Connect with us

Економија

Колку заработија најголемите фотоцентрали во Македонија лани?

Меј Енерџи, ОСМ Солар и Фортис Енергетика се сопствениците на единствените големи фотоцентрали со моќност од над 50 мегавати кои активно работеа во текот на минатата година со производство на електрична енергија од обновливи извори. Сите три се во сопственост на странци – Меј Енерџи и Фортис Енергетика се на турски, а ОСМ Солар е на бугарски инвеститори.

Фотонапонската централа на Меј Енерџи во присуство на државниот врв почна официјално со работа во Новаци во септември 2023 како домашна инвестиција и најголема дотогаш на Балканот. БСЕМ Инвестмент на турскиот бизнисмен Ахмет Каган Јилдирим во август 2024 ја презеде од Шефшет Демировски. БСЕМ Инвестмент, како сопственик на Меј Енерџи, потоа прејде во сопственост на БСЕ Инвестментс – фирма од швајцарски Луцерн. Нови управители на местото на Јилдирим станаа турските државјани – Емир и Ерен Бахадир, а од оваа година директор е Кирил Илиевски.

Според податоците од Централен регистар, Меј Енерџи има приходи од 408 милиони денари во првата целосна година од своето работење. Тоа значи дека во 2024 приходите биле 6,6 милиони евра. Пријавената добивка е 2 милиони евра во првата активна година на работење. Задолженоста на Меј Енерџи како инвестиција е 20 милиони евра.

ОСМ Солар е во сопственост на познатата бугарска групација Реналфа и заедно со Фортис Енергетика ги менаџираат фотоцентралите со вкупна можност од 100 мегавати во јавно-приватно партнерство со државната ЕСМ. ОСМ Солар активно работеше во текот на целата ланска година, додека Фортис Енергетика почна со пробна работа во втората половина од 2024.ОСМ Солар има приходи од 6,7 милиони евра во својата прва година од работењето. Пријавените трошоци се 4,2 милиони евра, но нема јасни податоци за евентуалната добивка. Фортис Енергетика има две фирми, од кои едната прикажува 2,5 милиони, а другата 1,4 милиони евра приходи, иако фотоцентралата работеше само во помал дел од ланската година. Двете друштва на Фортис Енергетика имаат големи инвестициски трошоци и задолжени се со вкупно 40 милиони евра.

Двете јавно-приватни партнерства ЕСМ ги склучи пред четири години. Двете инвестиции на локацијата во кичевски Осломеј, кои веќе испорачуваат струја во мрежата и ја продаваат, покрај предвидените вложени 70 милиони евра, требаше да доведат и стотина работници од рударско-енергетскиот комбинат. Според договорот за јавно-приватно партнерство, ЕСМ на ОСМ Солар и Фортис Енергетика им фактурира од продадената, односно од произведената електрична енергија, по околу 18 отсто од пазарната вредност на струјата како надомест. Обврската на ЕСМ беше да го даде земјиштето за локација кај РЕК Осломеј, да обезбеди пристапен пат и да направи анализа за условите за производство и балансирање на енергијата.

Извор: faktor.mk

Advertisement

Економија

Најбарани професии во ЕУ – продажба, маркетинг и производство

Според податоците на Евростат за минатата година, најголема незадоволена побарувачка за работна сила во Европската унија имало во професиите поврзани со продажба, маркетинг и производство. Ова укажува на можни тешкотии за работодавачите при регрутирање на персонал во овие сектори.

Според експерименталната статистика, составена делумно преку податоци од онлајн огласи за работа, највисоки стапки на слободни работни места биле забележани кај работници во производство и помошни канцелариски работници, со стапка од 7,3% секое. Следуваат други работници во продажба со 6,1% и уметнички, културни и кулинарски соработници со 6%.

Дополнително, околу 5,8% од непополнетите позиции се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери за малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на постројки и машини и 5% на инженерски професионалци, со исклучок на електротехничките профили.

Евростат истакнува дека иако здравствените работници и наставниците, како и други занимања во јавниот сектор, исто така може да се соочат со тешкотии при регрутирање, тие поретко се рекламираат онлајн, па затоа во податоците се рангирани пониско. Од друга страна, ИТ професиите може да бидат претставени со поголема застапеност во онлајн огласите за работа.

Continue Reading

Економија

Хрватска ги менува правилата за странски работници – еве колку дозволи има за Македонците

Хрватска воведува нови услови за вработување на странски државјани со цел подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и спречување на нелегалните практики. Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени критериуми и барање за познавање на хрватскиот јазик, информира ХРТ.

Граѓанин на трета земја, како Македонија, за прва дозвола за привремен престој ќе мора да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, познавањето на хрватскиот јазик се смета за основа за интеграција на странските работници, а државниот секретар Иван Видиш посочи дека и покрај кофинансираното учење јазици од Европскиот социјален фонд, интересот кај работниците е слаб.

Хрватска годинава издаде над 11.000 работни дозволи за граѓани од Македонија. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека во последните две години се создадени 100.000 нови работни места, а бројот на невработени паднал на 81.000, што го покажува ефектот од активната политика за вработување.

Министерот за труд Марин Пилетиќ додаде дека во земјата моментално има околу 140.000 странски работници, а измените на законот ќе го намалат бројот на нови дозволи, додека ќе се зголеми значењето на оние кои веќе се наоѓаат во Хрватска.

Претседателот на GSV, Иван Мишетиќ, посочи дека во наредните пет години ќе бидат потребни над 100.000 работници од странство поради планираниот раст и пензионирањата, бидејќи домашниот пазар не може да го задоволи овој раст.

Continue Reading

Економија

Од вечерва нова цена на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,60% во однос на одлуката од 18.12.2025 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,631%, кај дизелот за 4,633%, кај екстра лесното масло за 3,987% и кај мазутот зголемувањето е за 0,223%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1645%.

Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар);
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар);
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар);
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар);
– Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм).

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг