Connect with us

Македонија

Книга со вистината за прогонувањето на Македонците во Бугарија и копретседателот на „ОМО Илинден“ Пирин, Стојков во „Матица македонска“

Mногуминa од прогонетите од Бугарија поради нивната македонска самосвест во периодот на комунизмот си заминаа без некој да ги запише нивните спомени. Жртвите Македонци од прогоните се илјадници. Колку илјадници – не се знае. Ако во 1956 г., на последниот слободен попис, бројот на Македонците бил 187.000, денес тој официјално е околу 1000, но дури ниту тие 1000 не се признати и немаат малцински права. Но, денес, вистината веќе не може да се крие – објавена е во книга со спомени и со документи од бугарските судови, служби за безбедност и други бугарски институции, во издание на „Матица македонска“. Фактите се изнесени на виделина со обемен материјал во книгата „Табу – време на страв и страдање“ од копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин и борец за правата на Македонците во Бугарија, Стојко Стојков. Сведоштво за повеќедецински репресии, дискриминација, маргинализација и асимилација на дел од еден народ – македонскиот. Бугарските историчари покажаа завидна неподготвеност да ја слушнат оваа страна на повеќедеценискиот спор, страната на жртвите. Нивните напори беа насочени точно во обратен правец – да докажат дека не постои такво малцинство. Таквите напори, денес се чинат залудни, затоа што за новите генерации, објавена е сета вистина, во новото издание на „Матица македонска“.

Утре, 14 мај, Стојко Стојков ќе гостува на манифестацијата „Книга во секој дом“. Со почеток во 19 часот, утре, книгата со сведоштва за прогонувањето на Македонците од Бугарија во периодот на комунизмот ќе биде промовирана во книжарницата на „Матица македонска“ на булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на книгата ќе биде Богдан Илиевски – Бетмен Велит.

Во разговор со Стојков, на промоцијата ќе бидат отворени прашања за податоци што досега не ѝ биле многу познати на македонската јавност – од периодот по Втората светска војна па сѐ до стапувањето на демократијата кога и натаму негирањата се на сила.  Вклучително и за периодот по пленумот на ЦК БКП, одржан на 11 и 12 март 1963 година. кога Тодор Живков прогласува дека „Населението од Пиринско е дел од бугарската нација“, поврзано и со тогаш новата политика на притисок и манипулации при пописите и со кампањата за промена на пасошите и за задолжителното запишување во нив на Македонците како „Бугари“ против нивната волја. Но и за сето она што следеше потоа со засилена пропагандна и асимилаторска кампања, раководена од највисоко ниво, со цел да се убеди населението, но и светот дека Македонците како нација, јазик и историја не постојат. Податоците објавени во книгата, меѓу другото овозможуваат јасен увид и како еволуирал државниот бугарски антимакедонизам во периодот на комунизмот.

Ова е табу тема во Бугарија, врз која тежи клетвата на диктаторот Живков дека во Бугарија, македонско малцинство „нема и не може да има“. Причините се идеолошки и лични. Без да прават што и да било, со самото свое постоење, Македонците ги ставаат под сомнеж клучните национални митови во Бугарија. Други направија кариери против Македонците, стотици преку предавањето на својата македонска самоопределба. Да признаат дека Македонците постојат како нација за такви значи да признаат дека самите се предавници и дури монструми. Затоа. репресијата врз луѓето кои се идентификуваат како Македонци е табу тема. Табу, поставено да заштитува една лага и многу престапи. Официјална политика, којашто ги одбележа животите на повеќето Македонци, но никогаш за добро. Лагата продолжи и по доаѓањето на демократијата, дури и се разгранува, додека порасна до таму да ја уценува Македонија на нејзиниот европски пат и да бара промена на идентитетот на македонската нација, напоменува Стојков.

На промоцијата во „Матица македонска“, присутните покрај тоа што ќе можат да ја добијат книгата со посвета и самите ќе можат да поразговараат со Стојков, да отворат и нови прашања и да добијат информации што преходно не им биле достапни.

Инаку, Стојко Стојков е историчар, доктор на науки и редовен професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а уште на додипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје е избран за студент по историја дипломиран со највисок просек за соодветната година. Меѓу другото, од 1994 до 1998 г., два мандати бил претседател и еден мандат секретар на Студентско друштво на Македонците од Р. Бугарија. До сега соработник и уредник на повеќе медиуми, вклучително и главен уредник на билтенот „Македонски глас“ во периодот од 2005. До 2015 година. Автор е на неколку научни книги и на десетици научни трудови објавени во меѓународни и домашни научни списанија.  

Манифестацијата „Книга во секој дом“ трае до 15 мај, а покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст  до 70 проценти. 

Advertisement

Македонија

Камерите на „Сејф Сити“ ќе имаат толеранција: Познати деталите за казнувањето

Толеранцијата при мерење на брзината кај камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде целосно усогласена со онаа што веќе се применува кај полициските радари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Тошковски појасни дека ќе важи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, 8 километри на час за брзини над 100 км/ч и 12 километри на час за брзини над 200 км/ч. Оваа толеранција, како што истакна, се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.

Министерот нагласи дека системот „Сејф Сити“ ќе ги процесуира и службените возила доколку тие не се користат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Возилата на итната медицинска помош, пожарната, МВР и Министерството за одбрана нема да бидат предмет на санкции само доколку брзото возење е оправдано со нивната службена задача.

„Кога службените возила постапуваат во рамки на своето оперативно делување, нема да бидат санкционирани. Но, доколку нема оправдана причина за брзо возење, казните ќе важат и за нив“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека системот ќе изрекува казни исклучиво во случаи на нерегуларно управување со моторно возило, кога употребата на службеното возило не е во согласност со законските и оперативните правила.

Воведувањето на „Сејф Сити“ отвори и поширока јавна дебата за законските и практичните аспекти на системот, неговата ефикасност и дилемата дали мерката е пред сè насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот или има и фискална димензија – тема што, според најавите, ќе остане актуелна и во наредниот период.

Continue Reading

Македонија

Наставници без факултет предавале во Ростуше, Велебрдо и Требиште

nastavnik

Гостиварската полиција поднесе кривична пријава против 64-годишниот А.С. од село Ростуше, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Како директор на основно училиште во своето село, тој, според истрагата, овозможил вработување на наставници без потребните квалификации.

Според Државниот просветен инспекторат, кој на 19 септември 2025 година извршил инспекциски надзор, настава на учениците во Ростуше, Велебрдо и Требиште предавале лица кои не ги поседувале законски утврдените студиски квалификации. Ова, според законот за наставници и стручни соработници, ги прави неспособни да извршуваат наставни обврски.

Обвинението тврди дека директорот намерно ги злоупотребил своите овластувања, дозволувајќи на нестручен кадар да работи со ученици, што претставува сериозно кривично дело и може да има долгорочни последици врз образовниот процес во овие села.

Continue Reading

Македонија

Дали навистина цијанид ги однел животите? Родителите се сомневаат, обвинителството тврди: нема причина за нова обдукција

Смртта на децата загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува да буди сомнежи и прашања кај семејствата на жртвите. Родителите тврдат дека обдукцискиот извештај, кој го утврдува јаглеродниот моноксид како причина за смртта, не е доволен и отворен е простор за дополнително, независно вештачење. Особено, тие се сомневаат дека цијанидот ослободен при согорување на токсичните материјали во таванот можеби бил клучниот фактор за брзата смрт на нивните деца.

„Цијанидот е можен, но нема анализи. Има сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, а тоа го остава прашањето за вистинската причина за смртта на нашите најмили отворено“, вели Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.

Според него, иако обдукцискиот наод утврдил присуство на јаглероден моноксид, останатите токсиколошки анализи се уште не се доставени до семејствата. „Дали е направена конкретна анализа за цијанид и други отровни гасови во телата? Обдукцискиот извештај го остава тоа неодговорено“, додава Наунов.

Од Основното јавно обвинителство, сепак, велат дека нема причина за дополнителна обдукција или ексхумација. Според нив, вештачењата на Институтот за хемија и МВР-ОФИ веќе потврдија веројатност за ослободување на цијанидни гасови при согорувањето на материјалите во клубот. Исто така, судската медицина утврдила дека дополнителна кислородна или друга терапија немала да го промени исходот, бидејќи покрај јаглеродниот моноксид, кај жртвите биле присутни и цијаниди и термички оштетувања на дишните патишта.

Сепак, семејствата остануваат незадоволни. „Имаме три неспорни факти: ослободување на цијанидни гасови, обдукциски наод кој наведува само јаглероден моноксид како причина, и признавање дека останатите токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Без тие податоци, не можеме со сигурност да тврдиме дека причината за смртта е точно утврдена“, изјави Наунов.

Обвинителството, од своја страна, потенцира дека материјалите кои произведувале отровни гасови биле вградени уште од отворањето на клубот во 2012 година, а тоа влијаело врз определувањето на обвинителниот акт и опсегот на обвинетите.

Судењето продолжи со воведните зборови на обвинетиот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, Александар Нацев. Тој тврди дека е жртва на медиумски линч и обвинувања, а дека државните органи за превенција и надзор се тие кои носат главна одговорност. „Дури и Орвел би позавидел на оваа конструкција“, рече Нацев, алудирајќи на, како што вели, политизирано префрлање на вината.

Во следните фази од судењето се очекува испрашување на сведоци и детално разјаснување на околностите на трагедијата, кои семејствата ги сметаат за неодговорени и клучни за воспоставување на вистината.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг