. аскер и башибозук го опустошила костурското село Смрдеш во Егејска Македонија, поради тоа што го сметале за најкомитско во Костурско, а во 1927 година Грција му го сменила името во Кристалопиги.
Од ова село потекнуваат војводите Васил Чакаларов (1874-1913), Пандо Кљашев (1882-1907) и Стерјо Стерјовски (1876-1905). Почнувајќи од 1900 г. жителите на селото, заедно со жителите на Д’мбени, играле водечка улога во борбите на Македонската револуционерна организација.
Поради тоа од Костур бил испратен засилен војнички одред за да го уништи Смрдеш. На 8 кон 9 мај 1903 г. на селото е извршен ѕверски напад од аксер и башибузок, поради тоа што населението ја криело четата на Борис Сарафов.
Во нападот се убиени 87 жители (45 мажи, 36 жени и 6 деца), запалени се 300 куќи, 2 училишта и 19 дуќани. Притоа ранети се уште 50 луѓе и 35 жени се силувани. Без покрив останале 1.500 жители.
Истата година селската учителка Викторија Михајлова од Прилеп го извезла знамето на Косинската чета. За време на Илинденското востание, селото е повторно ограбено, а многу негови жители се погубени.
Во 1903 г. во куќата на Иљо Истанин, револуционерот Лаки Поповски направил бомболеарница и склад, која по опожарувањето на селото ја преместил во Д’мбени.
Првиот бран на иселување на населението во САД, Канада и Австралија се случил по 1903 г. поради големото обездомување и страшните насилства врз населението. Во 1906 г. во Медисон, Илиноис доселениците од Смрдеш основале добротворно и просветно друштво, наречено „Пандо Кљашев“.
На почетокот на април 1908 г. властите извршиле рација на селото, вршејќи насилства и мачења. Според Ѓорѓи Трајчев, во 1911/1912 г. во Смрдеш имало 209 куќи со 989 жители и работело училиште со 3 учители. Според Георги Константинов Бистрицки, пред Првата балканска војна Смдреш имал 350 куќи, сите македонски. За време на Првата балканска војна, доста жители биле регрутирани за борба на бугарска страна.
Османлиски период
Смрдеш се смета за многу старо село. Според преданијата, настанало од доселеници од Девол (денес во Албанија), кои во Смрдеш се доселиле за да го избегнат малтретирањето од исламизираните Албанци и да ја зачуваат верата. Селото изворно се наоѓало во месноста Селиштето, но подоцна е изградено на друго место поради епидемија на чума. Се смета дека местото го добило името по минералниот извор Смрдлива Вода. Смрдеш првпат се споменува во документите од 1530 година.
Кон крајот на XIX век Смрдеш било прилично големо македонско село со незначителено малку гркомани кои ја воделе месната црква. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Смрдеш (Smrdesh) било село во Костурската каза со 460 домаќинства и вкупно 1.300 жители Македонци. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Смрдеш имал 1.780 жители Македонци. Во патописните пописи, Милош Милоевиќ го завел како село со 240 македонски куќи.
Во селото работеле две странски пропаганди – грчката и бугарската.
Според грчки податоци (поради тоа, сомнителни) во селото имало 190 семејства под врховенството на Цариградската патријаршија и 180 семејства под Бугарската егзархија. Бугарската пропаганда стекнала апсолутна превласт, така што во 1903 г. целото село преминало под врховенството на Бугарската егзархија, како и останатите костурски села.
Според податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. селото имало 2.360 жители, сите под егзархијата.
Припојување кон Грција
Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 1.488 жители. По Првата светска војна доста жители на Смрдеш се иселиле во Бугарија и во градот Лерин. Така, во 1920 г. населението се свело на 780 жители.
Вo 1927 г. грчката власт го преименувала селото во Кристалопиги, а во 1928 г. повторно се намалило, сега на 598 жители.
Населението на Смрдеш масовно учествувало во антифашистичките борби од 1940 до 1949 г. Селото дало повеќе жртви во Втората светска војна, за подоцна, за време на Граѓанска војна во 1949 г. да биде срамнето со земја од грчката монархистичка власт. Поради ова, сите жители се иселиле во Република Македонија и источноевропските земји, па така во 1951 г. е заведено како напуштено. Преселници имало и во Лерин и во Костур.
Подоцна, грчките власти тука населиле номадски влашки семејства од Теспротија и околината на Превеза, кои се населиле и во соседните напуштени македонски села како В’мбел, Косинец и Д’мбени. Така, во 1993 г. селото е заведено како чисто влашко.
Освен војводите Чакаларов, Кљашев и Стерјовски од Смрдеш потекнуваат повеќе личности кои оставиле белег во историјата. Меѓу нив се македонскиот лекар Гаврил Константинович (Гаврил Костадинов Тасев) (1881-1918), национален деец и учесник во Октомвриската револуција, Лазо Ковачевски – првоборец, Атанас Коровешов (1918-1945) комунистички деец, ракводител на НОФ, Ламбро Чолаков (? – 2001) македонски национален деец, член на Главниот одбор на НОФ за Егејскиот дел на Македонија и секретар на Окружниот одбор на НОФ за Костурско и Преспанско.
Факти за Смрдеш
Селото Смрдеш се наоѓа 51 км југозападно од Лерин и на 38 км северозападно од Костур, во подножјето на планината Орлово, во областа Корешта. Тоа е на надморска височина од 1.130 метри. Три километри од селото се наоѓа границата со Албанија и граничниот премин Смрдеш – Капештица.
Селото припаѓа на општинската единица Смрдеш со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Преспа, во округот Лерин. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Смрдеш, каде е единственото населено место. Во селото има четири цркви: „Свети Бессребреници“,„Свети Димитрија“ (1870), „Св. Ѓорѓи“ (1890) и „Успение на Пресвета Богородица“ (1970).
………………………….
Преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 624 0 364 309 265 213 573 314
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Магазин
САД се закани со жестоки мерки поради острата казна на ЕУ за X на Маск
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп упати предупредување за можни протумерки кон европските компании поради „дискриминаторни“ мерки против американските услуги.
Во објава на платформата X, Уредот за трговски претставници на САД (USTR) го обвини Европскиот сојуз и некои членки за „дискриминаторни и проблематични тужби, даноци, казни и директиви против американските услуги“. Во исто време, USTR посочи дека европските компании како Accenture, DHL, Siemens и Spotify „слободно работат“ во САД.
„Ако ЕУ и земјите членки инсистираат на продолжување со ограничувањата и дискриминирачките мерки, САД нема да имаат друг избор освен да користат сите расположливи алатки за да се спротивстават на овие неправедни мерки“, се наведува во соопштението.
Ова следува по казната од 120 милиони евра што Европската комисија ја изрече на платформата X на Елон Маск за кршење на правилата за транспарентност според Актот за дигитални услуги. По казната, X го укина акаунтот за реклами на Европската комисија, а Маск спореди ја Унијата со нацистичка Германија.
ЕУ нагласи дека казната е изречена поради обесхрабрување на корисниците, оневозможување на истражувачите да дојдат до податоци и недостаток на транспарентност во документацијата за реклами. Трамп претходно ја критикуваше казната, велејќи дека „Европа се движи во погрешен правец“.
Магазин
Влад Илиќ од Куманово: Најдобар стенд ап комичар во Велика Британија за 2025
Во „бастионот“ на светската комедија, култниот Comedy Store во Лондон, македонското знаме симболично се развеа на највисокото скалило. Во конкуренција на дури 700 комичари од целото Обединето Кралство, на 3 декември 2025 година, Македонецот Влад Илиќ ја понесе престижната титула „Најдобар стенд-ап комичар во Велика Британија за 2025“.
По првиот голем блесок на ББС пред три години, овој успех е круна на една десетгодишна фасцинантна транзиција. Патот на Илиќ започна како актер во Кумановскиот театар, каде што под влијание на домашните мајстори како Сашко Коцев и Тони Михајловски, почна да го бруси својот талент за подоцна да се лансира меѓу светските ѕвезди.
„Среќен сум што годините поминати на сцена се крунисани со ова признание. Тоа е потврда за сиот влог, но најмногу за хуморот кој е специфичен и веќе препознаен. Она што ме издвојува е нашиот менталитет – тој уникатен македонски ген кој ни овозможува на животот да гледаме малку понесериозно и пообјективно. Можеби во фудбал секогаш ќе губиме од Англичаните, ама во хуморот не ни можат ништо!“, вели расположениот Илиќ веднаш по триумфот.
Зад блескавиот пехар стојат илјадници непроспиени ноќи, аматерски настапи во зачадени клубови и неуморно пишување материјали. Влад денес е вистински полиглот на сцената, изведувајќи ги своите шоуа на четири јазици: македонски, англиски, српски и италијански.
„Ништо не е случајно во ваков натпревар,“ објаснува тој. „Ме грее љубовта кон професијата, поддршката од семејството и гордоста што ја претставувам мојата татковина. Тој пламен е посилен од студот на овој дождлив остров.“
Покрај статуетката, Илиќ доби и парична награда од 10.000 фунти. На прашањето каде ќе завршат средствата, тој во свој препознатлив стил одговори: „Ќе ги дадам во хуманитарни цели – на братучедите.“
Магазин
Конструирање и одржливост: како Samsung Galaxy S и Z сериите предничат во оваа област
Немаме резервна планета – нашата земја и вода мора да останат чисти и просперитетни за идните генерации. Одржливоста не е избор, туку обврска. Samsung ја разбира оваа одговорност и затоа ги создаде сериите Galaxy S и Galaxy Z, кои го застапуваат овој принцип. Овие врвни паметни телефони се повеќе од најсовремени уреди; тие се доказ за развој на технологија што ја почитува нашата планета. Ајде да погледнеме како Samsung ја комбинира извонредноста во конструирањето со одржливоста во своите Galaxy S и Z серии.

Galaxy Z серијата: Иновации со еколошко срце
Моделите Galaxy Z Fold7 и Flip7 се доказ за целосната посветеност на Samsung кон одржливостa без компромис во перформансите. Еве како овие уреди се конструирани за да бидат и моќни и еколошки прифатливи:
Рециклирани материјали: Fold7 и Flip7 содржат девет рециклирани материјали, меѓу кои пластика, стакло, алуминиум, кобалт, ретки природни елементи, злато, бакар, челик и литиум. Овој пристап го намалува еколошкото влијание од производството, а истовремено го задржува врвниот квалитет.
100% рециклиран кобалт и литиум: Батериите кај моделите Fold7 и Flip7 користат 100% рециклиран кобалт и литиум, што значително го намалува еколошкиот отпечаток.
Одржлива амбалажа: Амбалажата за овие уреди е изработена од 100% рециклирана хартија, со што се елиминира потребата од пластика за еднократна употреба и се поттикнува поодржливо искуство при пакување.

Slim Actuator технологија: Slim Actuator кај моделот Fold7 овозможува камера со високи перформанси во потенок форм-фактор, гарантирајќи дека иновациите не доаѓаат на сметка на дизајнот.
Ултра-високoгустинска печатена плоча: Во моделот Flip7 се вградени компоненти со висока густина, со што максимално се искористува внатрешниот простор и се намалува отпадот од материјали.
Компактен модул на камерата: Модулот на камерата кај Flip7 е унапреден за да биде помал, а притоа да ги задржи врвните перформанси, што ја потврдува способноста на Samsung да воведува иновации на одржлив начин.
Систем со двојна батерија: Системот со двојна батерија кај Flip7 нуди зголемување од 300 mAh во споредба со претходната генерација, подобрувајќи ги перформансите, а истовремено задржувајќи компактен дизајн.

Galaxy S серијата: моќ во комбинација со цел
Серијата Galaxy S25 ја продолжува традицијата на Samsung да ги спојува најсовремените технологии со одржливите практики. Еве како серијата S25 е конструирана за да биде и моќна и еколошки прифатлива за нашата планета:
Прилагоден Snapdragon® 8 Elite чипсет: Samsung, во соработка со Qualcomm, го унапреди Snapdragon® 8 Elite чипсетот, што резултира со подобрен квалитет на екранот, поголема ефикасност и подобрени перформанси на камерата – дури и во услови на слаба осветленост.
Рециклирани материјали: Серијата Galaxy S25 содржи рециклирани материјали, меѓу кои пластика, стакло, алуминиум, кобалт, ретки природни елементи, злато, бакар и челик, со што се придонесува за поодржлив животен циклус на производите.
Циркуларен синџир на снабдување со батерии: Серијата Galaxy S25 користи рециклиран кобалт од претходно користени Galaxy уреди или од батерии отфрлени за време на производството, со што се подобрува циркуларноста и се намалува електронскиот отпад.
Користење обновлива енергија: Samsung премина на 100% обновлива енергија во осум од десет фабрики за производство на мобилни уреди, вклучително и оние во кои се развиваат компонентите за серијата Galaxy S25.
Намалување на јаглеродниот отпечаток: Моделот Galaxy S25 Ultra емитува вкупно 48,9 kg CO₂ во текот на целиот свој животен век, според пресметките направени преку системот за процена на животниот циклус на производите на Samsung.
Зошто е ова важно?
Суштината на пристапот на Samsung кон конструирањето и одржливоста не лежи само во исполнување на потребите на денешницата, туку и во обликување подобро утре. Со користење рециклирани материјали, оптимизирање на потрошувачката на енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток, Samsung гарантира дека уредите од сериите Galaxy S и Galaxy Z не се само моќни, туку и одговорни.
Без разлика дали го истражувате иновативниот дизајн на склопливите уреди од Z серијата или модерната елеганција на S серијата, едно е јасно: Samsung е лидер во создавање технологија што е подеднакво одржлива и напредна.
Во последниот текст од оваа серија ќе се осврнеме на третиот темел на гаранцијата за квалитет на сериите Galaxy S и Z.
Трендинг
-
Црна Хроника4 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника4 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника4 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Македонија5 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Република1 day agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника17 hours agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника5 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника6 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица















